![]()
Отец Саватиј Баштовој
Прашање:
Отче, како да ги убедиме луѓето што се соблазниле од свештенството повторно да одат во црква?
Отец Саватие:
Да Го оставиме Бога да дејствува во нив. Луѓето што се соблазнуваат страдаат од гордост. Треба да Му се молат на Бога да ги ослободи од гордоста и да им дарува смирени помисли. Ќе ви раскажам еден пример од својот живот за смирените помисли.
Бев ѓакон и не бев ништо подобар одошто сум сега. Во тоа време мислев дека сум многу умен. Живеев во Јаши и една сабота одев да служам на Вечерната богослужба во црквата „Свети Три Ерарси“.
Попатно застанав накратко кај сестра ми, која живее во Јаши. Во близина на нејзиниот дом имаше мала црква. Кога поминував покрај неа, го видов тамошниот свештеник како излегува од храмот, придружуван од жена на околу триесет години, која гласно се смееше и беше силно нашминкана.
А бидејќи себеси се сметав за многу смирен човек и ревносен монах, во умот си помислив:
„Ах, погледнете го овој свештеник покрај женава што толку гласно се смее… Другите можат да се соблазнат!“
Поминав покрај свештеникот мислејќи дека не треба дури ни да го поздравам, бидејќи тој е еден од оние свештеници што ги соблазнуваат луѓето, разговарајќи и смеејќи се со некоја жена среде бел ден.
Кога му се приближив, свештеникот ми рече:
„Како си, брате? Каде ќе служиш вечерва?“
И сакаше да ме прегрне. А јас си помислив:
„Каков е овој човек? Па дури и здивот му мириса на вино! Вака ли ќе ги привлекуваме луѓето во Црквата?“
Но свештеникот ме прегрна со голема љубов и ми рече:
„Дојди во мојата црква, да служиме заедно“.
Јас му одговорив:
„Не можам, отче. Треба вечерва да служам во ,Свети Три Ерарси‘“.
Како служењето во таа мала црква да беше под моето достоинство!
Моите помисли беа помисли на безумен човек. Но погледнете што се случи: свештеникот, со совршена љубов и сила, цврсто ме прегрна и ми рече:
„Добри помисли, отче!“
Потоа секој продолжи по својот пат. Тогаш одеднаш се освестив и сфатив што сум направил. Тој човек беше свештеник на Живиот Бог. А Бог му дарувал да ја види целата моја внатрешна состојба, целото мое безумие.
Бог беше милостив кон мене и не ме остави во таквата состојба. Преку него Бог ми рече:
„Добри помисли, отче!“
За такви добри помисли се молиме и во молитвата на свети Ефрем Сирин — го бараме духот на смиреноумие. Ако имаме смирени помисли… Ах, колку светост ќе гледаме во секого!

Кога би можел да се спасам по молитвите на тој свештеник…
Вистина ви велам: луѓето што се соблазнуваат носат расипаност во себе.
Бог нека ни дарува на сите да го разбереме ова:
„Да, Господи Цару, дарувај ми да ги согледувам своите прегрешенија и да не го осудувам братот свој, зашто си благословен во вечни векови. Амин“.
А што тогаш да кажеме за луѓето што ги осудуваат свештениците? Ах, блажени се оние што се ослободиле од тоа!
Знаете ли како тие го гледаат светот? Секогаш се радуваат. Знаете ли колку сакаат да скокнат од радост кога ќе видат свештеник? Ах, не знаете колкава радост чувствуваат — како да Го виделе Самиот Бог! Зашто Бог им дарувал добри помисли.
А знаете ли колку благослови добиваат поради тоа? Тие веќе живеат во Царството што треба да дојде!
Вистина ви велам: Бог нека ни го дарува овој духовен поглед! Но сѐ започнува со тоа да не зборуваме лошо.
Никогаш да не веруваме во лошото. Дури и ако видиме нешто лошо, никогаш да не им го кажуваме на другите. Тогаш Бог ќе ни дарува добри помисли, ние ќе бидеме радосни и ќе ги радуваме другите.
Тоа е она што можам да го кажам за луѓето што се соблазнуваат од свештенството.
Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев