![]()
Отец Василиј Термос
Жената беше радосна:
„Се сеќавате ли, отче, кога Ви исповедав дека многу се гневам? Сега тоа не ми се случува толку често, откако почнав да го земам лекот! Една моја пријателка постојано ме убедуваше да побарам стручна помош, па отидов кај психијатар“.
Како е можно лекувањето со лекови да го намали она што човек има да го исповеда?
Постојат гревови што се раѓаат од анксиозноста. Најчест меѓу нив е гневот, со неговите соодветни избувнувања, бидејќи постојаната анксиозност ги поткопува душевните сили со кои човекот се справува со малите проблеми од секојдневието.
Она што е интересно е дека анксиозниот човек, кога се гневи, обично ги припишува своите избувнувања на грешките или пропустите на другите. Можно е да се кае и да ја исповеда својата раздразливост, но се чини дека не е свесен оти неговите реакции се несразмерни со поводите што ги предизвикале. Тој смета дека е во право. Со други зборови, силната емоционална вознемиреност ја замаглува јасноста на расудувањето и ја помрачува вистинската слика за стварноста.
Не е реткост меѓучовечките односи да се градат, да се доживуваат и да се опишуваат врз основа на размислување што ја премолчува сопствената психопатологија, па според тоа ги толкува однесувањето и карактерот на другите: „Колку е чуден!“, „Зошто реагира така?“ и слично.
Меѓутоа, можно е и самиот човек, поради својата анксиозност, да придонел за заострувањето на конфликтот, без воопшто да биде свесен за тоа. Впрочем, анксиозноста е нај„заразното“ чувство.
Најкарактеристичен пример за ова, кој често се среќава во семејните односи, е гневот меѓу сопружниците или меѓу родителите и децата. Во таквите случаи, доколку не постоела прекумерната анксиозност кај оној што се исповеда, другиот можеби воопшто немало да ја направи грешката што го предизвикала избувнувањето.

Значи, анксиозноста честопати предизвикува еден маѓепсан круг, кој на исповедта се појавува само како обично набројување на гревовите.
Да наведеме еден вообичаен пример.
Еден татко, кој е многу анксиозен, било поради својата природа, било поради несигурноста на работното место, постојано го „бомбардира“ својот син со забелешки и прекори. Синот, пак, уште потешко го поминува периодот на адолесценцијата, бидејќи од својот татко не добива разбирање и сочувство. Така станува невоспитан и бунтовен.
Ова уште повеќе ја зголемува напнатоста, а таткото чувствува дека неговата загриженост за иднината на синот е оправдана. И така, кругот продолжува.
На исповедта таткото добива совети за тоа што претставува адолесценцијата, но залудно.
Треба да се истакне дека анксиозноста која е трајна карактерна особина, односно која го придружува човекот во текот на целиот живот, тешко се препознава. Причината е што човекот, така да се каже, е „роден“ во таква состојба и не забележува никакви промени врз основа на кои би можел да ја препознае. Тој ја доживува како своја природна состојба.
Други духовни проблеми што произлегуваат од прекумерната анксиозност се вршењето притисок врз блиските и нарушувањето на границите во меѓучовечките односи.
Овие појави се забележуваат меѓу сопружниците, во односите на родителите со децата, на работното место и во пријателските односи. И тука човекот честопати не е во состојба да ја препознае анксиозноста како извор на своето однесување, па поплаките на другите ги припишува на нивната чудна нарав или каприциозност.
Враќајќи се на гневот и агресивноста, треба да споменеме дека тие можат да се појават и како последица на депресија, која честопати останува скриена.
Општо земено, постојат значителни тешкотии во препознавањето на благата депресија, особено кај луѓето со тивка и повлечена нарав или кај оние што лесно попуштаат пред другите.
Благата депресија се појавува постепено и речиси незабележливо, додека умерената и тешката депресија покажуваат јасна разлика во однос на претходната состојба на човекот.
Искуството покажува дека некој може со години на исповед да зборува за својата раздразливост и за избувнувањата на гнев, пред конечно да се обрати кај специјалист, кој ќе утврди дека страда од депресија.
Навистина е впечатлива промената во исповедите на овие луѓе откако ќе започнат со земање антидепресиви или со психотерапија.
Значи, психијатриското и психотерапевтското лекување има и духовни последици.
И во овој случај човекот обично не ги забележува патолошките промени во своите ставови, туку ги смета за вистински и оправдани.
Меѓусебното влијание на емоционалната состојба и размислувањата, односно ставовите, кое се забележува кај депресијата, укажува на поврзаноста меѓу емоционалните и когнитивните области во мозокот.
Многу често се случува мислите и сфаќањата постепено да се менуваат како последица на нивното „заразување“ од прикриените промени во расположението.
Меѓу таквите промени спаѓаат, на пример, впечатливите промени во погледите кон општеството:
„Колку повеќе стареам, толку повеќе гледам дека светот оди кон полошо“.
„Повеќе не ги препознавам луѓето“.
Или промените во ставовите и односот кон членовите на семејството:
„Состојбата со моите деца стана неподнослива“.
„Мојот сопруг (мојата сопруга) ме изморува“.
Исто така, разочарувањата од пријателите и соработниците:
„Се оддалечив од нив, бидејќи не се однесуваат добро со мене“.
„Денес повеќе не постои вистинско пријателство“.
И така натаму.
Со други зборови, пред човекот почнуваат да се затвораат патиштата и сѐ повеќе се засилува чувството дека нема излез. Ова е последица на нарушувањето на разумскиот дел на душата под влијание на страдањата и растројствата на нејзиниот чувствителен дел.
Тоа е и разбирливо:
„Разумот е сила на душата која ја познава стварноста преку расудување. Затоа на грчки се нарекува ‘дијаноја’ (διάνοια), бидејќи отвора (διανοίγει) некаков пат“.
Се разбира, ова е игра на зборови, но во неа има голема вистина.
Анксиозното или депресивното расположение затвора одредени патишта на мислата. Како последица на тоа, се ограничуваат можностите што човекот ги има за преиспитување на сопствените размислувања, а со тоа се стеснуваат и заклучоците до кои може да дојде.
„Јазови и мостови“ – Издавачка куќа „Григори“.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев