Штом си стапил во брак, живеј како сопружник

Spread the love

Loading

Архимандрит Павлос Пападопулос

Штом си стапил во брак, живеј како сопружник. Ова го велам затоа што се забележува една појава: некои христијани, кои го избрале брачниот живот, по неколку години чувствуваат како во нив да се разбудила некаква „божествена ревност“, која раѓа помисли и однесувања што ги оддалечуваат од нивните брачни должности.

Иако се во брак, а можеби имаат и деца, сметаат дека дошло време да живеат како монаси. За жал, оваа одлука ја донесуваат сами, без согласност на својот сопружник.

Подвигот во бракот, се разбира, е неопходен. Во спротивно, бракот нема да ја исполнува својата цел – заедничкото патување на мажот и жената кон обожението. Но едно е подвижничкиот дух во бракот, а нешто сосема друго се крајните состојби на имитирање на монашкиот живот.

Не си монах, човеку! Во брак си!

Некои од нив одат дотаму што прошетката со сопружникот ја сметаат за нешто недуховно! Или самоволно решаваат да се воздржуваат од брачната постела!

Колку што е духовно да го извршуваме своето молитвено правило, односно секојдневната молитва, толку е духовно и да излеземе на прошетка со својот сопружник, заедно да гледаме филм или да отидеме во гостилница.

Колку што е духовно да одиме во манастирите, толку е духовно и да го погалиме лицето на сопружникот кој се вратил изморен од работа или да ѝ кажеме убав збор на сопругата за храната што ја приготвила.

За жал, постои помислата дека, ако си Божји човек, не треба да се грижиш за својот надворешен изглед. Но ова е само делумно точно. Ако си монах или пустиник, можеби горенаведеното донекаде важи. Меѓутоа, дури и ако си монах во општожителен манастир, повикан си да бидеш пристојно среден, да се бањаш и да не мирисаш непријатно.

Имало отци што не се бањале, но тие јаделе по еден двопек на секои два дена. Некои, пак, јадат нормално, но не се бањаат, па поради нивното нерасудување нивното присуство станува неподносливо.

Ако сето ова важи за монасите, колку повеќе важи за луѓето што живеат во светот и се во брак!

Свети Јован Златоуст нагласува дека жената треба да се разубавува за да му биде привлечна на својот сопруг, а не за да ги соблазнува другите. И мажот треба да се грижи за својот изглед за да ѝ се допаѓа на сопругата.

Гледаме колкаво расудување имаат богоносните отци на нашата Црква во врска со овие прашања.

Недуховно е сопружниците да го запоставуваат својот надворешен изглед од наводни „духовни“ причини. Другиот човек стапил во брак со тебе. Те сака за свој маж или за своја жена. Не избрал да живее со тебе како со свој сомонах!

Со тебе стапил во брак кога си имал седумдесет, а не сто и дваесет килограми! Не сметајте ги овие нешта за безначајни. Од вашиот однос кон нив се гледа и вашата духовна состојба.

Кога некој вели дека ја сака својата сопруга, а откако се оженил се здебелил педесет килограми, тоа покажува дека неговата љубов се претворила во удобност и самозадоволство. Се опуштил и се препуштил на јадењето. Кога го љубиш другиот, се грижиш за сѐ, па дури и за својата телесна тежина.

Твоето спасение, значи, не зависи од тоа колку манастири си посетил или колку време поминуваш во молитва. Твоето спасение доаѓа преку твојот сопружник, преку брачните должности, преку семејството и преку твојот брачен живот.

Сите што сте во брак треба да разберете дека монасите, се разбира, можат да ви бидат пример, како што ангелите им се пример на монасите. Но како што монасите не можат да се качат на покрив и да полетаат како ангелите, така и вие, сопружниците, не треба да правите нешта што им припаѓаат исклучиво на монасите – како девственоста, нестекнувањето имот или затворништвото.

Преземете го духот на монасите, а тоа е духот на послушноста, простувањето, смирението и љубовта.

Сопружниците кои најнапред ги вкусиле радостите на бракот, додека биле млади, а потоа, кога им поминале годините, одеднаш во нив се разбудил монахот или монахињата – не постапуваат правилно.

Како би ви изгледало ако некој монах рече:

„И мене ми здодеа по толку години во расо. Ќе се оженам, а потоа можеби повторно ќе се вратам!“

Со право би го осудиле неговото однесување. Истото важи и за сопружниците кои самоволно решаваат отсега да живеат како монаси.

Добри се молитвите, но исто толку духовно е понекогаш да измиете и некоја чинија. Добро е проучувањето на Божјото слово, но исто толку духовно е и да отпатувате некаде со својот сопружник. Добри и благословени се посетите на манастирите, но исто толку полезно е да организирате романтична вечера за својот животен сопатник.

Духовно „јунаштво“ не е од сопружник да станеш монах, туку никогаш да не го разочараш својот животен сопатник. Твојот брак и дом да станат место на слога, утеха, простување и разбирање.

Откако си стапил во брак, живеј како сопружник, со послушност. Така ќе се спасиш.

П.С. Се надевам дека ќе го „сфатите“ духот на објавата и дека нема да ѝ пристапите ситничаво и формалистички.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 79

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!