Кој сум јас?

Spread the love

Loading

Според свети Никита Ститат

Добротољубие, том 4: „За внатрешната природа на нештата и за очистувањето на умот: Сто глави“

Кој сум јас кога никој не ме гледа? Кога не се стремам кон успех, кога не ги прецртувам трескавично завршените обврски од своите списоци и не се обидувам да управувам со впечатокот што го оставам кај другите? Што останува од мене ако ги изгубам работата, професионалниот углед, беспрекорното извршување на задачите или восхитот од другите?

Да претпоставиме дека сте успешни во својата работа, дека сте унапредувани, сте запознале значајни луѓе и сте добиле повеќе признанија. Но да претпоставиме и дека не сте успеале да завршите некои започнати проекти и дека еднаш сте биле отпуштени од работа. На крајот, размислете какво место, во сопственото согледување на успесите, им давате на секојдневните добродетели: љубовта и грижата за своите деца или подготвеноста да се жртвувате за другите.

Повеќето од нас, свесно или несвесно, создаваат една „јавна слика за себеси“, во која ги истакнуваат своите успеси, ги премолчуваат неуспесите и ги потценуваат секојдневните добродетели и семејните радости, сметајќи дека тие не се доволно впечатливи за да ги восхитат другите.

Начинот на кој се претставуваме себеси честопати ги прикрива недостатоците што ги забележуваме кај себе, но и едноставните радости за кои мислиме дека другите нема да ги признаат како достигнувања.

Таквото претставување ги остава во сенка нашите наводни неуспеси, како и обичните добродетели и радости што, според нашето мислење, другите не ги сметаат за вредни. Така се создава внатрешна напнатост меѓу личноста што ја прикажуваме пред другите и онаа што навистина сме.

Исцрпувачки е постојано да создаваме верзија од себеси заснована врз она што мислиме дека другите го ценат. Сепак, најчесто речиси и не сме свесни за ова несвесно „уредување“ на сопствениот лик. Тоа е така затоа што сме убедени дека приказната што си ја раскажуваме за себеси е вистинита. Но постојаниот напор да ги скриеме отфрлените делови од својот идентитет создава длабок и вознемирувачки внатрешен расцеп.

Свети Никита Ститат ја истакнува важноста и, навистина, неопходноста од самопознанието.

„Да се спознаеш себеси е целта на практикувањето на добродетелите“, ни вели свети Никита Ститат.

Вистинското самопознание ќе нѐ ослободи од нашата „зависност од успехот“, како што ја нарекува Артур К. Брукс во книгата Од сила кон сила, и од товарот постојано да ја обликуваме својата надворешна личност така што ќе предизвика што е можно повеќе пофалби и восхит.

Својот вистински лик можеме да го спознаеме единствено преку смирението. Но важи и обратното: смирението може да се стекне и да се сочува единствено ако ги пресечеме заблудите и желбата за восхит од другите и разбереме кои сме навистина.

Зашто, ако сѐ уште не се познаваш себеси, не можеш да знаеш што е смирението и сѐ уште не си пристапил вистински кон подвигот на духовното обработување и чувањето на себеси. Да се спознаеш себеси е целта на практикувањето на добродетелите.

Колку повеќе ја препознаваме својата слабост, толку посилни ќе бидеме во духовната борба и толку послободни од приврзаноста кон приказните што ги создаваме за себеси.

Живееме вистински кога веќе не нѐ раководи желбата за одобрување од другите, туку се трудиме да разбереме какви сака да бидеме Бог, а не луѓето.

Еден од начините да процениме дали сме способни да живееме вистински и смирено е да ги испитаме „плодовите“ на својот труд, а не само сопствените зборови и заклучоци. На пример, нашето тврдење дека сме задоволни и успешни звучи празно ако во себе чувствуваме незадоволство, минуваме непроспиени ноќи во грижи, ги пропуштаме нештата за кои тврдиме дека ни се важни или гледаме кон иднината со страв и ужас.

Свети Никита јасно ги разликува вистинските плодови на Светиот Дух од оние што ги разоткриваат „суетата и извештаченоста на душата“:

Плодовите на Светиот Дух се: љубов, радост, мир, долготрпеливост, добрина, милосрдност, вера, кротост и воздржливост (сп. Гал. 5,22–23).

Плодовите на духот на злото се: омраза, световно униние, душевен немир, вознемирено срце, лукавство, љубопитност, негрижа, гнев, неверие, завист, прејадување, пијанство, грубост, осудување, похот на очите (сп. 1.Јн. 2,16), суета и извештаченост на душата.

По овие плодови ќе го познаете дрвото (сп. Мат. 12,33) и така сигурно ќе препознаете со каков дух имате работа…

Бог не гледа на надворешниот облик на она што го кажуваме или правиме, туку на настроението на нашата душа и на целта поради која извршуваме некое видливо дело или искажуваме некоја мисла. На ист начин, оние што имаат поголема духовна проникливост не се задржуваат на надворешното, туку ја согледуваат внатрешната смисла на зборовите и намерата зад постапките, па според нив непогрешливо расудуваат.

„Човекот гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“, истакнува свети Никита Ститат (сп. 1.Цар. 16,7).

Треба да се сосредоточиме врз негувањето на срцето и да градиме живот исполнет со внатрешна полнота, љубов и вера, наместо живот заснован врз достигнувања и восхит од другите.

Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!