![]()
(Се слави на 19 декември)
Светата преподобномаченичка Евлогија од Самуркашешти, во светот Екатерина Црлеа, е една од новопрославените светителки на Романската Православна Црква. Нејзиниот краток земен живот бил исполнет со страдања, неуморно мисионерство, монашки подвиг и, на крајот, со маченичко сведоштво за Христа.
За нас нејзиното житие е особено блиско: Света Евлогија е родена во Невеска, во Егејска Македонија, денешно Нимфео во северна Грција, во старо влашко, односно ароманско семејство.
Детство исполнето со страдање
Екатерина се родила на 24 ноември 1908 година во селото Невеска. Нејзините родители, Евангелица и Панајот, припаѓале на старата влашка заедница што со векови живеела во тие краишта. На Светото Крштение го добила името Екатерина.

Уште од најраното детство нејзиниот живот бил обележан со тешки искушенија. Рано останала без мајка, а по повторното женење на нејзиниот татко претрпела многу маки од маќеата.
Еден ден, додека собирале сено, маќеата ја турнала од стог. При падот Екатерина тешко го повредила ’рбетот и цели девет години останала врзана за постела.
Кога имала десет години, била испратена во Букурешт кај својот вујко по мајка, Јоан Чичиу, и неговата сопруга Епифанија. Во нивниот дом продолжиле годините на болка и телесна немоќ.
Но токму преку страдањето Господ ја подготвувал нејзината душа за патот што подоцна ќе го изоди.
Чудесно исцеление и повик од Христа
Во 1927 година Екатерина тешко се разболела од перитонит. Нејзината состојба била толку тешка што блиските очекувале дека наскоро ќе се упокои.
Во житието на светителката се вели дека тогаш ѝ се јавиле Пресвета Богородица и светата великомаченичка Екатерина, нејзината небесна покровителка, и дека по ова јавување таа чудесно оздравела.
По извесно време следувал настан што целосно го определил остатокот од нејзиниот живот.
Една ноќ, додека се молела, Екатерина задремала и во сон Го видела Спасителот. Според житието, Христос ја повикал да оди меѓу народот и да сведочи за покајанието и за опасноста што ја носи човечкото неверие.
На тој повик таа едноставно одговорила:
„Ќе одам јас, Господи Исусе, да возвестувам!“
Од тој миг нејзиниот живот станал непрестајно одење кон луѓето.

Рамноапостолна меѓу народот
Екатерина се приклучила кон Православното мисионерско здружение „Патријарх Мирон“ и, со благослов на архимандритот Теофил Јонеску, тогашен свештенослужител во Патријаршиската катедрала во Букурешт, започнала да оди од село во село и од дом во дом, проповедајќи го Евангелието.
Ги повикувала луѓето кон покајание, милосрдие и промена на животот.
Ги посетувала болните, се грижела за сираците, им помагала на девојките што западнале во тежок живот повторно да се вратат кон чистота, а оние што живееле невенчано ги поттикнувала да пристапат кон Светата Тајна Брак. Ги советувала зависните од алкохол и тутун да ги остават своите страсти, а народот го предупредувала да се чува од суеверија, гатање, спиритизам и други духовни заблуди.
Нејзината проповед не била учен говор, туку слово излезено од верата и од личното страдање.
Отец Никодим Бужор, кој добро го познавал нејзиниот подвиг, подоцна ја нарекувал „сестра и духовна мајка“, сведочејќи за нејзината необична ревност да ги приближи луѓето кон Христа.
Таа делела молитвеници, духовни книги и свети икони. Од село во село ја носела истата порака: човекот да се врати кон Бога и да го промени својот живот.
„Евлогија“ – благослов
По упокојувањето на роднините што се грижеле за неа, Екатерина сè посилно го чувствувала повикот кон монашки живот.
Во септември 1939 година стапила во манастирот Самуркашешти, близу Букурешт. По три години искушеништво, на 21 ноември 1942 година, на празникот Воведение на Пресвета Богородица, примила монашки постриг и го добила името Евлогија, што значи „благослов“.
Нејзиното монаштво не значело повлекување од мисијата.
Напротив.
Кога манастирот бил тешко оштетен во земјотресот од 1940 година, Евлогија собирала прилози низ селата во кои проповедала. Со собраната помош биле обновувани манастирските ќелии и црквата.
Истовремено водела мошне строг подвижнички живот.
Не спиела во кревет, туку одморала на колена врз партали. Во текот на зимата не палела оган во својата ќелија, но се грижела другите монахињи да имаат доволно дрва. Себеси не се штедела, а за другите постојано се грижела.
Молитвата, постот, бдеењето и служењето на ближниот станале нејзин секојдневен живот.
Под комунистичкиот прогон
По воспоставувањето на комунистичката власт во Романија, мисионерското дело на монахињата Евлогија станувало сè поопасно.
Но таа не престанала.
Продолжила да проповеда, да разнесува духовни книги и икони и да ги повикува луѓето да не се оддалечуваат од Христа.
Нејзиното слово особено им пречело на оние чија заработка зависела од човечките страсти. Црковните извори сведочат дека повеќепати биле правени обиди да биде замолчена, заплашена и погубена.
Сепак, Евлогија продолжувала да оди меѓу народот.
Како да знаела дека времето што ѝ останува е кратко.
Маченичката смрт
Во декември 1949 година, додека проповедала низ селата покрај Дунав и носела со себе молитвеници, икони и духовни книги, Света Евлогија пристигнала во селото Улмени, во округот Келераш.
Таму била фатена од група комунисти. Била свирепо претепана и газена со нозе, затоа што и покрај новата безбожна власт не престанувала да Го проповеда Христа.
Тешко повредена, била пренесена во болницата Бранковенеск во Букурешт.
На 19 декември 1949 година почувствувала дека се приближува крајот на нејзиниот земен живот и побарала да ја однесат во нејзиниот манастир.
Се простила со болните во болницата, охрабрувајќи ги да имаат доверба во Бога.
Кога пристигнала во Самуркашешти, биеле камбаните за вечерната богослужба.
Света Евлогија се исповедала и се причестила со Светите Христови Тајни.
Набргу потоа мирно се упокоила во Господа.
Имала само 41 година.
Онаа која целиот свој живот одела по патиштата за да Го однесе Христа кај луѓето, својот последен земен пат го завршила во манастирот, примајќи го маченичкиот венец.
Прославена меѓу светителите
Споменот за монахињата Евлогија не исчезнал по нејзиното упокојување. Во манастирот и меѓу верниот народ продолжило почитувањето на нејзиниот свет живот, а црковното предание сведочи и за помош што верните ја добивале по нејзините молитви.
На 1 јули 2025 година, Светиот Синод на Романската Православна Црква ја одобрил нејзината канонизација со името:
Света преподобномаченичка Евлогија од Самуркашешти, со ден на празнување 19 декември.
Свеченото општо прогласување на канонизацијата на Света Евлогија и уште петнаесет свети жени беше извршено на 6 февруари 2026 година во Патријаршиската катедрала во Букурешт.
Нејзините свети мошти беа извадени од гробот во манастирот Самуркешешти на 15 јануари 2026 година, а денес се положени за поклонение на верниот народ.
Локалното свечено прогласување на нејзината канонизација се случи за 4 октомври 2026 година во манастирот Самуркашешти.
Света преподобномаченичке Евлогијо, моли Го Бога за нас!
Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев