![]()
Свети Серафим Многустрадалниот од манастирот Самбата е еден од шеснаесетте современи светители што неодамна беа канонизирани од Романската Православна Црква. Неговиот спомен се празнува на 20 декември.
Како треба да се молиме?
Ние, христијаните, треба да бидеме војска од луѓе што се молат. Токму по молитвата христијаните од првите векови се разликувале од незнабошците, а по неа и денес верниците се разликуваат од неверниците. Каква што е нашата молитва — силна или слаба — такво е и нашето христијанство.
Молитвата е уметност. Таа бара многу труд и истрајност. Молитвата бара собран ум, чистота и побожна подготовка. Токму тоа им недостига на многу луѓе денес. Современиот свет, со својата постојана врева, нетрпеливост и нервоза, му го нарушува времето за молитва на несреќниот човек, кој станал плен на таканаречената „цивилизација“.
Во брзањето да ги исполниме своите желби, забораваме да го побараме духот на вистинската молитва. Затоа не знаеме ниту како да се молиме ниту што да бараме. Со своите непромислени прозби го губиме духот на вистинската молитва и го прекинуваме полетот на душата кон Бога.
Не дозволувај злото да расте, туку погрижи се навреме да ги обновуваш силите на својата душа, бдеејќи со сето внимание над својот духовен живот. Зашто секоја болест, телесна или духовна, најнапред се раѓа во умот.
Таканаречениот „современ“ човек има толку многу време за работа и забава, а толку малку време посветува на молитвата. Некогаш луѓето живееле многу потежок и понапорен живот од нашиот, но колку и да биле зафатени, тие го исполнувале своето молитвено правило.

Божјото молчење
Раката Божја, која се грижи за нас, не се покажува секогаш. Бог се сокрива, а потоа повторно ни се открива, за подобро да Го познаеме и да ја почувствуваме Неговата закрила во својот живот. Неговото долго молчење им дава уште поголема вредност на Неговите зборови.
Кога ќе дојде денот во кој дејствува раката Божја, таа толку силно ја потресува нашата душа, што ја чувствуваме Неговата моќна рака во длабочината на своето битие. Во таквите благословени мигови треба да молчиме и да ја умножиме својата молитва. Стоиме пред Него.
Токму во оваа вера се состои величието на нашиот живот: Добриот Бог никогаш не нѐ заборава. Безбројните милиони луѓе што умираат и на кои никој повеќе не се сеќава, Бог ги знае и ги гледа.
Светоста не е празнична облека, туку секојдневен труд. Затоа, да бидеме ревносни во исполнувањето на Божјите заповеди, размислувајќи секој ден што треба да направиме за да го искорениме гревот и да ја умножиме добродетелта — во слава Божја.
Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев