![]()
О. Спиридон Скутис
Во последниве години постои една тенденција меѓу верниците: сакаат да најдат некој свет духовник и да му бидат послушни на некаков „старец“.
Не им одговара духовникот од нивната парохија или од нивниот крај, туку бараат некого кому, всушност, ќе му ги предадат и својата одговорност и својата слобода, па при секоја погрешна постапка ќе можат да кажат:
„Не сум јас виновен, старецот така рече“.
А кога ќе ја кажат оваа реченица, добиваат таков израз како да се илјада кардинали. Други, пак, се фалат по кафулиња и трпези дека се духовни чеда на тој и тој старец, надевајќи се дека со таквата објава ќе пораснат во очите на соговорникот.
Со ваков начин на барање духовник се среќаваме и ние, свештениците:
„Отче, да не знаете некого што ,гледа‘, па кај него да се исповедам? Некој свет старец?“
Оваа појава е мошне честа во манастирите, а особено на Света Гора. Штом луѓето ќе слушнат нешто добро за некој старец, веднаш се создаваат редици пред неговата ќелија. А прашањата најчесто се од „магиска“, а не од духовна природа.
Редици без крај за да прашаат кога ќе го земеме Цариград, кога ќе има голем земјотрес, дали имаат благослов да ја сменат работата и уште безброј други трагикомични работи.
Секако, од ова ги изземам луѓето кои ќе отидат во некој манастир или на Света Гора и едноставно ќе посакаат таму да се исповедаат. Она на што сакам да укажам е нешто друго: преземањето на духовното отчинство.

Никогаш, на пример, не сум можел да разберам зошто Јанис од Зографу би требало да има духовник на Света Гора.
Игуменот на манастирот е одговорен за своите монаси. Тој треба да ги пасе и да ги раководи во духовниот живот и на патот на подвигот. Но зошто, и со каква цел, игуменот на некој манастир би го презел духовното раководство над Јанис од Зографу?
А потоа Јанис, кога ќе се врати од исповедта во својата парохија, ќе почне дури и да му прави литургиски и духовни забелешки на својот парохиски свештеник и да го поправа.
Се сеќавам на едно момче кое за духовник имаше старец од Света Гора. Доаѓаше во парохијата и го укоруваше свештеникот дека не служи правилно, затоа што, нели, неговиот старец „знае подобро“.
Така, Јанис од нашиот пример ќе му биде слепо послушен, како да е монах, на еден духовник кој можеби воопшто нема претстава како функционира современиот свет.
Ќе отиде кај својот духовник во тој и тој манастир и ќе му раскажува подробности за својата врска, за даноците што не може да ги плати или за други тешкотии од животот „во светот“, за кои старецот нема непосредно искуство.
Особено денес, кога зависностите се преселија и во електронскиот свет, работите стануваат уште посложени.
Не велам дека не треба да побараме духовен совет од некој духовен човек. Но не можам да го разберам начинот на размислување на овие луѓе.
По истата логика, тогаш луѓето од парохиите би требало да одат на исповед само во манастирите, а монасите да се исповедаат кај свештениците во градовите.
Има и такви што велат:
„Јас не им верувам на парохиските свештеници. Ќе се исповедам само кај игумен“.
Навистина? Ова ли е духовно размислување?
А, во меѓувреме, оние кај кои ја гледаме оваа болест на „геронтоманијата“ — затоа што навистина станува збор за болест — изгледаат како да живеат некаде на друго место, во некаков свој свет, и тоа во лошата смисла на зборот.
Нема ни „добро утро“ да ти кажат ако старецот не им рекол.
Се сеќавам на една девојка од Перистери која ми велеше:
„Отче, јас дури и кога треба да одам на кафе со другарките, му се јавувам на старецот за да ми даде благослов. Ќе му кажам каде ќе одиме и други подробности, и ако не ми даде благослов — нема да одам“.
Каква работа има, тогаш, старецот од тој и тој манастир до таа мера да го контролира животот на една млада девојка?
Подобро да не продолжувам, зашто ќе почне да ни работи фантазијата, а тоа не е полезно.
Затоа, добро би било игумените да ги исповедаат своите монаси, а парохиските свештеници — своите парохијани. Така може да постои и многу посуштинска, исцелителна пастирска грижа.
Свештеникот од твојата парохија те гледа со сопругата и со децата, го познава твојот живот, те среќава и живее заедно со тебе во црковната заедница. Затоа може да има многу поцелосна слика за твојот духовен пат отколку некој човек што те гледа еднаш годишно.
А да не зборуваме за некои трагикомични ситуации поврзани со исповедта, кои се случуваат кај одредени манастирски старци. Тоа ќе го оставам настрана…
Ќе повторам уште еднаш, за да не бидам погрешно разбран.
Едно е да побараш духовен совет од некој старец или игумен на манастир за одредено духовно прашање, а сосема друго е духовното отчинство и постојаното духовно раководство.
И, на крајот:
Најдете си духовник. Ако духовникот во вашата парохија не ви одговара, тогаш најдете некого барем во ваша близина, кај кого ќе можете редовно да одите и според вашите животни обврски.
Еден обичен духовник.
Да се исповедаме, а потоа да останеме близу до Црквата и до Светите Тајни.
Тоа е доволно…
Не ни треба ништо повеќе.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев