Да научиме да сакаме

Spread the love

Loading

Отец Василиј Термос

Кога почнав приватно да работам како психијатар, кај мене дојде една млада девојка, кај која можеше да се забележи дека има сериозно психичко нарушување, иако во почетокот тоа не беше сосема јасно, бидејќи зборуваше со двоумење.

Во еден момент, откако ми откри неколку многу важни работи, одеднаш ми рече:

„Ова никој друг не го знае, само Вие. Затоа сега морам да Ве убијам!“

Се обидов да ја зачувам присебноста и ја испратив надвор, каде што ѝ најдов такси за да си оди дома. Потоа телефонски разговарав со нејзините родители и предложив соодветна терапија со лекови, но им препорачав болничко лекување како најдобро решение. Така и постапија.

За среќа, девојката не дошла со однапред подготвена намера да го направи она што го кажа, туку таквата мисла ѝ се појавила во тој момент…

Особен впечаток ми оставиле луѓето што одвреме-навреме доаѓале кај мене, образовани личности, најчесто на средна возраст, кај кои се разбудил интерес за верата без некакво видливо влијание од пријател, роднина или свештенослужител.

Навистина, се чини дека некои луѓе имаат особено силна потреба да бараат одговори на суштинските прашања за човечкото постоење, па така, преку своето лично трагање, доаѓаат до Бога. (Се разбира, никогаш не сме сами, бидејќи Божјата благодат постојано нè придружува.)

Затоа, она што го бараат овие луѓе е поддршка и духовно раководење на нивниот нов животен пат.

Еден човек, кој потекнуваше од семејство со левичарски убедувања, самиот го открил богословието и почнал посветено да го изучува.

Една друга жена, која пораснала во многу конзервативна црковна средина, ја прашав како успеала, од револт кон таквото воспитување, да не Го отфрли Бога. Таа ми одговори:

„Отсекогаш верував дека Бог не е таков каков што ми Го претставуваа“.

Со други зборови, Божјите патишта се неисповедливи и неочекувани…

Вистински пример за душевна издржливост и силна волја беше еден млад човек што ме посети пред неколку години.

Татко му починал кога имал само пет години, а мајка му кога наполнил осумнаесет! Останал да живее со својот брат и со неколку чичковци, стриковци и тетки.

Успеал да закрепне од депресијата, ги завршил студиите, продолжил со постдипломски студии во странство, надминал и некои други психијатриски проблеми што се појавиле, и на крајот почнал да работи.

Истовремено, изучувал најразлични области, бидејќи поседувал исклучителни интелектуални способности.

Но, она што е особено вредно за восхит е фактот дека среде сите тие животни бури и тешкотии успеал да ја зачува живата вера и грижата за својот личен однос со Христос.

Еден од најтажните случаи на кои се сеќавам беше случајот на еден млад човек со сериозни психички нарушувања, кој пред да дојде кај мене веќе три или четири пати се обидел да си го одземе животот.

Извесно време работевме заедно на неговото лекување, но одеднаш повторно се обиде да се самоубие, скокајќи од балкон.

Беше примен на одделението за интензивна нега, во бессознание.

Отидов да го посетам и го прекрстив со мошти од светители.

Токму тој ден, за првпат по несреќата, почна да ги придвижува своите екстремитети.

Закрепна, но, за жал, подоцна сепак си го одзеде животот, во период кога беше под надзор на друг психијатар.

Особен впечаток ми остави и една случка што сум ја раскажувал и на мои предавања.

Едно четиригодишно момченце одеднаш ја прашало мајка си:

„Мамо, зошто живееме?“

Мајката била затечена од прашањето и за миг останала без зборови.

Потоа му одговорила:

„За да научиме да сакаме“.

Не би можел да дадам подобар одговор.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!