![]()
Сведоштво на монах Н., Свештен манастир Григоријат, Света Гора
Моето послушание беше да се грижам за дрвјата; бев одговорен за маслиновата градина и лозјето на манастирот. Еден ден монахот што беше одговорен за цитрусните дрвја ме извести дека е донесена одлука и дека наскоро, заедно со други отци од манастирот, ќе ги откопаат сите лимони, портокали и другите цитрусни дрвја и ќе ги пресадат близу до лозјето, бидејќи таму имавме две големи и убави тераси, со надеж дека таму ќе даваат повеќе плод.
Тие денови слегов во Атина за да се посоветувам со светиот (Порфириј) за една работа. И додека разговаравме, тој ја смени темата и ме праша:
— Кажи ми, таму имате некои цитрусни дрвја, лимони, портокали… и сакате да ги пренесете кај лозјето?
— Да, старче…
— Да не ги носите таму, зашто таму ги фаќа студен ветер. Таму зиме има мраз, а цитрусните дрвја се многу чувствителни на студ.
— Добро, старче, ќе ги известам отците.
— Кога одиме со бродот кон свештениот манастир Дионисијат и го гледаме манастирот од левата страна, десно од манастирот имате некои тераси што се спуштаат до морето.
— Да, да, старче…
— Таму, најдолу, уредете го местото и направете една стаклена градина, па ќе јадете зеленчук преку целата година. Ќе имате модри патлиџани, домати, пиперки…
Навистина така направивме, и тоа оди многу добро.

Кога се вратив на Света Гора, ги известив отците за советите на отец Порфириј, но тие не ме послушаа, бидејќи одлуката веќе ја имаа донесено и сè беше подготвено за пресадувањето.
Уште првата зима сите дрвја „изгореа“ од студот. Посадивме нови, но и тие повторно изгореа од мразот. Тогаш се сетивме на зборовите на светиот и на тоа место посадивме круши, јаболкници и слично. А цитрусните дрвја ги посадивме таму каде што беа и порано, и оттогаш имаат многу голема плодност. Се сеќавам, само од едно дрво собравме дваесет гајби портокали, и секоја година продолжуваат да ни даваат голем род.
*
Еднаш некои отци од манастирот отидоа кај светителот, и тој им зборувал за нашиот блаженоупокоен игумен, отец Георгиј Капсанис. Им советувал:
„Кажете му на вашиот старец да се занимава и со градината!“
Подоцна и нашиот старец слезе во Атина, а светиот му го повтори истото:
„Занимавај се и со градината! Гледам дека нервите ти се слаби. Секој ден оди по два часа да копаш…“
Но тој, поради многуте обврски како игумен на манастирот, воопшто не наоѓаше време. Бевме осумдесет монаси и постојано го замаравме. Имаше писмена работа, примаше многу телефонски повици, имаше духовни чеда надвор во светот, а држеше и проповеди. На крајот, нервниот систем го предаде и остана целосно парализиран.
Светителот, со Божјата благодат, видел дека неговото тело има слаби нерви и дека преку рачна работа — копање и слично — тие ќе зајакнат.
Од книгата: „Преподобен Порфириј Пророкот, Сведоштва — Том II“
(Светогорска свештена келија на Светите Теодори, при манастирот Свети Павле — Света Гора)
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев