Вистинската љубов

Spread the love

Loading

Отец Николај Лудовикос

Никој не може да го види Бог. Никој не може да Го погледне, да Го сфати, да Го почувствува целосно, да Го совлада, да Го замисли или да Го вметне во својот ум. Бог не може да се вклопи во човечките замисли. И сите идеи, слики и фантазии кои ги имаме за Него, почнуваат да отпаѓаат кога човекот почнува да Го познава. Како што велат отците-аскети, кога човекот ќе се приближи многу блиску до Бога, секоја претстава за Него се укинува. Во нас нема ништо од нашето создадено искуство со кое би можеле да го споредиме со Бог. И тогаш Бог се открива како нешто сосема ново.

Колку повеќе човек се приближува кон Него, толку повеќе сфаќа дека зборовите не се доволни. Додека сме далеку, велиме: „Бог е љубов“, „Бог е милост“, „Бог е промисла“. Но, како што напредуваме, овие концепти повеќе не се доволни за да опишат што е Бог. Ние разбираме дека Тој е нешто неизмерно повеќе од тоа. Затоа св. ап. Павле зборува за тие неискажани виденија и вели: „чул неискажани зборови, кои човек не смее да ги каже“. Дури и да ги види, човек не може да ги пренесе со зборови. Имаме писмени сведоштва од многу свети отци кои велат дека она што го доживуваат е невозможно да се искаже бидејќи е надвор од човечкото искуство.

Тоа во нашата богословска традиција се нарекува апофатизам – невозможноста да се опише Бог со термини кои веќе ги познаваме. Не можеме да кажеме едноставно „Бог е ова или она“. Тој е неспоредлив, не е сличен на ништо. Имено, Божјата љубов е првото големо и недостижно нешто, кое го доживуваме. Таа е неочекувана. Бог би можел да не биде љубов. Би можел да биде само правда. Или, дури ни тоа – би можел да биде потполно неразбирлив, произволен, рамнодушен кон светот, како богот на Аристотел: првиот двигател што става сè во движење, а потоа останува неинволвиран. Но, ние зборуваме за Бог кој е љубов. И ова е откровението што го добивме преку Исус Христос, Синот Божји. Учиме дека Бог е љубов во самото свое битие –  Отецот, Синот и Светиот Дух.

Ако некој праша што точно значи Отецот и Синот, богословието не може да даде човечки опис. Не можеме да го замислиме Отецот како старец со бела коса, Синот како помлад човек, а Духот како гулаб, како што понекогаш наивно се прикажува. Сите три Лица се личности, но неразбирливи за човечкото разбирање. Затоа и во библиските јавувања на Бог гледаме три еднакви суштества – на пример трите ангели кај Авраам. Дури и старецот Јосиф Исихаст раскажува за видение на три исти деца кои зборуваат во потполно единство – образ на Света Троица.

Ние немаме човечки лик кој целосно ќе соодветствува на Бога. За нас Тој е Отец, но тоа не е татковство како нашето човечко татковство. Ако погледнеме психолошки, мајката е таа преку чија безусловна љубов детето се открива себеси. Таткото влегува како трета личност во оваа врска – како закон, јазик, граница. Детето расте, но го губи првобитното рајско единство со мајката.

„Тогаш дали е Бог татко или мајка? Тој е извор на двете, но не е сличен на ниту еден од нив. Таткото често се поврзува со законот и казнувањето. Затоа, кога страдаме, сите велиме „мајко мила“, па дури и татковците. Бидејќи копнееме по она првобитно чувство на безусловен прием, сигурност, закрила и нежност.

Бог е жртвена љубов – татковство без суровост и власт. Љубов која ги надминува татковството и мајчинството. Го нарекуваме Отец затоа што го земаме најсветлото и најпожртвуваното значење на татковството. Свети Јован вели: „Бога никој никогаш не Го видел. Ако се љубиме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас“. Како можеме да знаеме дека Божјата љубов живее во нас? Со тоа дали во нас извира љубов кон другите. Кога човек ги љуби другите, тогаш Божјата љубов почнува да почива во него.

Тоа не значи дека Бог не ги љуби оние кои не љубат. Тој и тие ги љуби. Но таквиот човек не може да ги прими даровите на Духот. Како што вели Светото Писмо: „Дека ние пребиваме во Него и Тој во нас, знаеме по тоа што ни дал од Својот Дух“. Односно, кога човек не љуби, тоа укажува дека не го примил Духот целосно. Нешто во него Му пречи на Бога да се соедини потполно со него и да му ја даде таа љубов, мир и благодат, коишто доаѓаат со Светиот Дух.

Првиот знак дека човекот го носи Духот е токму таа љубов. Ако недостасува, тогаш Божјиот Дух не почива во него. Бог продолжува да го љуби, но нешто внатре во човекот го спречува целосното соединување со Бога – единство кое носи мир, благодат и дарови неспоредливо повисоки од сè што човекот може да замисли во овој живот.

Мирот на Светиот Дух е нешто големо и страшно во добра смисла. Огромен дар.  Како и сè друго – вера, добрина, кроткост. Ќе речете „но, овие нешта се гледаат“. Не секогаш. Парадоксално е, но тие често не се видливи надворешно.

Има луѓе кои се емотивни по природа – лесно сочувствуваат, лесно пројавуваат внимание. Тоа е психолошка карактеристика, природен дар. Но, љубовта е нешто подлабоко. Вистинската љубов не е само нешто што секогаш може да се види однадвор.

Познавам луѓе со голема љубов што знаеле да ја сокријат. Така, Бог понекогаш ја крие Својата љубов. Бидејќи ако земете дете и постојано му повторувате: „Те сакам, те сакам“, ако постојано го преплавувате со внимание и си ги покажувате чувствата, детето во одреден момент ќе се измори, ќе биде психички под товар. И никогаш нема да ја развие сопствената личност ако мајката постојано се држи до него.

Психолозите велат дека таквото дете никогаш нема да стане „мајка за себеси“ – нема да може да се погледне од страна, да научи да стои само. Мајката ќе остане како дел од неговиот внатрешен свет, таа секогаш ќе го чува, ќе се грижи за него, ќе управува со него. Затоа, претерано заштитнички настроените мајки често создаваат деца кои не можат да излезат во светот и да живеат самостојно.

Бог не е таков. Понекогаш ја сокрива својата љубов, бидејќи сака да ни помогне да се научиме да стоиме на свои нозе.

Затоа, човекот кој е воспитуван во љубовта, поминува низ разни испитувања. А оној кој навистина љуби, знае дека љубовта не може секогаш да биде видлива. Љубовта не е само нежни погледи, гестови и постојано прикажување на чувствата. Понекогаш тоа е она што ѝ пречи на љубовта.

Понекогаш љубовта значи да се повлечеш. Понекогаш љубовта значи да го ставиш другиот кај што му е местото. Нели и Христос го зеде камшикот во храмот и сè испреврте? Немаше ли тогаш љубов? Понекогаш љубовта ја стресува земјата.

Има земјотреси, глад, катастрофи – работи што Бог не ги сака сами по себе, но кои, како што велат отците, со допуштање стануваат пројави на едно подлабоко воспитување на љубовта. Како и со детето – увидувате дека вашата добрина почнува да станува предмет на употреба и експлоатација. И тогаш сте принудени да направите чекор назад, привремено да ја ограничите грижата и даровите, за да може да открие кој навистина го љуби, кој го поддржува и од каде доаѓа неговата вистинска среќа. Бидејќи тоа сè уште не го знае и мисли дека сè му е дозволено. Така и Божјата љубов не е нешто што се гледа. Вистинската љубов никогаш не е наметлива и демонстративна. Има своја внатрешна логика, свој тивок начин на дејствување. Се разбира, љубовта има свои белези – не треба само да се преправаме дека љубиме. Во човекот кој љуби, секогаш постои внатрешна отвореност кон другиот. Овој човек навистина не може да мрази никого.

Еден духовен човек, кој некогаш ми беше исповедник, велеше: „Моето срце има само влезови – нема излези. Кој ќе влезе внатре, не може да биде исфрлен, што и да ми прави“. Тоа беше отец Епифаниј Теодоропулос. Ни велеше: „Ќе најдете духовници посвети од мене, ќе најдете и помудри. Но тешко ќе најдете човек кој ќе ги љуби своите духовни чеда повеќе од мене. И сепак, јас нема да добијам награда за тоа, бидејќи таа љубов ми е дар од Бога“. Ако човек би го видел од надвор, никогаш не би го претпоставил тоа. Тој изгледаше како стар строг војник – суров, тивок, строг, затворен во себе. Првото чувство кога ќе се приближиш до него е „како да си отидам побрзо од овде?” Неговиот поглед беше тежок, зборовите – кратки и отсечни.

Сепак, во овој човек живееше таква љубов, што понекогаш кога ќе ја видевме на дело, останувавме без зборови. Но тоа беше сериозна, духовна љубов – не сентиментална, не емоционална, не себична. Сосема поинаква љубов.

Се разбира, овој човек не го беше добил тоа без труд. Тој се подвизувал, се борел да ја придобие таа љубов. Се сеќавам како еднаш го прашав: „Отче, вие никогаш ли не сте учествувале во религиозните организации додека сте студирале теологија?“ – тогаш тие беа насекаде, немаше речиси ништо надвор од нив. А тој ми одговори: „Не, дете мое, јас не поминав низ тоа. Јас знаев само за параклиси и манастири. На тоа ме научија“. Тој не ги разбираше тие организациски структури.

Кога ми го кажа тоа, се потресов. Бидејќи сфатив дека тој човек не стигнал до љубовта лесно. Тој беше исклучително чувствителен човек – проживеал низ многу, беше повреден, трпел многу човечки глупости и духовна просечност, додека не му била дадена таа љубов.

Разбирате ли што ви кажувам? Тоа не се само „Божји дарови“ кои доаѓаат автоматски. Не е тоа како касета, која ја пушташ и секогаш свири истото. Затоа го имаме Светиот Дух. Ја имаме таа љубов која сведочи за Духот и не Го спречува да биде во нас. И преку Тој Дух разбираме, дека навистина Отецот го испратил Својот Син во светот. Бидејќи надворешната вера може да кажува „верувам во Исус Христос, Синот Божји“ – ама само како зборови. Но, ако човек тоа не го доживее, не го почувствува внатрешно, таа жива вера не се раѓа.

Едно е да кажуваш „Верувам во Бога“, но сосема е друго да знаеш дека Христос е навистина Син Божји и твој личен Спасител – да Го чувствуваш непосредно како што го чувствуваш светот околу себе, своето тело, својот ден. Оваа внатрешна увереност е духовна состојба. Отците го нарекуваат „догматска свест“ – не само догма како текст, туку проживеана вистина. Едно е самото учење, друго е свесноста за нејзината вистина како живо искуство. А тоа секогаш доаѓа преку Светиот Дух, кој пребива во човекот, кога тој се отвора кон Бога и кон ближниот и почнува да ја живее љубовта. Тогаш се даваат даровите на Духот. Првиот дар е токму ова искуствено познавање на вистината.

Превод: Никола Велев

Православна светлина бр. 79

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!