![]()
Монах Пимен Светогорец (Влад)
Има периоди во животот, драги мои, кога се молиме, а ни се чини дека ништо не се менува. Бараме помош за некоја болест, за проблем во семејството, за некоја мака што долго време нè притиска… Деновите минуваат, а одговорот што го очекуваме никако да дојде. И тогаш почнуваме да се вознемируваме. „Господи, дали сè уште ме слушаш? Зошто не ми помагаш?“ Но, да не се срамиме од ваквите прашања. Луѓе сме, имаме слабости, а понекогаш болката ни го помрачува расудувањето. Сепак, да не ја мериме Божјата љубов само според тоа колку брзо се исполнуваат нашите желби.
Да се потсетиме дека и Спасителот, во Гетсиманската градина, се молеше во страдање, велејќи: „Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата!“ Колкава длабочина имаат овие зборови! И ние да го бараме она што ни е потребно, но да оставиме простор и за Божјата волја. Тоа не значи дека треба да седиме со скрстени раце. Кога сме болни, да одиме на лекар. Кога имаме проблем, да бараме решение. А кога ни е тешко, да побараме помош и поддршка.

Верата не нè ослободува од сите искушенија, но ни помага да не ги носиме без надеж. Понекогаш одговорот доаѓа на поинаков начин од оној што сме го замислувале. Другпат, пак, треба да чекаме, без да разбираме зошто. Но, да не дозволиме тоа чекање да нè оддалечи од Бога. Едноставно да речеме: „Господи, не разбирам сè што ми се случува, но помогни ми да не се оддалечам од Тебе“. И да продолжиме понатаму, со молитва, со трпение и со доверба во Неговата милост.
Превод од руски: Свештеник Јани Мулев