![]()
Отец Пимен Влад
Драги мои, гледаме околу себе и забележуваме колку е тешко за многу луѓе денес да водат еден обичен, достоинствен живот. Поскапуваат прехранбените производи, сметките, лековите, а платите и пензиите како веќе да не стигнуваат од месец до месец. Има родители кои влегуваат во продавница и го бројат секој денар, старци кои ги гледаат цените на лековите и се прашуваат од што да скратат за да им остане и за храна. А ние понекогаш поминуваме покрај таквите луѓе без воопшто да ги забележиме.
Драги мои, да не заборавиме дека зад износената облека можеби стои човек кој чесно работел целиот свој живот. Сиромаштијата не е срам, а богатството не е секогаш доказ за Божји благослов. Важно е како постапуваме со она што го имаме и колку место сме оставиле во своето срце за ближниот.
Но, да внимаваме и на уште нешто. Материјалните тешкотии можат да донесат голем немир во семејството. Од немаштијата се раѓаат расправии, од измореноста излегуваат тешки зборови, а од стравот за утрешниот ден понекогаш се губи мирот во домот. Да не се свртуваме едни против други токму тогаш кога најмногу ни е потребно да бидеме заедно. Да располагаме мудро со она што го имаме, да не расфрламе непотребно, но и да не го затвораме срцето пред оној што е во поголема неволја од нас.

Христос не бара од нас да го даваме она што го немаме. Но, нè научи со љубов да го споделуваме она што можеме. Понекогаш еден леб, еден топол оброк, неколку лекови купени за некој старец или помош дадена на едно семејство можат да значат неизмерно многу. И што е најважно, никогаш да не го понижуваме човекот на кого му помагаме. Милостината направена со гордост ја губи својата убавина.
Да се молиме, драги мои, за оние што работат, а сепак не успеваат да ги задоволат основните животни потреби, за оние што останале без работа и за старците што живеат сами. Пресвета Богородица нека им биде закрилница, а нам Бог нека ни подари милостиво срце.
Зашто, можеме да имаме малку материјални добра, а многу човечност. Но, можеме да имаме и домови полни со богатство, а душата да ни биде празна.
Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев