Да се учиме од болката што го посетува нашиот живот

Spread the love

Loading

Во сè што се случува во нашиот живот, болката е нешто лично, борбата е лична, а самата болка е неизбежна. Болката е, би рекле, Божјиот здив во нашиот живот.

Болката е благопријатна клима за негување и развивање на духовниот живот. Оние што страдаат се богато благословени од Бога.

Дај Боже овие блажени луѓе со трпение да ја почувствуваат големата благодат на овој голем благослов. Начинот на кој ја прифаќаме болката покажува колку е вистинска нашата вера.

Само на лицата на оние што страдаат има една таинствена светлина, која тивко го открива мачеништвото на внатрешната болка. Таа болка е како наковална врз која човекот се префинува, а неговиот збор станува благодатен, проживеан, искрен и едноставен.

Само оние што ја искусиле болката имаат нешто значајно да кажат. Зад секоја човечка болка се крие Бог.

Болката, сепак, секогаш ќе остане отскочна штица за високи духовни искачувања и издигнувања, за средби со онаа света тројка: Бог, човекот и сопственото јас.

Треба да умееме да ја разликуваме болката што доаѓа од Бога, од гревот или од луѓето.

На духовниот небосвод на нашата Црква, многу пресветли ѕвезди, односно познати светители, произлегуваат од редот на мирјаните.

Покрај мачениците и новомачениците, од кои најголемиот дел биле мирјани, постојат и многу други светители кои живееле во светот.

Според тоа, светоста не е привилегија, ниту исклучиво право на монасите и свештенослужителите, туку можност за секој христијанин кој има вистинска вера, покајание и подвижнички дух.

Во историјата на нашата Црква гледаме дека, по престанокот на прогонствата, поревносните христијани не се задоволиле само со исполнувањето на Божјите заповеди во светот, туку заминале во пустината, стремејќи се кон мачеништвото на совеста, непрестајната молитва и евангелското совршенство.

Така настанало монаштвото. Начинот на живот на монасите станал образец за побожните мирјани.

Монасите станале светлина и пример за христијаните кои се подвизувале во светот. На тој начин се создало едно подвижничко предание, кое го имало својот почеток кај пустинските монаси, а се вдахновувало и укрепувало од нивниот ненадминлив пример.

Ова предание, односно ваквиот подвижнички начин на живот, родителите природно и ненаметливо им го пренесувале на своите деца, преку сопствениот пример.

Така, православното семејство, како „домашна црква“, станало чувар, носител и училиште на овој евангелски и подвижнички начин на живот.

Зад речиси секој светител стоела и една света мајка, која го воспитувала и го напојувала својот син од животворните извори на православното подвижништво.

Извадоци од книгите „Светата болка“ и „Подвижници во светот“.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!