![]()
Младиот Александар Шмеман, додека живеел во Париз, најнапред бил студент, а потоа и помлад колега на еден од најавторитетните православни богослови на ХХ век – Владимир Лоски.
Шмеман го сакал животот во сите негови пројави: уживал во добра храна, кафе, литература и музика. Лоски, пак, понекогаш изгледал како жива „богословска шема“: земниот свет за него како да постоел само условно.
Отец Александар се сеќавал како еднаш заедно ручале во едно париско кафуле. Шмеман со воодушевување јадел некое прекрасно француско јадење и не престанувал да го фали готвачот.
Лоски, кој механички ја џвакал својата салата, го погледнал со искрено академско недоумение и го прашал:

„Александар, не разбирам како човек што пишува дисертација за византиската литургика може да доживува толку силни егзистенцијални чувства поради едно парче печено месо? Тоа е само белковина изменета со термичка обработка.“
Шмеман се насмеал од сѐ срце и му одговорил:
„Владимир Николаевич, ако Господ размислуваше како вас, ќе го создадеше рајот како библиотека, а не како градина со јаболка!“
Лоски за миг се замислил, па сосема сериозно рекол:
„Библиотеката би била пологична“.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев