За Светата тајна брак

Spread the love

Loading

Митрополит Дизелдорфски г. Григориј

Пишувајќи за тоа дека љубовта е извор на идентитетот на личноста, нагласивме дека таа е темел и сврзно ткиво на секоја заедница. Бог, Кој од љубов и за љубов нè создал боголики, очекува од нас својата љубов кон Него да ја пројавиме токму преку љубовта едни кон други.

Во љубовта кон ближниот, кој е икона на Живиот Бог, вткаена е и љубовта кон Прволикот – Бог Кој сите нè создал, за што пишува и апостол Јован: „Ако некој рече: Го љубам Бога, а го мрази братот свој, лажец е; зашто кој не го љуби братот свој, кого го гледа, како може да Го љуби Бога, Кого не Го видел?“ (1.Јн. 4,20). Затоа и големите отци на Црквата, кои со светоста на животот стекнале голема мудрост, говореле: „Го видов братот свој, Го видов Бог“, и нè учеле дека другиот – е нашето спасение.

Боголикоста на човекот се огледа пред сè во тоа што е повикан да живее и постои на начинот на кој постои Бог: во заедница. Ако во семејството научи да сака и ако во него изгради вистински, духовни и трајни односи со ближните, тој ќе биде целосна личност, која и подоцна, низ животот, ќе биде способна да живее во заедница. А заедницата не е, како што често се сфаќа, живот „рамо до рамо“ со другите, при што тие се само средства за нашето самоостварување или случајни сопатници. Заедницата е одговорен живот „лице в лице“, при што другиот секогаш е неразделен дел од нашето битие; повеќе од тоа, тој е основа и извор на нашиот сопствен идентитет.

И тука повторно се враќаме на темата за семејството, за кое пишувавме во претходните недели. А семејство, како што рековме, нема без брак. Зашто, создавајќи го човекот, Адам, како круна на Своето создание, Бог му го принесе и му го приведе сето создадено, но во целото создание не се најде другар за него. Тоа значи дека не се најде суштество спроти кое Адам би можел да застане лице в лице, а односот лице в лице е единствениот однос преку кој човекот вистински комуницира и ниеден друг не може да го замени. Затоа Бог, како што пишува во Стариот Завет, пушти на човекот тврд сон, го успа и од неговото ребро ја создаде жената. И кога се разбуди, Адам виде „другар“ сличен на себе, а другар е – другото јас, некој сличен на мене, некој во кого и преку кого можам да се согледам себеси. И секогаш е така, тоа е поставено во самиот темел на заедничкиот, брачен живот меѓу мажот и жената: Адам го бара своето ребро, а жената, создадена од реброто, го бара своето место каде што припаѓа. Значи, и двајцата сакаат да бидат едно тело. Го бараат единството. А како е тоа можно? Единствено преку врската на љубовта, зашто таа е тајната на соединувањето преку која двајца луѓе својот однос го издигнуваат над биолошкото, пренесувајќи ја својата љубов во Црквата, токму како што од Црквата сè што е убаво се пренесува во Царството Божјо.

Бракот е вистинско чудо на земјата. Свети Климент Александриски го нарекува бракот „дом Божји“, а имајќи предвид дека, според свети Игнатиј Антиохиски, „Христос е таму каде што е Неговата Црква“, сфаќаме дека тајната на бракот е нераскинливо поврзана со тајната на Црквата. Во современиот свет, кој почива врз поделби и во кој владее законот на разделувањето на „моето“ и „твоето“, сè помалку ја има некогашната целомудреност, како целосност на човековото битие, и останало, според зборовите на современиот теолог Павел Евдокимов, „само ќорсокакот на машкоста и женскоста“. Бракот е место каде што двајца луѓе, благодарение на тоа што се засакале еден со друг со љубов која не е само прекрасно чувство, туку состојба на целото битие, ја надминуваат разделеноста и стануваат „едно тело“, како верните кои во Црквата се соединуваат со Христа. Зборовите „едно тело“ никако не треба да се сфатат само во физичка смисла, зашто телесното соединување на двајца луѓе никако не може да биде почеток, туку единствено полнота и врв на нивните односи, последица на нивното соединување со умот, срцето и духот. Од единството на двајцата, кои одлучуваат да ги усогласат своите чекори и да ги усогласат отчукувањата на своите срца, произлегува еден човек. Со таа длабока и исконска љубов, едниот е присуство, жива стварност во срцето на другиот. Мојот сопруг, мојата сопруга, е еден дел од моето битие, од моето тело, од мојата душа. Тој или таа е она со што се занимава мојот ум. Тој или таа е причината поради која чувствувам дека моето срце чука. Преку бракот, двајца луѓе ја надминуваат раздробеноста и разделеноста и, надминувајќи ја површната физичка привлечност или одбивност, влегуваат во еден духовен однос. Стануваат едно битие во две лица, својот однос го претвораат во тајна, во нешто што го надминува овој земен живот и ги воздигнува во вечноста. Затоа и апостол Павле, говорејќи за бракот, рекол: „Ова е голема тајна“.

Зборот „тајна“ на латински е преведен со зборот sacramentum, што значи заклетва. Значи, бракот е заклетва, спојување, поврзување. Но, тајната на единството не е нешто што е поврзано исклучиво со брачниот живот. Пред Своето Вознесение, Христос се моли на Својот Отец за сите оние што остануваат, велејќи: „…да бидат едно“. Оваа тајна на единството, која не ги поништува личностите, туку ги потврдува, е присутна уште од самото раѓање на човекот. Уште од зачнувањето, мајката и детето се едно, а сепак двајца, а така е и по раѓањето, бидејќи доејќи го детето, мајката му се дава самата себеси и на некој начин го „причестува“ со себе. Станувајќи двајца, тие остануваат едно и тоа единство ни смртта не го нарушува.

Бракот би требало да биде само уште едно сведоштво дека ваквото единство е можно. Пред сè затоа што и во неговата основа, како и во основата на секоја благословена заедница, стои љубовта. Онаа љубов која значи стоење пред другиот со свештен страв, несебично и непоштедно давање на себеси на другиот и примање на другиот во себе. Љубов која започнува во оној миг кога пред другиот можеме да застанеме без желба да го поседуваме или да владееме со него, кога во него, под сите лузни и рани, можеме да ја видиме бесценетата икона Божја и кога тоа откровение, тоа мало богојавление што се случува пред нас, ќе ни стане доволна причина за живот и радост.

Застанувајќи пред нас, Бог, Кој секогаш нè гледа со очи на љубовта, во нас ја гледа токму онаа првобитна убавина на образот, без оглед колку таа да е скриена или повредена, и затоа и од нас очекува да љубиме угледувајќи се на Него. Да се загледаме еден во друг така, со срце да го познаеме срцето на другиот и врз тоа познание да ја градиме својата љубов и заедничкиот живот. Да биде, како љубовта што Црквата ја има кон секого од нас, и нашата љубов кон човекот она крајно, длабоко страдање и болка поради тоа што тој е несовршен, осакатен и длабоко ранет, а истовремено и ликување поради неповторливата божествена убавина која ништо не може да му ја одземе. Таа љубов да ја роди подготвеноста целиот свој живот да го вложиме за она што е оштетено на тој лик, на таа икона, да се прероди.

На крајот, уште еднаш да се потсетиме на поуката на свети Василиј Велики, кој вели: „Радувај се на секој успех на својот ближен“, радувај се заедно со својот ближен за секој дар што го има и за секој успех што ќе го постигне. „Зашто неговите подвизи се твои подвизи, како што и твоите подвизи се негови“. Бидете си еден на друг сојузници.

Превод: Протоереј-ставрофор Игор Пармачки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!