Дали нашите слабости се прикриваат под маската на добродетелите?

Spread the love

Loading

Никита Кафкиос, психолог

Можеби покажуваме големо трпение, попуштаме, простуваме, се грижиме за другите и несебично даваме. Ако некој нè праша зошто го правиме тоа, ќе одговориме: „Го правам тоа од љубов. Сакам да им помагам на другите“.

И навистина, можеби е така. Но, понекогаш, заедно со љубовта, во нас се присутни и несигурноста, стравот од отфрлање, потребата да бидеме прифатени или неспособноста да кажеме „не“.

Можеби уште од мали сме научиле дека, за да бидеме сакани, треба да бидеме добри деца, да не се противиме, да не бараме ништо и никому да не пречиме. Растејќи, сме се навикнале да се грижиме за другите, честопати заборавајќи да ги слушнеме сопствените потреби.

Така, попуштањето може да личи на смирение, молчењето на кротост, а жртвувањето на љубов. Сепак, истото однесување може да произлегува од сосема различни побуди.

Важно е да го препознаваме она што се случува во нас, без притоа да се обвинуваме себеси, но и без да се залажуваме дека сме нешто особено.

Тоа не значи дека нашата љубов е лажна. Можеме вистински да љубиме, а истовремено и да се плашиме. Можеме великодушно да даваме, а воедно и да бараме признание од другите.

Самопознанието ни помага да ги разбереме овие испреплетени побуди и да се трудиме да го надминеме сето она што ја ограничува нашата слобода.

Не е неопходно да бидеме совршени за да љубиме. Доволно е да бидеме подготвени да ги препознаваме своите слабости и да се трудиме да ги надминуваме.

Да не го обезвреднуваме секое наше добро дело само затоа што во него откриваме и егоцентрични побуди. Но, исто така, да не го нарекуваме духовна добродетел секое наше добронамерно попуштање.

Нашата љубов е вистинска, дури и кога во себе содржи извесна незрелост.

А преку самопознанието, освестеноста и самозаштитата, можеме постепено да се научиме да љубиме послободно, без притоа да се повредуваме себеси.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!