Пастирска криза

Spread the love

Loading

Отец Василиј Термос

Во текот на првите три века, како што е и разбирливо, свештенослужителите и пастирите ги применувале општите подвижнички начела што важеле за сите христијани, но со поголема ревност и доследност во споредба со мирјаните.

Меѓутоа, со појавата и ширењето на монаштвото се создаваат силни претстави за подвижничкиот живот, а истовремено се појавува и идеалот на монахот како пример достоен за подражавање. Ова се случува во рамките на една империја во која христијанството станало општоприфатено, со сета духовна опуштеност и негрижа што таквата состојба можела да ги донесе.

Навистина, како што пишува Димакопулос, озаконувањето на христијанството предизвикало пастирска криза. (Ова е појава што се повторува низ историјата, особено кога не станува збор само за озаконување на христијанството, туку за негово претворање во дел од владејачкиот поредок, како што било во Грција од 1850 до 1974 година или како што е денес во Русија.)

Втората причина поради која ова прашање станува проблем е фактот што за подвижникот се потребни едни психолошки предуслови, а за пастирот – други. Или, кажано поинаку, не секој добродетелен подвижник е погоден да биде пастир.

Оваа очигледна вистина не била секогаш доволно јасно согледувана, а секако создавала проблеми што барале решенија.

Таквите проблеми не би постоеле, барем не во толкава мера, доколку навреме се развила доволно силна духовност во светот, која би имала вистински, практичен авторитет.

Но, тоа не се случило. Можеби затоа што Црквата своето постоење го започнала со трите бурни века на гонења. А можеби и затоа што ненадејното претворање на христијанството во нешто општествено саморазбирливо, како реакција го поттикнало зајакнувањето на монашкиот идеал како своевиден одбранбен механизам.

Во такви околности, како да се обезбеди духовно изграден пастир во време кога преовладува културата што го смета подвижникот за врв на духовниот живот? (Да се потсетиме на императорите што станувале монаси или на подвижнички настроениот Никифор Фока.)

Ако малку го продлабочиме ова прашање од психолошки аспект, ќе забележиме дека систематскиот подвижнички живот е насочен пред сè кон внатрешниот човек, кон борбата со страстите, но и со оние психолошки одбранбени механизми што човекот ги користи за да ги прикрие или да ги претстави своите страсти во поинаква светлина.

Од друга страна, самата пастирска дејност бара значителна отвореност кон надворешниот свет, како и способност за справување со секојдневни прашања што се движат од меѓучовечките односи до психологијата на групите, од одржувањето рамнотежа во односите со политичките претставници до решавањето економски прашања. Ова особено важи за епископот, уште повеќе отколку за презвитерот.

Особено денес, кога раководењето со луѓе станало сложена вештина, неопходни се психолошки знаења и способности.

Но, вертикалната оска секогаш ќе биде поврзана со хоризонталната, бидејќи страстите на оној што раководи стануваат пречка за правилното раководење со луѓето.

Исто така, евентуалните „чудни навики“ и особености во однесувањето на монахот имаат последици главно врз него и врз неговото братство. Но, кога истите особености се среќаваат кај пастирот, тие можат штетно да влијаат врз целата помесна Црква.

На крајот, монаштвото по својата природа е поподложно на неправославни, па дури и еретички сфаќања за телото и светот, како што нè поучуваат остатоците од неоплатонизмот. (За среќа, таквите остатоци се зачувани само во подвижничките и советодавните текстови на светите отци, а не и во нивните полемичко-догматски дела, во кои се изразуваат со голема прецизност.)

Силните страни на подвижничкото предание се добро познати: безмолвието го поттикнува напредувањето во самопознанието, исцелувањето на страстите најтемелно е разработено во монашката средина, додека општожитието претставува особено погодно место за заеднички духовен живот.

И покрај повремените сведоштва, дури и во Отечниците, во кои се истакнуваат примери на мирјани што духовно ги надминувале монасите, како и покрај првенството што апостол Павле (и многумина други) ѝ го дава на љубовта, стремежот монахот да се смета за образец на христијанскиот живот останал силен сè до денес.

Се чини дека, следејќи ја ваквата логика, Западот отсекогаш одел и подалеку од Истокот. Да се потсетиме дека на Првиот вселенски собор еден епископ од Шпанија побарал да се воведе задолжителен целибат за целото свештенство, што, за среќа, не било прифатено.

[…]

Во поновите времиња почитувањето на монашката духовност се зачувало меѓу народот, и тоа не без причина, ако се земат предвид вековите на необразованост и морално опаѓање на парохиското свештенство на Истокот.

Секако, и монаштвото поминало низ долги векови на опаѓање, но секогаш постоеле поединечни примери што светеле како патокази.

Меѓутоа, силата на веќе воспоставената традиција, која, како што гледаме, потекнува уште од шестиот и седмиот век, не дозволила ниту повремените примери на светители што живееле во брак, а такви секако постоеле, да го променат преовладувачкиот образец.

Неисториското повикување на „обожените“ внимателно го избегнувало соочувањето со вистинските барања на пастирската служба во практичниот живот, каде што секојдневието на обичните луѓе е неспоредливо посложено од предизвиците во едно монашко општожитие.

Како очистувањето и просветлувањето сами по себе да се доволни за решавање на многубројните и исклучително тешки проблеми со кои се соочуваат презвитерот и епископот.

Иако причините за воведувањето на безбрачноста на епископите, која конечно се утврдува во седмиот век, вклучувале и духовни мотиви (за што сведочи и самата книга), со текот на времето тие биле заборавени, а останала само соголената институционална рамка.

Денес епископите се избираат исклучиво од редовите на безбрачните свештенослужители, без речиси никој да се сеќава дека некогаш суштински важно било токму духовното устројство на монасите.

Всушност, безбрачните свештенослужители создале своевидна црковна бирократија, која следи посебен пат во рамките на црковниот организам.

Уште потрагично е тоа што овој остаток од институционалното устројство довел и до појава на лажни свештенички призиви, како и на лажни призиви за безбрачен живот.

Сосема е очигледно дека околу нас има немалку луѓе што се одлучуваат да примат ракоположение како безбрачни свештенослужители, првенствено поради можноста за добивање повисоки црковни чинови и за напредување во идната кариера.

А ако се земе предвид и фактот дека (погрешно) епископите го сочинуваат исклучиво телото што одлучува за избор на нови епископи, тогаш е разбирливо дека оваа изопачена, психолошки непромислена и недуховна состојба постојано се одржува и самата се обновува, поткопувајќи го на тој начин севкупниот напредок на Црквата.

[…]

„Затоа што вистинското опстојува“ Издавачка куќа „Епистрофи“

Извадок од текстот: „Претставување на книгата од Јоргос Димакопулос ‘Пет модели на духовно раководење во древната Црква’“.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!