![]()
Блаженоупокоениот свет епископ Антониј Сијатистиски го собирал духовниот полен, откривајќи свештеници кои се подвизувале во добриот подвиг за спасение и светост! Посетувал четворица богоносни отци и со нив одржувал духовно општење: отец Амвросиј Лазарис во светиот манастир Дадиу, отец Панајотис Циолис во Врангијана, во областа Аграфа, отец Аристид во Микрополи кај Драма и отец Јован Калаидис во Серес!
Особено длабоко духовно пријателство го поврзувало со светиот отец Јован!
Кога за првпат го посетил отец Јован во Неохори, дошол придружуван од свештеници од својата епархија. Бидејќи од смирение не ја носел својата архиерејска панагија, отец Јован, кој го очекувал за да го пречека, не можел да препознае кој од нив е епископот!
Оттогаш, домот на светиот отец станал омилено место за посета на смирениот архиереј.
При една од неговите посети, отец Јован му направил голема метанија до земја, а малку подоцна владиката го замолил да стане негов духовник!

Светиот старец, од смирение, не сакал да прифати. Двајцата паднале на колена и плачеле, сѐ додека епископот Антониј не му го поставил тоа како послушание, па отец Јован бил принуден да прифати!
Подоцна, на својот возљубен брат во Христос, Атанасиј Марелас, му рекол:
„Епископот Антониј е како едно мало птичe, кое ме избра мене, грешниот, за свој духовник! Од неговата исповед ви сведочам дека тој е свет човек! Иако е епископ, има такво смирение, што нема сличен нему во цела Грција!“
Ќерката на отец Јован, Теодора, го оставила следново сведоштво:
„Во Неохори често доаѓаше Високопреосвештениот Антониј. Тој и татко ми имаа голема меѓусебна љубов! Кога ќе седеа еден покрај друг, личеа на две мали братчиња!
Еден ден владиката ни ја донесе чудотворната икона на Пресвета Богородица Одигитрија, во мојот дом во Солун. Потоа си замина, оставајќи ја иконата за отец Јован да се помоли пред неа.
Додека старецот се молеше со солзи, клечејќи на колена и со главата наведната до земјата, иконата одеднаш почна да излачува свето миро, во вид на капки роса, на повеќе места околу ореолот на Пресвета Богородица!!!
Тоа беше во ноември 2004 година, една година пред Високопреосвештениот Антониј да замине на Небото.
Владиката за татко ми велеше дека тој е уште еден отец Николај Планас на Црквата!“
Отец Јован многу тагувал кога неговиот свет пријател Антониј се преселил во Небесните живеалишта.
Но подоцна му се јавил блаженоупокоениот епископ и му рекол да има уште малку трпение, зашто наскоро ќе бидат повторно заедно на Небото!
По четири години и светиот отец се преселил во Небесната татковина.
Сега двајцата, како светители на Црквата, заедно ги благословуваат сите христијани кои со вера прибегнуваат кон нивното молитвено застапништво пред Владиката Христос!
Да ги имаме нивните свети молитви!
Милтијадис Цесмеѕис – просветен работник
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев