![]()
Протоереј Василиј Термос
Донекаде насловот може да нè збуни. Сме се навикнале да зборуваме за покајание и многу сме читале за него. Исто така сме слушале и читале многу за љубовта. Два многу важни поими, две многу важни вистини од нашиот духовен живот. Како овие два поими можат да се соединат во еден наслов, особено кога е формулиран на таков начин што речиси се изедначени? Покајанието е вид на љубов, проучено како љубов. „Покајание под форма на љубовта“ и „покајание со љубовна содржина“: тоа се можните објаснувачки варијанти.
Поимите и стереотипите кои секој од нас ги има за овие два поима, очигледно не се совпаѓаат. Зборуваме за покајание и ги имаме предвид болката по Бога, покајните солзи, понизноста, плодовите на понизноста, делата на покајанието и сето она за кое сме читале или слушале. Зборуваме за љубов и во мислите ни доаѓаат жртвата, посветата, човекољубието, меѓусебното навлегување со другиот. Како овие два различни стереотипи, две толку различни слики можат да се соединат и тоа на таков начин, што – повторувам – речиси се изедначени?
Ќе се обидам да објаснам зошто покајанието и љубовта се исклучително блиски и речиси идентични, и дека љубовта е предуслов на покајанието – тоа е главната идеја. Ќе се обидам да ја објаснам на три начини, преку три основни аргументи.
Првиот е емпирискиот аргумент. Со други зборови, нашето искуство со луѓето и со нашето „јас“ ни кажува дека начинот на кој луѓето се покајуваат има големи сличности на начинот на кои истите и љубат. Забележуваме дека луѓето кои можат силно да го возљубат другиот, можат силно и радикално да се покајат. Луѓето кои имаат потешкотии да возљубат и се некако повлечени, резервирани, ладни и затворени во себе, имаат потешкотии да се покајат.
Згора на тоа, не се работи само за количината, туку и за последователноста во времето. Луѓето што љубат, но се непостојани во тоа, т.е. се оддаваат себеси кога љубат силно, но за кратко време истите стануваат ладни, се повлекуваат и ја губат својата љубов. Затоа, луѓето кои љубат, но се непостојани, кога ќе се покајат, исто, пак ќе бидат непостојани. Тие не можат да продолжат по убавиот пат по кој тргнале со почетокот на покајанието.
Овие сличности се должат на фактот дека квалитетот и силата на покајанието ја следат љубовната сила на човекот. Секој човек во себе има определена љубовна сила која му ја дал Бог. Таа е елемент на побожноста. Поради различниот карактер на секој човек, поради тешкотиите со кој секој човек се соочил во својот живот – има различни родители, израснат бил во други услови, се пронашол во други ситуации итн., поради многу големата разновидност на условите и карактерите – љубовната сила не е иста кај сите нас, не е на ист степен, квалитет и нема иста непроменливост. Значи, способноста за покајание ги проследува својствата и специфичноста на љубовната сила. Затоа ги набљудуваме сличностите кои ги спомнав погоре.
Тоа е емпириска вистина која нè предиспонира во таа насока. Со други зборови, главниот механизам со кој човекот се покајува е неговата способност за љубов. Но, повторувам, ако има богати „услови“ за љубов, тој може и вистински да се покае, со целост, со благородност, со последователност, како што сака Бог. Оној кој има слаба способност за љубов, неговото покајание исто така ќе биде слабо и недоволно и ќе му треба многу работа и внимание, за да го зајакне, бидејќи овие работи за кои зборуваме сега не се статични. Поради природата и околностите во животот, човекот може да има намалена способност за љубов, но со Божја помош таа може да се зголеми.
Во овој прв дел ќе ни помогнат неколку примери. На пример, братот на блудниот син. Тој, како што можете да видите покажува несрдечност, малодушност. Кога одново го сретнал својот брат, кој го сметал за загубен, за кого немал вести со години, па мислел дека можеби и не е жив, место да започне да скока од радост, тој започнал да негодува кон татко му поради зависта што ја чувствувал. Очигледно е дека човекот кој постапува на тој начин и не побрзува да падне во прегратките на својот брат, не е способен да возљуби. Тој нема љубов во себе. Тоа не му дозволува да се покае. Напротив, неговиот брат има многу длабоко, автентично и вистинско покајание, според мерката на неговата љубовна сила.
Некој ќе рече: „А од каде знаеме колку љубовна сила имал и колку го љубел помалиот, блудниот син?“. Ќе го дознаеме тоа со помош на уште еден случај, што ќе го наведам, бидејќи животот на блудниот син има доста многу допирни точки со животот на преп. Марија Египетска. Како што блудниот син поминал долги години далеку од својот дом, во телесни задоволства, така и преп. Марија Египетска поминала многу години во телесни задоволства. Ќе ми кажете – „каква врска има тоа со љубовната сила“? Има и тоа многу голема, а ќе ви кажам на што мислам.
Кога си го исповедала животот на старецот Зосим во пустината, каде што ја нашол, преподобната Марија Египетска му кажала детаљ кој навистина бил шокирачки за верникот. Таа му рекла: „Не одев со мажи само за пари, туку и без пари понекогаш, бидејќи јас го сакав тоа“. Со други зборови, толку силна била нејзината љубов кон плотта и страста за наслада. Овој начин на живот, многу див и плотски, кој го водел и блудниот син (затоа зборував за сличност – „овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници“) укажува на присуство на моќна љубовна сила во човекот, која, сепак, е изопачена. Постои интензивна способност за љубов, но таа љубов е насочена целосно кон постигнување на безлична наслада, на безлично задоволство.

Како што св. Јован Лествичник зборува во „Лествица“ за „љубовта кон телото“, која сепак е способност за ерос т.е. за силна љубов. Како го разбираме ова? Од начинот на развитокот на животот на преп. Марија. Зошто човек кој речиси ги обожавал насладите во својот живот, стигнал до тоа, по чудотворното преобраќање, да оди во пустината, да не види човек долги години и да се подвизува исклучително сурово, да се храни со минимумот што го дава природата, жестоко да го измачува своето тело со сурови подвизи и да стане целосно непрепознатлив? Како е возможно човек кој толку многу сака телесни наслади, да отиде по пат на еден толку жесток, речиси маченички живот на подвижништво?
Ние не можеме да го разбереме и објасниме ова на друг начин освен со претпоставката дека луѓето со толку силна љубов кон плотта поседуваат моќна љубовна сила, која, сепак, е оштетена од страстите и се подложува исклучиво на еросот кон телото. Со преобраќањето, преп. Марија ја насочила оваа сила на љубовта кон Бога и ѝ овозможила да прави толку сурови подвизи, што ако ние ги правевме само една недела, а не толку години, сепак не би ги издржале, ќе нѐ опфати униние. Да се истрае во тоа и да не се потклекне, туку да се има радост за средбата и за присуството на Бог, значи дека љубовната сила во неа е посилна и целосно насочена кон Бог.
Подвигот е возможен само преку љубов. Оној што љуби е способен не само да прави тешки подвизи, туку и на голема понизност, т.е. да не мисли дека подвигот што го врши е нешто значајно. Затоа, сета оваа љубов кон плотта станала љубов кон Бога. Токму тоа е она што ја создава светоста на преп. Марија Египетска, а не фактот што таа можеше да пости толку многу. За да укаже на светоста на некој нејзин член, Црквата не испитува точно каков пост држел тој, туку покажува дека постот е резултат на голема љубов. Светоста на преподобната е сведоштво за нејзината голема љубов кон Бога, на која останала верна до својата смрт и која ја пројавила во покајанието и преобраќањето на душевните сили.
Затоа, покајанието е преобраќање на душевните сили на човекот кое е поттикнато од љубовта. Затоа, покајанието ја следи специфичната природа на љубовта во секој од нас. Со други зборови, ако сакаме да одговориме на прашањето зошто не се каеме доволно (секој сам ќе си процени), можеби следниот чекор е да кажеме дека веројатно не ги сакаме доволно Бог и луѓето.
По ова прво набљудување, да преминеме на второто, кое мислам дека ја оправдува и поткрепува оваа претпоставка. Ако се обидеме да го анализираме покајанието како настан, како процес, забележуваме дека тоа бара доверба. Се покајувам, односно (самиот збор подразбира) се предомислувам, го менувам начинот на размислување, станувам нова личност и, според тоа, го менувам својот пат. Не го следам она што некогаш мислев дека е корисно и добро за мојот живот, туку Му се предавам на Бога за да може да ме води. Ги применувам Неговите заповеди, ги чувам Неговите заповеди, како што побарал Самиот Христос од нас, ако се сеќавате во Евангелието според Јован: да ги пазиме Неговите заповеди, за да биде Тој во нас и ние во Него.
Ги запазувам Неговите заповеди затоа што Нему Му се доверувам – веќе Му се предавам на Христа. Очигледно е дека не можеме да веруваме на некој што не го сакаме (се разбира, зборуваме за егзистенцијална доверба), ако не му се предадеме. Други мали дела на доверба од нашиот секојдневен живот може да се извршат и без љубов. Меѓутоа, кога станува збор да се довериме себеси, својот живот, кој е единствен и уникатен, некому, потребна е љубов, за да можеме да му се довериме. Да му се препуштиме.
Во оваа смисла, нашето предавање на Бога преку покајание значи одрекување од „јас“. Ние се одрекуваме од она што сме го знаеле, љубеле, сме го сметале за логично и излегуваме да се сретнеме со Другиот, со Бог, на ист начин како што Авраам го послушал Бога и излегол да Го пресретне. Се сеќавате на изразот – покана што Бог му ја упатил на Авраам: „Излези од својата земја, од родот свој, и од домот на татко си (па појде) [на крајот на светот во тоа време, пешки] во земјата што ќе ти ја покажам Јас! А од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен“ (Битие 12,1-2).
Оваа Божја покана до Авраам, која природно имала просторен карактер – „замини оттука и оди таму“ – била промена на местото, додека за нас истата се повторува секоја минута како промена на животниот стил, како Бог да ни вели: „Оди, остави го она во кое си се научил, начинот на кој живееш и се движиш и мислиш во твоите односи со другите луѓе и направи го она што јас ќе ти го кажам. Отиди во нова земја – Моите заповеди се нова земја – и довери Ми се“!
Тоа е самоодрекувањето. Одрекување на себеси и на сè што сме сакале и на што сме се приспособиле. Значи, покајанието е дело на љубовта – во смисла дека верувам на Бога да ме води кон непознатото. Затоа што послушанието кон Христовите заповеди е до одреден степен пат кон непознатото. Не можам, а да не се сетам на случајот со чудесниот улов, кога во зори учениците се вратиле уморни и ненаспани, со празни мрежи и, нормално, многу загрижени. Го виделе Христос на брегот, Кој им рекол: „Што се случува? – „Господи, ништо не фативме“ – „Добро, вратете се и фрлете ги мрежите на она место!“. Се разбира, можеле да му речат: „Господи, ние сме искусни рибари, многу добро знаеме мислиме дека нема да уловиме ништо“. Тоа би се случило кога тие би размислувале човечки.
Меѓутоа, каков беше одговорот на св. ап. Петар? „Господи, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но на Твојот збор ќе ја фрлам мрежата“. Откако Ти ќе речеш, ќе ја фрлам мрежата таму. Доволно ми е тоа што Ти го кажуваш. Мислам дека зборовите се излишни за таков чин на доверување и самопредавање. Потоа, тие не можеле да ја кренат мрежата, како што се сеќавате, и ги повикале другите да помогнат, бидејќи била полна со риби.
За жал, има голем број верници, систематски верници, кои учествуваат во животот на Црквата, но не се покајуваат доволно, бидејќи не сакаат длабоко да се предадат на Бог, т.е. не сакаат нивната врска со Бог да ги уништи нивните претстави: Да, Господи, ќе Те молам долго, секоја вечер, и наутро и навечер понекогаш, но Те молам, сакам и после тоа, кога ќе станам од молитва, да продолжам да верувам дека сум подобар од овој или оној. Сакам да продолжам да верувам дека сум подобар од жена ми (и обратно). Не можам да поднесам да ми покажуваш дека другиот е подобар од мене“.
Ова е многу вообичаен начин на размислување и состојба меѓу христијаните, што е, нормално, спротивно од покајанието. Човекот може надворешно да дава импресивни изјави за вера и христијанска посветеност, затоа што е лесно склон да прави огромни жртви за да ги задржи своите идеи недопрени. „Господи, зачувај го мојот имиџ дека сум подобар и ќе се растопам за Тебе, ќе се раздадам, ќе трчам, ќе правам сè – долги пости, јавни, црковни работи, само не допирај го моето фарисејство“.
Сум сретнал многу луѓе, патем пријатни, добри луѓе, кои не сфатиле дека нивната тешкотија да се покајат е всушност нивната тешкотија да се чувствуваат должни кон некого. Ова беше трагедијата на фарисејот и оттогаш до денес на секој фарисеј. Сакам да се спасам, но не сакам да се чувствувам должен кон Некој што ќе ме спаси, т.е. кон Бога; зашто, всушност, не сум способен за љубов. Љубовта вклучува благодарност. Кога постои љубов, зборот „благодарам“ се слуша многу често бидејќи постојано ги признавам даровите на другиот.
Значи, не сакам да се чувствувам должен. Што правам? Ги чувам сите прописи, надворешните работи, затоа што суштинските не можам да ги чувам, бидејќи ми недостига понизност, го чувам законот, правните прописи – мерливи работи, за да можам да му жалам на Бога за моето спасение и да Му речам: „Ете, јас ги направив овие работи, сега Ти си должен да ме спасиш“. Ја разбирате ли трагедијата на многу христијани кои две илјади години подоцна живеат како ништо да не се сменило?
Третиот момент, кој ни покажува како покајанието е поврзано со љубовта, е случајот со грешницата која паднала пред Христовите нозе и Го помазала со миро. Тоа се случило во домот на еден фарисеј, кој се налутил и си помислил: „Кога Овој би бил пророк, би знаел која е оваа жена што Го допира и немаше да го прифати тоа“. Тогаш Христос се завртел кон него и го прашал: „Симоне, имам нешто да те прашам. Двајца некому му должеле различни суми: едниот мала, а другиот голема сума. Тој им простил на двајцата. Што мислиш, кој од нив ќе го милува повеќе?“ – „Па, се разбира, оној што должел повеќе“ – „Точно. Дали сега разбираш зошто оваа жена Ми ја покажува својата благодарност? Затоа што чувствува дека ѝ е направена голема добрина со простувањето на гревовите, што ѝ го давам“. Потоа се сврте кон жената и ѝ рече: „Простени ти се гревовите!“.
Ако не верувам дека имам многу гревови, делото на Божјото домостроителство за мене нема многу смисла – фактот, што Бог стана Човек, дека беше распнат и воскресна… Тој не ми подарил ништо посебно. Се плашам дека потсвесно многу христијани мислат дека би можеле да се спасат без Христос.
Сакам да нагласам дека благодарноста доаѓа како резултат на покајанието, тоа е облик на љубов. Од друга страна, ние Му Го принесуваме своето покајание како љубов. Со други зборови, љубовта е – и резултат – и причина за покајание.
Не знам колку нашето воспитување во семејството и во Црквата е насочено кон покајанието како процес на љубовта. Напротив, покајанието е често задолжение кое ни го наметнува казнувачот и жесток бог, кој држи лупа, за да ги види нашите гревови и на тој начин да нè доведе до пропаст. Всушност, се случува спротивното. Тој внимателно гледа да ја види секоја добра работа, за преку неа да најде повод да нѐ спаси.
Тој Бог го имаме, но за жал не им Го пренесуваме на нашите деца. Честопати дури и им се закануваме во Негово име. Бог кој, како што нѐ учеа нашите татковци, доаѓа кај човекот со љубов! Застрашувачкиот бог кој напаѓа е навлезен од Запад…
Прочитајте мал извадок од дијалогот што оваа жена го водела со продавачот на миро, како што уметнички го замислил свети Јован Златоуст, за да разберете како размислувале и чувствувале нашите отци:
- Сакам да ми го дадеш најдоброто миро што го имаш.
Тој ја распрашал повеќе за да разбере за каде ѝ треба, но таа го прекратила:
- Те молам, не дојдов овде да разговараме, само дај ми го најдоброто миро, за да поитам, зошто се брзам, сакам да го сретнам мојот Возљубен!
Продавачот на мирото ѝ одговорил:
- Ја гледам цената на мирото, кое го бараш, и се воодушевувам! Кој е Тој, Кого толку многу го љубиш? Уште малку и мене ќе ме натераш да Го возљубам.
Жената одговорила:
- Што ме притискаш, човеку, да ти кажам Кој е? Зар не гледаш како срцето ми гори (од желба) да Го сретнам и се плашам да не би да истече времето и да не успеам? Ми се чини дека на ниту еден жител на оваа земја не му е познато што сум правела валкајќи ги другите со блуд. И штом го видов Овој Свет Лекар, Кој се јави на земјата, во еден миг душата ми се зароби и плени од Него, бидејќи ги видов многуте чудесни дела што Тој ги правеше. Ги прифаќа грешниците, општи со цариниците, не се лути и не ги брка оние што прибегнуваат кон Него“.
Целата терминологија на ова слово е од љубовен карактер и се однесува на Големиот Возљубен. Кога зборуваат за покајание, отците мислат на активирање на човековата љубовна сила, која сама по себе е способна да ја победи порочната сила на навиката. Зашто добро знаете дека борбата, што ја водиме за да ги победиме искушенијата на светот, и за лукавиот е жестока.
За заклучок, би сакал да кажам дека кога покајанието вистински е поттикнато од љубовта, тоа е претставено од отците и со други синоними. Тоа е почеток на Царството Божјо (како што покажува почетокот на Христовата проповед) во смисла дека преку вистинското покајание човекот почнува да го претвкусува Царството Божјо. На друго место е претставено како доаѓање на Светиот Дух, Кој делува во човекот и го води. На друго место отците го споредуваат со нов поглед: човекот добива нови очи. Делата на верата и боговидението кај светителите претставуваат долг процес кој започнува со покајание.
Се разбира, Бог е човекољубив и знае колку ни е тешко да го направиме првиот чекор и да го достигнеме нивото на љубовта. Затоа Тој прифаќа други облици на покајание, понесовршени, попроблематични. За некои браќа, поттикнувањето на покајание може да биде страв или надеж за награда. Сепак, целта мора да биде љубовта, без разлика на првиот мотив што ни овозможува да започнеме. „Надежта пак, не нѐ посрамотува“ (Рим. 5,5).
Превод: Никола Велев