Личноста и манастирот

Spread the love

Loading

Архимандрит Лазар Абашидзе

Кога во манастирот имав проживеано само една година, морав да отпатувам во родниот крај – во Абхазија, за да се отпишам од родниот град и да добијам законска пријава за престој во обителта. Тоа беше поврзано со многу бирократски формалности и со не мали нервози. Штом до моите поранешни пријатели стигна веста дека сум пристигнал дома, тие побрзаа да дојдат да ме посетат, очигледно имајќи на ум и да се обидат, ако успеат, да ме одвратат од моите намери, односно од решението „да го потрошам својот млад живот во манастирско заточение“, некако да повлијаат врз мене и да ме вратат во круговите на „нормалниот“, „радосен“, „полн со наслади“ живот. Веројатно и тие, како и многумина други мои блиски луѓе и познаници, мислеа дека го правам тој чекор од очај или разочарување, дека сум го изгубил здравиот поглед кон светот, дека сум паднал во меланхолија или дури душевно сум заболел.

Општо земено, откако доста се изнаприкажавме, така и не се разбравме еден со друг, и најпосле дојде времето за разделба. Моите поранешни пријатели заминуваа во еден далечен град во Русија, а јас по неколку дена требаше да тргнам во манастирот, каде што веќе се водев како послушник и каде што веќе конечно бев решил да останам засекогаш. Тие ме гледаа тажно, со некакво плашливо сожалување, како што обично се гледа осуден човек по завршувањето на судењето и изрекувањето строга пресуда; речиси како жив да ме погребуваа. Некоја линија на раскин, ладна, мртовечка разделеност, во која имаше и страв, и отуѓеност, а во исто време и жалост и уште многу друго, како глув ѕид се протегна меѓу нас. Таква отуѓеност, при надворешно изразено сочувство, се чувствува и тогаш кога човек го испраќаат во операциона сала на тешка, опасна операција, или кога посетуваат роднина во психијатриска клиника. Тие ме жалеа мене – јас ги жалев нив. Во мене имаше јасно, силно чувство дека конечно одам на слобода, како по долго заточение, по најмачните денови поминати во тесни ќелии и ходници, по прошетки во затворски двор, секогаш под надзор на туѓи, зли очи, по години постојано принудување да се прави сè што е најздодевно и најбесмислено. Ете, уште денес и утре се мачам, но таму, напред, има пат кон нешто широко, пространо, светло и бескрајно. Таму е толку јасно, сè е сончево и има многу свеж воздух – како широко отворен прозорец од жешка, задушлива соба кон свежа, густо обрасната градина со огромни дрвја, потоната во цвеќиња.

А тие? Тие заминуваа во некаков тесен, полутемен ходник, каде што секогаш има многу луѓе, каде што секогаш има многу бучни, раздразнети и уморни луѓе, кои постојано некаде брзаат, трчаат покрај тебе, се туркаат, фрлаат еден кон друг остри иронични или злобни погледи и пак брзаат во својот хаотичен мал свет, што наликува на депонија од разни изгужвани шарени кутивчиња, сјајни обвивки и секаков вид лимени отпадоци. Празен, препразен хаос! Таму сите гледаат право во тебе, но тебе не те гледаат: го гледаат само својот примитивен жиг со кој ја жигосале твојата личност; гледаат само упростена шема, само одделни знаци, некакви клишеа наместо жив човек… Заминуваа таму каде што секогаш е зачадено, секогаш задушливо, каде што секогаш мириса на храна и тутун, вино, бензин и лекови, каде што за најпријатна арома се смета мирисот на разни смрдливи „дезодоранси“.

Таму секогаш зуи, шкрипи, ѕвечи некаква хистерична музика, викаат гласови на луѓе што се борат во агонија, во предсмртни грчеви; пискави ритми и до крај затегнати, врескави звуци – сите тие очигледни знаци на остарен, умирачки свет, полуден, конечно испразнет, пропиен, развратен и изгубен од секоја смисла на постоењето. Уметноста, поезијата, литературата, музиката на современите луѓе веќе не носат во себе ни радост, ни сериозна тага, ни длабоки чувства, туку само некакви случајни парчиња, натрупувања, кршеници од она што некогаш било човечка душа, и сето тоа е извлечено, грдо растегнато како во криви огледала. Во тој свет постојано се води „гризење“, постојана ситна тепачка: поттурнување скришум со лакт во ребрата на соседот, скриени убоди во грбот на оној што оди напред, газење врз ногата на оној што стои блиску. И тоа е насекаде: во преполн автобус, во редица за продукти, дури и на весела трпеза. Да! Таму е пострашно од секој затвор, погорко од секоја психијатриска болница! И тие одеа таму! За цел живот! Сироти!

Но, пак, според нивниот поглед, јас одев во затвор. „Па таму, во манастирот, треба да се станува рано наутро, на ѕвоно, секогаш во исто време, како во касарна; јадење, пиење, спиење – сè според распоред; во сè некакви ограничувања и забрани; никаква слобода да располагаш со себе – и така секогаш. Нема дури ни слободни денови, кога би било дозволено да излезеш од тој поредок и да си дадеш волја. Дури и неделите и празниците – и тие сите се распоредени по часови и должности. О, ужас! Таму не можеш да си дозволиш никакви радости и забави: да седнеш со пријателите на весела трпеза, да гледаш нови филмови, да слушаш музика, дури ни класична! Треба за сè да му даваш отчет на својот раководител, сè да му откриваш. Ништо не можеш да направиш така што тој да не дознае! Дури и книги – и тие не смееш слободно да ги читаш, кои сакаш, туку и тоа треба да го усогласуваш со настојателот? Сè по укажување, по упатство, по наредба? Не можеш да одиш да прошеташ во шума без дозвола? Дури ни да мислиш не смееш сè што сакаш? И за тоа треба да даваш отчет?! О, ужас, ужас! Дури и чувствата – и тие под контрола на друг човек! И тоа не е затвор? Тоа не е ропство? Така за цел живот? О… сирот, сирот наш пријателу! Каква мака, каков очај можеле да те турнат на ова самоубиство, на ова живо погребување во толку млади години?!“

Така гледаа на моето заминување не само тие луѓе, туку и многу други мои познаници, блиски и далечни. Со ист таков ужас и сожалување и денес многумина гледаат на младите луѓе што одат во манастир. „Па секој човек има право на слобода, на пројавување на својата личност“, мислат тие, „дотолку повеќе што во наше време веќе се надминати тие диви остатоци од минатото, кога луѓето се поробувале еден со друг, кога морале да ја потиснуваат сопствената личност и биле лишувани од својата индивидуалност. Па тоа е варварство и дивјаштво! Човекот е толку уникатно, чудесно суштество! Секој човек, кој и да е, крие во себе толку многу ново, особено, необично. Како може нешто од тоа да се потиснува, ограничува, приспособува на некаква униформа и шаблон! Не, смислата е токму во тоа да се збогатуваме еден со друг со својата особеност, да внесуваме во овој свет нешто ново: своето гледање, своите неповторливи ноти и бои, своите невообичаени изблици на чувства, нови мисли, идеи, свој индивидуален пристап кон светот, своја, на другите неподобна љубов кон него и кон луѓето… Општо земено, целата смисла е во општеството на луѓето да ја развиеш својата личност, да ја отсвириш на струните на душата и телото, под придружба на светот што трепери околу тебе, својата неповторлива мелодија. И колку е страшно, колку е сурово да му се одземе на човекот во овој живот можноста да биде личност, да биде индивидуална, самобитна фигура, да биде единствен и неповторлив во својот род!

А овде, на овие средновековни остатоци од дивото минато, меѓу урнатините на еден темен и мрачен свет што го одживеал своето време, повторно насилство врз личноста? Повторно мракобесие? Повторно човекот го претвораат во жален кмет, кој секој миг паѓа на колена, постојано се понижува пред својот старешина, секојдневно бара прошка, се кае – за што? За тоа што направил нешто по повикот на својата жива природа, која се стреми да се објави, да се пројави во светот, да живее и да оживува? Да се смета за грев пројавувањето на светла индивидуалност? Да ѝ се затвора устата, да се удира по лицето личноста затоа што сакала гласно да ја испее својата, особена, само нејзе дарувана песна на љубов кон светот? Ете што навистина е ,закопување на талантот во земја‘! Ете што навистина е самоубиство! Зар индивидуалноста, тој редок музички инструмент, добро наштиман, со струни намачкани со колофониум, даден од Бога на секој човек при неговото влегување во овој свет, не е дадена токму за на неа да ја отсвириш својата песна? А ти ја газиш таа ,харфа‘ со нозе, ги кинеш струните, ја оставаш во прав и уште се каеш што понекогаш си имал желба да засвириш на неа? Угодна ли Му е на Бога таквата ваша ,жртва‘?“

Колку многумина денес така, или со слично расположение, гледаат на монасите. И тоа навистина е прашање интересно и не без значење. Навистина, не „деградира“ ли личноста во условите на манастирскиот „јарем на послушанието“, не се лишува ли од своите особености при постојаниот труд на отсекување на својата волја, не се насилува ли богодаруваната човечка слобода при живот секогаш „по благослов, под раководство, според поука“, при постојана контрола и надзор? А тие суви правила на општежитието? Тие исти облеки, фризури, едноличен живот, читање на едни исти книги, повторување на едни исти молитви од ден во ден со мала промена, а понекогаш и бескрајно повторување на неколку молитвени зборови – и тоа со години! Не се претвора ли човекот во некаква навиткана машина, во некаков безволен робот, лишен од сопствени поими, мислења, судови, кој само повторува научени мисли и зборови? Не е ли токму затоа што монасите најмногу го ценат послушанието кај потчинетите, бидејќи тоа е најпогодната карактерна црта за претворање на човекот во лесно управувана марионета? Не е ли тука истата практика што со векови се развивала и во војничките касарни, и во разни воени организации, во секакви редови и оддели?

Но што денес обично подразбираме под „личност“? Најчесто – „индивидуалност“. Но личноста и индивидуалноста воопшто не се едно исто! И не само тоа, тие дури, во извесна мера, се спротивни и си спротивставуваат една на друга! Развивањето на човековата индивидуалност токму ја оковува и ја ограничува личноста и нејзиниот развој, ја лишува од вистинска слобода. Работата е во тоа што ние го знаеме човекот само во неговата падната состојба, во болен, искривен вид; го знаеме човекот во поробена положба, целосно заглавен во грижа за земното, зафатен со широко развивање само на својата надворешна, телесно-душевна страна на природата. По отпадништвото од Бога го знаеме човекот кој најчесто не знае за духовен живот. Го знаеме човекот кој изгубил многу од своето човечко достоинство, кој во многу се уподобил на бесловесните животни, кој го свртел своето лице кон земниот прав, ја изгубил својата личносна слобода и ја заменил со индивидуалност – со некаква од сите страни ограничена „самост“, како целиот да се „превртел наопаку“. Во човекот второстепеното станало главно, а главното – второстепено. Токму во таква состојба најчесто ги гледаме ближниот и самите себе: во ропството на „правење тули“, „под јаремот на фараонот“, односно под јаремот на разни телесни и душевни похоти – во постојано „безропотно послушание“ на нашата задебелена природа.

Целиот човек самиот се потопил во грижи и секирации за својата природа, иако тоа воопшто не би требало да ја отежнува личноста. Ако човекот не отпаднеше од Бога, ако не речеше: „Јас сам!“, тогаш неговата природа секогаш би го добивала од Бога сè што е неопходно и полезно, и тогаш личноста би стекнувала слобода токму личносно, токму како совршено неповторливо „јас“, односно би се раскривала во Божественото, духовното, бескрајно прекрасното, неискажливо доброто и вечното. Тука личноста, како некое мало огледало, би можела во себе – при сета своја релативна маленкост – да го одразува бескрајно прекрасното и сè повеќе и повеќе да се раскрива и да го одразува во себе Божественото, бесконечното. Тоа и е навистина личносното, неповторливото. Секоја личност би го доживувала тоа богоопштење како своја, сосема особена, неповторлива среќа. Но, сведувајќи го своето личносно само на својата природа и зафаќајќи се со самостојно уредување на таа природа во ограничениот свет, личноста станала само „сиромашна домаќинка“, заглавена во ситни, земни грижи и обиди во бедни, тесни „комунални“ услови да ги оствари своите „царски навики“.

Да, навистина, секој човек се однесува крајно своеобразно, и вистинската причина за тоа е во неговата неповторлива слободна личност! Но токму во тоа е работата: личноста, свртена со лицето кон ограниченото и временото, никако не може да ги искористи своите богати можности и само понекогаш плаче, пее, рида за нешто таинствено и неразбирливо, а луѓето околу неа како и тие да препознаваат нешто во тоа – нешто толку свое, толку познато, но заборавено. И тоа го нарекуваат „откривање на личноста“, „неповторлива своеобразност“ на човечката душа. А всушност тоа е лелек на душата, некаков нејасен плач, неискажлива жед што ја чувствува личноста, не наоѓајќи за себе во овој свет нешто со што би можела да дише, да живее, нешто што би ѝ ја згаснало жедта и гладот. И таа лелека од тоа, вика: час плаче, час се смее, час „крши садови“, час одеднаш се спушта на морското дно и таму бара, се искачува на високи планини, се загледува во ѕвездите – насекаде бара, се мачи, тагува, не наоѓа, пак лелека… А ние велиме: „Каква необична судбина! Каква истакната личност! Ете тоа е вистински живот! Овој човек не ги проживеал попусто годините што му биле дадени!“ Замислете: на најталентиран, најспособен музичар, композитор и пејач, човек кој само во музиката наоѓа занес и утеха, некој – од лута омраза кон него и кон неговиот талант – да му ги врзе рацете, да му ја затвори устата и да го затвори во глува затворска ќелија, каде што никогаш не допира никаква музика. И ете несреќникот се измачува во тоа заточение, лелека, воздивнува, ја гребе вратата со нокти, а глувонемиот стражар што поминува покрај ќелијата си мисли: „Какви чудесни звуци, каква музика! Не, што и да се каже, секој човек е сосема неповторлив!“ Токму такво „откривање“ на личносното најчесто набљудуваме кај секој човек кој не ја знае вистинската слобода.

Во тоа е суштината: личноста треба да биде слободна од својата природа, таа не смее да биде определувана од неа. „Индивидуа означува исконско мешање на личноста со елементите што ѝ припаѓаат на заедничката природа, додека личноста, напротив, означува она што е различно од природата. Кога сакаме да определиме, да ,окарактеризираме‘ некоја личност, ние избираме индивидуални својства, ,црти на карактерот‘, кои се среќаваат и кај други индивидуи и никогаш не можат да бидат сосема ,лични‘, бидејќи ѝ припаѓаат на заедничката природа. И на крај разбираме: она што ни е најдраго кај човекот, она што го прави ,самиот тој‘, е неопределливо, затоа што во неговата природа нема ништо што би се однесувало токму на личноста, секогаш единствена, неспоредлива и ,без сличност“. Човекот определуван од својата природа, кој дејствува според своите природни својства, според својот ,карактер‘, е најмалку ,личен‘. Тој се утврдува себеси како индивидуа, како сопственик на сопствената природа, која ја спротивставува на природите на другите како свое ,јас‘ – и тоа е мешање на личноста и природата. Ова мешање својствено на паднатото човештво во аскетската литература на Источната Црква се означува со посебен термин: ,автотис‘, ,филавтија‘, или, на руски, ,самост‘. Поимот личност претпоставува слобода во однос на природата; личноста е слободна од својата природа, таа не се определува од својата природа. Човечката ипостас може да се самоостварува само во откажување од сопствената волја, од она што нè определува и нè поробува со природна нужност. Индивидуалното, самоутврдувачкото, во кое личноста се меша со природата и ја губи својата вистинска слобода, треба да биде скршено. Во тоа е основниот принцип на аскезата: слободно откажување од сопствената волја, од привидот на индивидуалната слобода, за повторно да се стекне вистинската слобода – слободата на личноста, која е образ Божји, својствен на секој човек“. Да, за ова прашање може да се најдат многу најдлабоки расудувања кај светите отци.

Така, манастирот е најидеалното место токму за ослободување и разоткривање на човечката личност во целото нејзино скриено богатство и широчина. Тука нашиот „надворешен“ човек го добива сè што е неопходно за живот – рамномерно и во мерка, без отежнувачки и раслабувачки вишоци. Тука сè е промислено и устроено така што тој може да не се грижи за ништо друго освен за внатрешно усовршување и стремеж кон небесното. Тука неговите земни грижи и маки за сè што е поврзано со неговото пребивање во овој свет, непостојан и непрочен, се сведени на најголем можен минимум, додека грижите за вечното и за влегувањето во него се мошне широки и разновидни. Се разбира, сето кажано е идеал, и денес веќе ретко може во манастир да се најдат услови блиски до тие. Но ако човек правилно се постави, тогаш дури и во многу обители слаби по монашки живот сепак е многу поудобно да се стеснува своето земно и грубо „расплескување“ во областа на суетното, да се собираш, да го истресуваш од себе излишното и отежнувачкото, да се воздигнуваш кон духовното, таму да ги насочуваш своите грижи и интереси. А тоа и ќе биде вистинско разоткривање и пројавување на своето личносно, достојна примена на своите неповторливи дарови и способности.

И сироти, сироти сме ние луѓето, кога брзаме да се покажеме пред општеството, да се обележиме, да се втиснеме, да оставиме подлабока трага на тој „крајбрежен песок“. Брановите на времето безмилосно ја мијат и ја трошат секоја, дури и најинтересна слика на него. Да, навистина, на душата ѝ е дадено право да влезе во овој свет и да испее само една-единствена песна, и не смее да се изгуби времето, не смее да се преспие. Песната треба да се испее, да се испее со длабоко чувство, во неа да се вложи целата своја неповторливост, својата „единственост“. Но основната смисла што ѝ дава цена на таа музика е само во тоа кому му е посветена таа песна, кого го слави, за каква љубов зборува. И колку често денес човекот ја претвора таа песна во некакво мукање, блеење, скотско завивање, вика некаде во празнина, се криви, предизвикува, самиот не знае кого и зошто, и тоа го нарекува слобода, самоизразување на своето неповторливо „јас“. Да се бега! Да се бега без осврнување од таквата слобода.

Изворник: Архимандрит Лазарь (Абашидзе), Мучение любви, Саратов 2005.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 79

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!