![]()
Владика Григориј Дизелдорфски
Бог ни ја остави Црквата да биде наше ново, вечно семејство, во кое, како деца на бесмртноста, преку Него стануваме едни на други вечни браќа и сестри, и од неа го земаме квасецот на светоста и бесмртноста – со него да ги заквасиме и нашите мали, земни семејства.
Кога зборуваме за детството, воспитувањето и образованието, за татковството и мајчинството, се движиме во рамките на големата и неисцрпна тема на семејството – заедницата која е заснована на овие односи и која на нив опстојува. Светите oтци зборувале за човекот како за икона Божја, а за семејството како за икона на Црквата, но многу е важно на вистински начин да разбереме во што се огледа оваа иконичност.
Бог, Кој е Света Троица, е Битие на заедницата, затоа и човекот, кој е создаден според Неговиот Образ, е повикан во заедницата и преку заедницата да го гради својот идентитет, а Црквата, како видлива пројава на невидливото единство на сите нас со Бога, токму затоа е заедница par excellence. Црквата, како свет квасец кој ги осветува и времето и просторот на нашиот земен живот, и тогаш кога сме свесни за тоа и тогаш кога не сме, длабоко и непобитно влијае врз сите аспекти на нашиот семеен живот. Од таа причина, семејството го нарекуваме „Црква во мало“, односно икона на Црквата.
Луѓето се раѓаат, растат, се формираат како личности и како суштества на заедницата во рамките на таа специфична заедница – семејството. Во него живееме, се мачиме и се трудиме, се сакаме и се караме, се разбираме и не се разбираме. Понекогаш сме добри, понекогаш не сме. Понекогаш сме мудри, понекогаш не сме. Понекогаш сме среќни, понекогаш тажни. Понекогаш сме полни со надеж, а понекогаш во страшна безнадежност. Понекогаш имаме имот и богатства, а понекогаш преживуваме на работ на егзистенцијата. Понекогаш сè изгледа мрачно и темно, а понекогаш сè бива озарено со онаа светлина која сè прави ново.

Вообичаено, нема семејство кое на патот кон своето остварување не минува низ различни кризи и крахови, како и низ различни преродувања и воскресенија. Ова е така затоа што семејството го сочинуваат луѓе – а луѓето се грешни и слаби, но тие се и оние кои се каат и се обновуваат, кои во своето опкружување оставаат неизбришлива личносна трага и печат. Во своето најдлабоко искуство ние често ги носиме зборовите на големиот Његош: „Никој мирен, а никој спокоен, никој среќен, а никој доволен…“ Зашто нè снаоѓаат неволји – поради минатото кое не можеме да го измениме и околностите врз кои понекогаш не можеме да влијаеме, поради нашите гревови и нашите падови, поради нашата немоќ и нашата смртност, поради стравот од смртта и поради многу други стравови. И тогаш бараме избавување едни во други, се потпираме со сета своја тежина врз слабите плеќи на ближните, и бидејќи не можеме во полнота да си го дадеме тоа едни на други – се лутиме едни на други, си замеруваме и сите ни стануваат виновни. Не ретко се однесуваме како оние кои во темна соба се удираат едни од други и се сопнуваат од безбројните пречки, барајќи го прекинувачот, наместо едноставно да го отвориме прозорецот и да дозволиме светлината да влезе однадвор и да ја растера темнината.
Во човекот, во тоа свое возљубено создание, Бог при создавањето го втиснал неизбришливиот печат на Својата убавина. Не смееме да заборавиме дека ниту духовната убавина, ниту светлината на нашето лице не се нешто наше, туку се одблесок на онаа Светлина која доаѓа од Изворот на светлината и која секогаш е дар. Затоа толку многу ни се потребни Бог и Црквата, како место на нашето најприсно соединување со Него. Без Бога, како Оној „во чија Светлина ја гледаме светлината“, секоја наша добродетел останува бесмислено и безживотно семе, посеано во неплодна земја без изглед некогаш да го донесе својот плод.
А Бог дојде во овој свет, ги раскина оковите на смртта, кинeјќи ги нејзините сврзни ткива, ја победи за нас смртта, гревот и ѓаволот и не ни остави ништо друго, ниту нешто помалку, туку Самиот Себе. Ни ја остави Својата Света и Соборна Црква, Својата чиста и непорочна Невеста, за во неа и преку неа да бидеме посинети од Небесниот Отец, во неа и преку неа да се соединиме со Него Самиот и да станеме членови на Неговото Тело. Ја остави Црквата да биде наше ново, вечно семејство, во кое, како деца на бесмртноста, преку Него стануваме едни на други вечни браќа и сестри, и од неа го земаме квасецот на светоста и бесмртноста – со него да ги заквасиме и нашите мали, земни семејства. Неговата Крв и Неговото Тело, со кои во Црквата стануваме едно, ги согоруваат трњата на сите наши согрешенија и сè станува поинаку и поинакво. Длабоко во нас, каде што се случуваат тоа соединување и таа средба, тогаш никнува она што е цвет на човековата душа, она што е печатот Божји во нас и по што сме Нему слични; биваме преобразени и со своето присуство преобразуваме сѐ што е околу нас. Па и тогаш кога тој цвет во нас ќе заспие, кога ќе овене среде врелината и жештината која понекогаш завладејува во нашиот живот исушен од страстите, тој цвет никако поинаку не може да биде разбуден, освен со вечно свежиот и сè обновувачкиот допир Божји. И како што семејството се собира и живее во конкретна куќа, во својот дом, така и храмот Божји, како соборно место на сите нас, синови и ќерки на Живиот Бог, станува наш вечен дом. Допрени во него со допирот на Божјата љубов, која го буди оној заспан цвет во нас, и самите стануваме мали расадници на таа љубов во своите домови. Во Црквата учиме едни со други секогаш и во сè да се гледаме како на свои вечни браќа и сестри, и усвојувајќи го таквиот начин на соживот како единствен правилен и целосен, преку него ги преобразуваме и своите биолошки односи. Тогаш семејството навистина станува Црква во мало, а во храмот Божји на видлив начин пројавуваме дека сме дел од големото духовно семејство на Црквата. Тоа е куќа на благословот, куќа на мирот, куќа на љубовта, куќа на добрината и Божјата благост, во која доаѓаме за од неа во своите домови да ја понесеме таа љубов, благост и добрина.
Семејството и Црквата имаат слична структура, а сличноста е во тоа што и двете имаат татко и мајка, невеста и младоженец, без кои нема брак, а плодови на чија љубов се децата кои ги донесуваат на свет. Семејството е пред сè заедница во која се знае кој е кој и кој каква улога има. Таткото е тука како причина и извор на семејството, како причина и извор на неговото единство; мајката е онаа која обединува, собира и помирува; а децата се потомци и ученици кои ги слушаат таткото и мајката и живеат со нив во едномислие, творејќи ја нивната волја. Оваа сличност на односите меѓу Црквата и земното семејство му дава смелост на апостол Павле, кој – говорејќи за односите меѓу мажот и жената и советувајќи ги мажите да ги сакаат своите жени, грижејќи се за нив како Христос за Црквата, а жените да им бидат послушни во сè – вели: „Ова е голема тајна; а јас зборувам за Христа и за Црквата“.
Во семејството, како и во Црквата, луѓето живеат во еден дом, на едно место, се хранат со иста храна, се сакаат едни со други со љубов која преку нивните динамични односи се унапредува. А овие динамични односи значат дека мора да се мине и низ кризи, бидејќи каде што има заедница – таму има и криза. Кризата значи – суд (од грчкиот збор κρίσις), а кризите во нашиот живот, како лични така и заеднички, секогаш се повик на преиспитување, проверка, суд и повторно расудување, пред сè за нашата љубов, без која нема и не може да има заедница, како што ни без заедница не може да има љубов. Тоа што Бог постои вечно е уште еден доказ дека Тој е Љубов – бидејќи вечноста без љубов е пекол. Во тоа е тајната на нашата боголикост: создадени сме според Ликот Божји, а Тој е вечна заедница на Три Лица во љубов, и не можеме да постоиме никако поинаку освен во заедница на љубов со другите. Во тоа лежи и тајната на Црквата, бидејќи Црквата е Самиот Христос, Кој, иако станал Човек, засекогаш е и Еден од Светата Троица. Семејството, кое е „Црква во мало“, исто така почива врз односот на љубовта меѓу своите членови: отсуството на љубов го разорува самото негово јадро. Значи, љубовта е онаа што ни дава идентитет: отсуството на љубов е гасење на животот, а со тоа и гасење на заедницата. Бог нè создал од бескрајна љубов и семето на таа љубов го положил во нас. Тој сака да го види и препознае тоа во нас, токму преку љубовта со која ние ќе се сакаме едни со други.
Ако ја негуваме ваквата љубов, нашиот заеднички живот ќе стане песна и радост, а нашето семејство еден топол и светол агол во кој ќе си ги лекуваме раните едни на други со љубов и добрина. Љубовта, која ја смирува душата и го воздигнува човекот, ќе направи нашиот живот, и покрај сите страдања и маки, сепак да биде убав.
Превод: Протоереј-ставрофор Игор Пармачки