![]()
Протоереј-ставрофор Јован Романидис
Отец Јован е роден на 2 март 1927 година во Пиреја, Грција, во семејството на Сава и Евлампија Романидис, по потекло од Кападокија. Уште како бебе, со своите родители се преселил во Соединетите Американски Држави, каде што израснал во Њујорк.
Неговото воспитување било длабоко поврзано со православната традиција на кападокиските Грци. Во семејството се негувале постот, молитвата и редовното учество во богослужбениот живот на Црквата.
Се школувал на Православната богословска школа „Чесен Крст“ во Масачусетс, на Универзитетот Јеил, а богословски студии посетувал и во руската богословска средина во Париз. Во 1957 година докторирал на Атинскиот универзитет со труд посветен на прародителскиот грев.
Во 1951 година бил ракоположен за свештеник. Подоцна предавал догматско богословие на Богословската школа „Чесен Крст“ во САД, на Аристотеловиот универзитет во Солун и на Богословскиот институт во Баламанд, Либан.
Се упокоил на 1 ноември 2001 година во Атина, на 74-годишна возраст.
Тој е еден од највлијателните православни богослови на XX век, свештеник, професор по догматско богословие и истражувач на светоотечкото предание. Особено е познат по своето учење за очистувањето на срцето, просветлувањето на умот и обожението на човекот, како и по критиката на западното схоластичко богословие.
**

„…Никогаш не одам на свештенички собири како говорник. Сфатив дека митрополитите по разни места, со неколку исклучоци, со султанска намуртеност се обидуваат да ги заплашат свештениците, особено оние што ја почитуваат Православната вера и Предание, и да им ја наметнат својата небогословска идеолошка опседнатост, својот бездогматски социјализам, па дури и своите срамни страсти… Со итрина и заплашување се обидуваат и нив да ги наметнат…
Чревоугодниците велат: „Храната и пиењето не му штетат на човекот! Она што излегува од него му штети“. Очигледна владичка софистика во погрешното толкување на Евангелието. Во сета своја величественост!
Моралистите велат: „Христос бара дејствување“. Се разбира, пастирско дејствување, но без подвиг за стекнување внатрешна духовна состојба. Дејствување, дејствување… Вриење, вриење… А на крајот сè испарува и тенџерето останува празно.
Аморалистите — е, таму да ги чуете гласовите… „Бог не се занимава со тоа како дејствуваат нашите полови нагони, туку со нашето срце“.
„Добро“, му реков на еден од нив, „во Царството Божјо ли ќе влеземе осакатени? Зар половите органи функционално не се поврзани со срцето? Ако срцето е чисто, целиот човек ја има несоздадената Божја благодат, зашто во своето дејствување не отстапува од начелото и бескрајната цел на своето ипостасно постоење, односно од образот и подобието на Архетипот — Собеспочетниот Логос. Зар Светата Причест не стигнува и до чувствителните делови на телото? Зар не се обожува целиот човек? Има ли делови во кои владее Христос, а други во кои господари ѓаволот? Каква вера имате? Каков дуализам внесувате во Црквата?“
— „Но вие“, ми одговори без здив, „сте против моралот. Како можете да зборувате така?“
— „Противник сум на стерилниот, површен морализам“, му објаснив. „Не и против длабокиот психосоматски морал, кој на православен јазик се нарекува аскетика“.
И малечкиот тиранин си го проголта јазикот…
Друг е опседнат со парите: „Ми требаат пари за да вршам дело“. На неговите свештеници им здодеало постојано да слушаат за пари, претпријатија, инвестиции, установи, економски програми… Сето тоа тој го крштева како „дело“, како „пастирска грижа“! И тоа е потребно до некоја мера, но тоа не е пастирското дело…
Друг, пак, ги навредува светителите. Некој рекол: „Наложувам храмовите да се градат во името на светители од првите христијански векови. На поновите светители не им верувам“. Не ја сакал преподобната Ирина Хрисоваланду, ниту свети Нектариј.
А кој си ти, па мислиш дека енколпионот (панагијата) на твоите гради функционира правилно, кога во срцето преку умносрдечната молитва не си го прегрнал духот на обожените? Само тогаш можеш непогрешливо да разликуваш. Сега си во бунило…
Зошто го носиш тогаш тоа тркалезното на градите, над срцето? Никогаш ли не си научил дека „внатрешниот човек се изобразува преку надворешните облици“?
Што мислиш ти, незнајко? Треба да знаеш дека твојот енколпион, кој показно го носиш како знак на власт, има врска со твоето најдлабоко духовно расположение. Со етосот на твоето срце. Затоа го носиш на градите. Тој надворешно го одразува „Оној Кој е носен во срцето“.
Ако тоа не го знаеш и го носиш само за да парадираш со некаква снобовска црковна аристократија, како знак на некаква надмоќ, тогаш си маскиран измамник, кој ја искористува апостолската власт, а го мрази апостолското достоинство…
Извршуваш Свети Тајни, но не лекуваш души. Напротив, уште повеќе ги расипуваш оние што веќе страдаат, а ги разболуваш и здравите членови на Црквата. Опасен си. Би требало да бидеш меѓу огласените.
Енколпионот на градите значи:
„Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2,20).
Се разбира, иако надворешните знаци се бесмислени ако не соодветствуваат со состојбата на срцето, цврсто сметам дека православниот начин на облекување на клириците во Грција треба да се зачува. Тоа е речиси единственото што останало да потсетува дека тие се исцелители и дека носат посебна лекарска облека, која сведочи за нивното својство…
А другиот „светилник“ на сеправославни собири вели — а подоцна тоа го наметна и во Баламанд:
„Папистите и православните го имаат истото Свештенство!!!“
Значи, и едните и другите на ист начин го водат човекот кон обожение. Нивните разлики биле само идеолошки и не влијаеле врз резултатот од нивната работа…
И сега јас ли сум виновен што неговата евхаристија ја нарекувам идолопоклоничка, а неговата есхатологија — скатологија? (скато = измет). Голема рана е тој човек…
Нема да престанам да велам дека ѓаволот денес отишол на одмор, бидејќи неговото дело го продолжуваат епископите. Терористи за оние што се подвизуваат и учители на отуѓените… Тоа сум го доживеал…
Еднаш му реков на Михаил Американски, кој ми рече дека сум неконтролиран бунтовник:
„Едно е да бидеш послушен, а друго — сервилен“.
Најголемиот денешен проблем се архиереите. Каква вера имаат…
Епископот има обврска вдахновено да го поучува најнапред клирот, а потоа и народот, но не со она што нему лично му одговара и му е удобно. Некогаш, при неговата хиротонија, над неговата глава било положено отвореното Евангелие…

Затоа тој не е самоволен. Нема своја сопствена волја. Тој е гласноговорник на Христос.
Ќе ми речеш: како да биде таков, кога во срцето не ја вкусил благодатта, а го задушуваат страстите што во него се хранат како огромни паразити?
Тогаш барем нека има храброст да ги следи оние за кои, малку пред својата хиротонија, се заколнал дека ќе му бидат водачи. Се заколнал над Евангелието. А Евангелието ја опфаќа сета традиција на обожените. Тие работи не се разделуваат.
Еден на една средба ми рече:
„Никаде во Евангелието Христос не зборувал за телесните гревови и мажеложниците. За љубов зборувал, а богатите ги разобличувал“.
„Тоа ја покажува твојата лукавост“, му одговорив, „твоето незнаење. Кој ти рекол дека евангелскиот збор завршил? И дури да исчезнат сите текстови на Светото Писмо, додека силата на Педесетница дејствува во срцата на обожените, Светиот Дух повторно ќе ги издиктира…“
И Павле беше уста Христова, како и секој што опитно учествува во овој темелен настан што ја сочинува „сета вистина“.
А што е „сета вистина“?
Дека Црквата е Тело Христово и дека, според тоа, преку Неа зборува Христос. Но преку кого? Преку здравите членови на Телото, преку исцелените.
Ти, управителот на благодатта, можеш да бидеш во темнина, му реков, а една обична бабичка или некој овчар од Аграфа може да гледа појасно од тебе…
Потоа, бидејќи велиш дека Христос во Евангелието не ги осудува овие работи, очигледно е дека не знаеш правилно да го читаш. Немаш толковни клучеви.
Зар Христос не вели:
„Вистина ви велам: полесно ќе ѝ биде на земјата Содомска и Гоморска во Судниот ден, отколку на оној град“?
Што значи „полесно ќе ѝ биде“?
Значи дека содомскиот грев бил мерило за споредба и проценка на секоја друга духовна болест!
„Богопратената казна на Содомјаните на сите им изгледала пострашна од секоја друга…“, толкуваат светите отци.
А што било тоа?
Дека мажи блудствувале едни со други, одејќи „по друго тело“ (Јуда 7), дека противприродната страст ја прошириле и врз своите жени, правејќи и со нив исто противприродно скверно дело, а најстрашно од сè — според свети Јован Златоуст — со тие похоти ги осквернувале дури и децата.
Овој страшен грев, оваа болест на душата, прави несоздадената Божја енергија да ја доживуваат како уште пожесток оган.
Тоа е пеколот.
Нечистотија, болест на умот, длабока рана што се шири врз целиот човек. И тогаш Божјото присуство се доживува како неподносливо горење…
Болниот ум гори, а преку него и целиот човек што е усогласен со него. Несоздадената светлина станува „оган што изгорува“.
Според тоа, подживотинскиот содомизам станува мерило за споредба со сите други духовни болести.
Но злото започнува во срцето. Затоа Христос сè поставува таму, во почетокот, во самото раѓање на злото:
„Зашто однатре, од срцето на луѓето, излегуваат лоши помисли, прељуби, блудства, убиства, кражби, лакомства, лукавства, измами, разврат, завидливо око, хулење, гордост, безумство. Сите тие зла однатре излегуваат и го осквернуваат човекот“.
И тогаш работата веќе тешко се запира…
Затоа одам само на собирите на Превескиот митрополит Мелетиј…
Таму нема деспотско однесување. Таму вкусувате владичко гостопримство, духовно изградување и утеха…
Му благодарам што ме потсетува дека архиерејството сè уште може да дејствува како етос Христов…
Оној што е сигурен во себе разговара мирно и вдахновува…
Исплашениот и несигурниот личи на врана фатена во стапица. Испушта очајнички крици, небаре така ќе уплаши некого и ќе се избави барем во последен миг…“
Од своерачно писмо на о. Јован Романидис до упокоениот борец и исповедник, богословот Дионисиј Батистатос, правнук по брат/сестра на преподобен Јосиф Исихаст.
Православните богослови што имаат лично искуство од Бога секогаш ја имаат истата теологија; тие не ја менуваат како што го прават философите…
Оние што философираат го менуваат Преданието поради логичките шеми што самите ги создаваат. Повеќе ѝ веруваат на сопствената логика отколку на опитот на обожените. Нешто сфаќаат со разумот и потоа тоа го поистоветуваат со стварноста за Бога.
Сите ереси произлегуваат од една таква погрешна основа…
Обожените, односно оние што учествуваат во просветлувачката и обожувачката енергија Божја, имаат заедничко искуство дека Бог општи со светот преку Своите несоздадени енергии.
Тоа е прашање на опит, а не умствено, мисловно или фантазерско учење…
о. Јован Романидис
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев