![]()
Отец Василиј Термос
Најважната димензија на свештеничката исцрпеност е можноста таа духовно да се искористи. „Иако исцрпеноста може да биде трауматично, депресивно, па дури и застрашувачко искуство, сепак, таа може да стане почеток на вистинско созревање и откривање на она што Бог бара од нас да го правиме во својот живот“.
Многупати психофизичката истрошеност на свештеникот произлегува од неговото претерано напрегање да не доживее неуспех во целите што си ги поставил. Стравот од неуспех честопати надвиснува над совесните свештеници. Но, токму тука е потребно преиспитување:
„Кога размислуваме за неуспехот, треба да си поставиме три прашања:
а) Дали доживуваме неуспех поради сопствена грешка?
б) Дали доживуваме неуспех затоа што се наоѓаме во околности во кои не е можно да победиме?
в) Дали навистина доживуваме неуспех или само мислиме дека сме неуспешни затоа што успехот го мериме со погрешни критериуми?“
Еден свештеник што се смета за успешен може да се оддалечува и од себеси и од Бога. Од друга страна, она што честопати го сметаме за неуспех може да го отвори патот кон посуштинско служење.

„Најважното прашање е: што претставува неуспех во свештенството?… Една ,успешна‘ Црква може воопшто да не ѝ служи на Божјата волја, туку единствено на целите на човечката егоцентричност“.
Американскиот православен свештеник и психолог Џорџ Морели, во своите предлози за справување со психофизичкото оптоварување, вклучува како практични промени — на пример, преиспитување на приоритетите и подобро организирање на времето — така и духовни чекори: способност да се стекне „пустинско тихување среде градот“, да се доживее исцелителното дејство на Црквата, со смирение да се прифати улогата на служител и друго.
Впрочем, да не забораваме дека „секојдневното духовно читање и молитвата го учат свештеникот да гледа со Божји очи на чувството за сопствената незначителност и на своите неуспеси. Го учат да се надева на онаа благодат што ги утешува слабите и поразените во животот, кои чекорат со смирение и љубов“.
Духовното ползување од кризата значи и „ослободување на свештеникот од претставите за Бога што самиот ги создал или ги усвоил во себе, а кои, всушност, претставуваат лажни идоли. Нивното уривање можеби ќе треба привремено да биде придружено со молк и темнина — слика на болка и напуштеност, слична на онаа што завладеала околу Крстот.
Така свештеникот учи сè повеќе да се сообразува со Христос. Бог му се открива среде кризата многу повеќе отколку во времето кога мислел дека му се открива додека сè одело добро. Тој учи да гледа на кризата не како на напуштеност од Бога, туку како на доказ за Божјата љубов кон него“.
„Сокровиште во глинени садови“ — издание на „Армос“
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев