![]()
Отец Василиј Термос
Очигледно е дека богословските поими и „духовната“ терминологија можат да станат механизми за бегство од болниот процес на самопознание. Тоа претставува особено тежок облик на отуѓување, бидејќи поимите и зборовите што во себе носат сила за ослободување и спасение, се претвораат во окови и во егзистенцијална лага.
Можеме да претпоставиме дека ваквото отуѓување може да започне уште многу рано. Затоа, она за што зборуваме овде многу често се однесува и на кандидатите за свештенство.
Буксхаум потсетува на проблемот на нарцизмот (види глава Б5):
„Од многу причини, меѓу кои и фактот што ја презема улогата на месија, свештеникот честопати е последниот што ќе дознае за сопствените психолошки проблеми“.

Отец Филотеј Фарос наведува неколку надворешни начини преку кои нарцизмот може да се брани од вистинското самопознание:
„Страшната слика на неговата внатрешна недоволност може да стане толку неподнослива што ќе го натера да побара прибежиште во самозалажувањето. И наместо да внимава на својот внатрешен свет, кој тешко може да го контролира, а можеби и воопшто не може, тој го насочува своето внимание кон надворешните работи, кои може да ги контролира.
… (законот, моралот, каноните, богослужбениот типик, богословието на богослужението, чистотата на верата и друго)…
Сето ова се сосема конкретни и опипливи нешта со кои свештеникот може да се поистовети во своето својство на свештенослужител, за да го избегне она што не е опипливо и со кое многу тешко може да се поистовети.
Заедничко за сите овие нешта е самооправдувањето што произлегува од нивното прифаќање. А тоа е во спротивност со верата дека единствено Божјата благодат го спасува човекот – вера што се раѓа тогаш кога човекот ќе се соочи со сопствената внатрешна оголеност“.
„Свештеничкиот призив како психолошка појава“ Издавачка куќа „Григори“
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев