![]()
Свети Јован Кронштадски
Господ со сигурност ја остварува Својата цел – да ја обнови нашата природа, расипана од гревот, преку Пречистите и Животворни Тајни на Неговото Тело и Крв. Кога достојно се причестувам, јас видливо се обновувам, повторно оживувам по гревовната смрт. Во мојот ум се јавува чудесна светлина, а во срцето – „мир и радост во Светиот Дух“. Од лично искуство го познавам благиот јарем и лесното бреме на мојот Господ, Кој ја допира и ја оживотворува мојата мртва душа.
Секој ден, сѐ до денес, во седумдесеттата година од мојот живот, на чудесен начин се обновувам преку Божествените Тајни на Телото и Крвта Христови. Како воопшто да не стареам, туку со Неговата благодат останувам свеж и силен и по душа и по тело. Му благодарам, Му благодарам, Му благодарам за сето тоа и за сите милости на нашиот Господ Исус Христос! А колку дела на Неговата сила, колку победи извојувал Тој во мојот внатрешен свет! Безбројни! Слава, слава, слава на Бога во Троица!
Еве очигледен доказ за вистинитоста на зборовите на Спасителот: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, пребива во Мене и Јас во него“ (Јован 6, 56). Секојдневно со побожност ја служам Божествената Литургија и се причестувам со Пречистите Тајни. И еве ги плодовите од тоа причестување: очистување, осветување, обновување, победа над страстите, душевен мир, слобода, смелост, „радост во Светиот Дух“, молитва за себе и за другите, проследена со чудотворни дејства во мене и надвор од мене, како и во душите на многумина; исцеленија преку нафората, како и преку сето она што го јадам и пијам и им го давам на другите, кои го примаат со вера; животворната сила на благословот што се дава преку мојата рака; радоста од општењето, како во молитвата, така и во разговорите со луѓето.
Со благодатта на Пречистите Тајни стојам цврсто и чекорам исправено, и не се враќам кон злото, доколку внимавам на себе. Колку е добро да се причестувам! Но, кога подолго време не се причестувам, лесно станувам склон кон злото и ѓаволот лесно завладува со мене.

Вистинска несреќа за душата е кога подолго време не се причестува со Светите Тајни. Душата почнува да заудара од страстите, а нивната сила сѐ повеќе расте, колку подолго остануваме без причестување со нашиот Животодавец.
А како, пак, христијаните се однесуваат кон Божествената Литургија? Најчесто со вообичаена студеност, невнимание и рамнодушност. Се причестуваат многу ретко, како по некаква нужда и навика, еднаш годишно! Од што сѐ се лишуваат себеси! Од каква бесценета Божествена ризница, од каков бесмртен, животворен дар Божји! Од каква Божја помош! Затоа кај православните христијани нема вистински живот, нема живот според Духот Христов. Затоа се намножиле болестите и несреќите!
ПОВИКАНИ СМЕ НА СВЕТОСТ
Не е вистински христијанин оној кој не сака, не се надева и не се труди да стане свет. Исто како што не е вистински војник оној кој не сака, не се надева и не се труди да извојува победа. Сите ние, возљубени браќа, можеме и треба да станеме свети! Не со сопствените сили и со своите подвизи пред Бога, не, туку со силата на Божјата благодат. А благодатта „на секого од нас му е дадена“ (Ефес. 4, 7), односно, на секого од нас му е дадена благодат според мерата на Христовиот дар.
Да! Ние можеме да станеме свети, па дури и во овој живот веќе стануваме свети, макар и за кратко време, кога достојно се причестуваме со Светите, Пречисти и Животворни Христови Тајни. О, тогаш, несомнено, стануваме свети преку Христовата светост, а нашата душа, преку Крвта Христова, станува побела и од снегот. Затоа, причестувај се почесто, причестувај се достојно, и така често ќе ја враќаш светоста што си ја изгубил. Често ќе ја обновуваш својата природа, расипана од гревот, и постепено ќе стануваш свет и според својата внатрешна настроеност, која ќе се разгорува и ќе се поткрепува со Христовата благодат.
Да, сигурно ќе станеш свет, ако не живееш во духовна дремка и бездејственост, туку ако ревносно се бориш против страстите и против бестелесниот непријател, кој секојдневно се обидува да ги разгорува нашите страсти и приврзаноста кон световните нешта.
Светоста не е само возвишениот удел на апостолите, светите архиереи, мачениците, преподобните и сите светии. Светоста е прекрасниот удел на сите нас.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев