![]()
Отец Василиј Термос
За еден значителен дел од верниците во Црквата, сексуалниот живот и учеството во Светата Причест сè уште претставуваат две неспоиви нешта, се разбира, со соодветно богословско оправдување за таквиот став.
Загрижувачки голем број жени, кои активно учествуваат во црковниот живот и извршуваат одговорни должности во Црквата, биле воспитувани со цврсто уверување дека жената која има сексуални желби е непристојна и неморална. Соодветно на тоа, така и живееле, а природно, на истиот начин ги воспитувале и своите деца.
Тие честопати прашуваат дали постои обврска за воздржување од сопружнички односи за време на постите, дури и кога таквото воздржување е еднострано. Во себе, всушност, се надеваат дека ќе добијат потврден одговор, бидејќи тие самите тоа воопшто не го доживуваат како воздржување. Притоа, не се свесни дека длабоко во себе го сметаат сексуалниот живот за грев, дури и во деновите кога сопружничките односи се дозволени.
Нивното лично, самостојно изградено „богословие“ нивните сопрузи честопати погрешно го разбираат како вистинско учење на Црквата. Како последица на тоа, тие постепено се оддалечуваат и воопшто не сакаат да имаат ништо заедничко со една таква Црква.

Овие различни ставови и сфаќања се пренесуваат од поколение на поколение преку воспитувањето, веронауката и пастирското раководење.
Така, помладите поколенија постепено се учат дека во човечкото тело постојат делови кои се помалку свети од другите; дека една природна телесна функција ја прави жената нечиста; дека само мажите имаат право да влегуваат во светиот олтар; дека идеалот на брачната заедница треба да биде своевидна машина за раѓање деца; дека подобри луѓе пред Бога се оние кои успеваат поуспешно да ги контролираат своите нагони и чувства; дека во светот постојат добри и лоши луѓе (при што, колку е поостра поделбата, толку полесно се уверуваме себеси дека припаѓаме меѓу добрите); дека во меѓучовечките односи треба да се спроведува правда; дека Грците, од некакви непознати причини, и понатаму се Божји миленици, и така натаму.
Поради ваквите лични, самоволно изградени богословски сфаќања, се доведува во прашање и самото Православие на секого од нас.
Воопшто не е ретка појавата човек кој според својата вероисповед е православен, да се справува со чувството на вина според образецот на средновековниот римокатолицизам, да ја истакнува својата индивидуалност на протестантски начин, да се однесува кон своите желби на будистички начин, да покажува фанатизам на исламски начин, да се чувствува како припадник на избран народ според еврејскиот образец, да се собира со други следбеници околу некаков гуру, и така натаму.
Многу често, нашите аргументи за некое општествено или духовно прашање, па дури и самиот начин на размислување врз кој тие се засноваат – а тоа е најлошото – сосема слободно би можеле да му припаѓаат и на човек од некоја друга религија.
Извор: „Ἐκ τῆς αὐλῆς ταύτης“ („Од овој двор“) – Текстови на црковна критика, издавачка куќа „Армос“, 2001 година.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев