„Како свети Софијан ме научи да се молам“

Spread the love

Loading

Сведоштво на монахињата Мина од манастирот Христијана, Романија

Отец Софијан честопати ми велеше:

„Навикнувај се на смирение, сестро! Тоа навистина ќе ти биде од полза! Му носи мир на твоето срце. Добро е никогаш да не се истакнуваш и воопшто да не бидеш во прв план. Ако во срцето нема смирение, залудно ја носиш монашката облека. Бог ни дал слобода да го правиме она што го сакаме, но гордоста нѐ расипува“.

Во друга пригода отецот ми рече:

„Постојано велиш: ,Не можам повеќе!‘ Тоа не е добро! Моли се со покајание! Кога бев во затвор, работев на Каналот и превезував товар со количка. Врнеше, имаше многу кал, а тркалото се заглави во неа. Некои од затворениците беа помлади и посилни, па јас заостанав далеку зад нив и веќе не можев да ја помрднам количката. Тогаш извикав во срцето: ,Господи, помогни ми! Господи!‘ Во истиот миг војникот што одеше покрај мене ми рече: ,Оди по сувата страна!‘ Обично не смееше да се одвоиш од групата, зашто ќе те сметаа за бегалец, а војниците имаа наредба да пукаат. Но Бог веднаш ми одговори на овој начин“.

Откако се исповедав кај отец Софијан, одев по улицата со елки што водеше кон Народниот дом и се чувствував како да сум на небото. Не ја слушав вревата ниту метежот на светот. Во моето срце владееше потполна тишина и можев да гледам на светот во поинаква светлина, со големо милосрдие.

Во почетокот на деведесеттите години од отец Софијан побарав благослов да се запишам на Одделот за византиска музика при Конзерваториумот. Отецот ми испрати писмо во кое напиша:

„Не ми се допаѓа помислата да се запишеш на Конзерваториумот. Не навраќај се повторно на неа. Што ќе постигнеш со тој Конзерваториум, освен да се возгордееш дека пееш поубаво од другите монахињи? (…) Не те спречувам, но ниту те охрабрувам“.

Следниот ден отидов кај отец Софијан. Тој веднаш стана од својата работна маса и ме пречека со насмевка.

„Не ми се налути?“, ме праша шеговито, покажувајќи ми да седнам.

Потоа додаде:

„Не мислам дека Конзерваториумот на кој било начин ќе го збогати животот што си го избрала. Постепено ќе почнеш да живееш сѐ посветовно; нема да имаш време ни за молитва и, којзнае, можеби сосема ќе се откажеш од овој живот. На крајот ќе почнеш да ги презираш оние што ја носат истата монашка облека како тебе.

Ѝ се молам на Пресвета Богородица да те сочува таква каква што си сега, во овој миг. Во манастир си стапила од ревност и, по Божјата милост, имаш добри особини, па би ме болело да видам како ги губиш.

Ова е моето мислење: откажи се од сите световни планови и бори се со целото свое битие да Му се приближиш на Бога, зашто токму заради Него си дошла во манастир. Ако сакаш да учиш музика, направи како што ти реков: обиди се сама да прочиташ нешто од византиската музика и ќе видиш колкава радост ќе почувствуваш кога ќе успееш сама!“

Отец Софијан зборуваше, а јас го слушав и чувствував како целото мое срце се менува и станува лесно како пердув. Одеднаш почувствував толкав мир и таква радост, како и силна потреба да се молам, да ја кажувам Исусовата молитва. Конзерваториумот, за кој сонував целиот свој живот, во еден миг исчезна како чад.

Само оние што го запознале отец Софијан можат во целост да разберат за што зборувам. Клекнав, побарав благослов од отецот и ветив дека, со Божја помош, ќе покажам послушание.

Го видов отец Софијан како се радува како дете. Неговото ведро лице и неговите очи ги одразуваа чистотата и радоста на срцето. Полека стана, се прекрсти, длабоко се поклони пред иконата на Спасителот, Му заблагодари на Бога, а потоа ме благослови.

Еднаш, додека се исповедав, отец Софијан ми покажа како ја кажува умносрдечната молитва. Ми објасни вака:

„Погледни ме. Два прста од десната рака ги држам на градите, а левата рака ја потпирам на коленото. Двата прста се тука, над телесното срце. Но кога се молиме, не мислиме на телесното срце, туку на духовното средиште на нашето битие — него треба да го бараме. Сега погледни ме…“

Го погледнав. Токму тогаш, за време на Светата Тајна Исповед, отецот почна да ја кажува умносрдечната молитва. Бог ми е сведок! Лицето на отецот светеше како лице на човек низ кого минува Светлината…

Во последниот период од неговиот живот честопати го гледав како плаче. Мислам дека Бог сака човекот да стане свет уште за време на својот земен живот, особено пред смртта. Но таквата светост бара уште поголема жртва од оние што се осветуваат — преку простувањето и трпеливото носење на својот крст.

Кога отец Софијан се упокои во Господа и неговото тело беше положено во храмот на манастирот Антим, забележав дека старите православни верници му се молеа како неговиот ковчег да е кивот со свети мошти. Ги слушав како велат:

„Отче Софијане, прости ми за сѐ и помогни ми со своите молитви!“

Или:

„Отче, моли се за нас!“

Се сеќавам на едно младо, силно и убаво момче, ученик во основно училиште, кое стоеше наведнато над ковчегот. Со своите мали раце ги зеде рацете на отецот и нежно ги милуваше. Тогаш од устата на тоа дете ги слушнав најубавите зборови:

„Добриот отец!“

Би додала дека во текот на првата ноќ на бдението покрај отец Софијан бев длабоко трогната од присуството на толку многу сиромашни луѓе, како и од венецот со бели каранфили што го донесе една група питачи. Ги слушнав како велат:

„Тој беше светител… Кој сега ќе биде милостив кон нас?“

Еден стар, белокос човек воздивна:

„Отче Софијане, ти нѐ научи да се сакаме еден со друг и да не бидеме себични!“

Колку прекрасна проповед!

Свети Серафим Саровски, кого отец Софијан толку многу го сакаше, како утеха им ја оставил на монахињите од својот манастир оваа надеж:

„Секогаш кога ќе имате некаква мака, дојдете на мојот гроб и јас ќе ви помогнам!“

Мислам дека истото важи и за духовните чеда на отец Софијан, но не само за нив. Со сигурност знам дека многу луѓе добиле помош и поткрепа кога се молеле на гробот на отец Софијан. Јас сум една од нив.

Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!