![]()
Архимандрит Теофил (Парајан; 1929 – 29 октомври 2009 година), бил познат романски подвижник, богослов и духовник.
Старецот бил слеп од раѓање, поради што морал да се школува во специјализирани училишта за слепи лица.
Во 1942 година тој доаѓа во манастирот Бранковеану, каде што го запознава познатиот подвижник и исповедник на верата, јеромонахот Арсениј (Бока). Тој го советува младиот човек најнапред да се стекне со богословско образование, а потоа да стапи во манастир. За да го воведе слепото момче во монашкиот живот, отец Арсениј го благословува да ја кажува Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене, грешниот“, и непрестајно да ја има во својот ум за време на учењето. Подоцна отец Теофил се сеќавал дека токму оваа поука од отец Арсениј станала темел на целиот негов понатамошен духовен живот.
Во 1953 година ги завршува студиите на Богословскиот институт во Сибиу, одбранувајќи дипломска работа од областа на новозаветната сотириологија. Истата година прима монашки потстриг во манастирот Бранковеану, каде што останува сè до своето упокојување.
Во 1960 година отец Теофил е ракоположен за ѓакон, во 1983 година за свештеник, со возведување во чин духовник, а во 1988 година станува архимандрит.
Поради целосното слепило, отец Теофил не можел самостојно да служи Литургија, но неговото свештеничко служење било исполнето и длабоко, благодарение на неговото извонредно помнење и помошта од манастирското братство. Тој го знаел напамет речиси целиот богослужбен круг, како и текстовите на свештеничките молитви. Старецот сослужувал со другите свештеници, изговарајќи ги возгласите и молитвите напамет.
Кај отец Теофил, како кај духовник, доаѓале многубројни поклоници, студенти и монаси. Недостигот од телесен вид кај него бил надоместен со духовно гледање и длабока расудливост.
Старецот бил и извонреден проповедник. Во своите беседи и проповеди цитирал напамет долги извадоци од Светото Писмо и од делата на светите отци. Отец Теофил многу патувал, одржувајќи предавања пред младите на различни универзитети и во културни центри.
И покрај тоа што бил слеп, архимандритот Теофил оставил исклучително богато книжевно наследство – повеќе од 30 книги. Своите дела и проповеди ги диктирал на магнетофонска лента или на своите помошници, кои потоа ги пренесувале неговите зборови на хартија.
Отец Теофил никогаш не го доживувал слепилото како трагедија или казна. Напротив, честопати повторувал дека телесната темнина на очите му помогнала да ја стекне внатрешната, Божествена светлина, нарекувајќи се себеси „најсреќниот човек на земјата“.
Старецот велел:
„Не се сметам себеси за несреќен човек затоа што не гледам. Напротив, се сметам за среќен човек, бидејќи Бог ми подари поинаква светлина – светлината на умот и срцето, со чија помош можам да Го прославувам и да им помагам на луѓето“.
„Не е телесното слепило она што го прави човекот несреќен, туку духовното слепило – помрачувањето на умот од гревот и отсуството на радост. Кога човекот ќе ја изгуби радоста на верата, тогаш навистина се наоѓа во темнина“.
„Има многу луѓе што имаат очи, но не гледаат ништо од она што би требало да го видат. Тие ги гледаат нештата околу себе, но не Го гледаат Бога во нив. Токму тоа е вистинското слепило – кога имаш телесни очи, а си слеп во душата“.
„Да имав телесен вид, можеби немаше да станам тоа што сум. Бог го надомести отсуството на телесниот вид со бистар ум и со можност да им помагам на другите подобро да го видат она што се наоѓа во нивните сопствени души“.
Отец Теофил (Парајан) се упокои во Господ на 29 октомври 2009 година и беше погребен на гробиштата на својот манастир Бранковеану, во селото Самбата де Сус.
Молитвите и благословот на архимандритот Феофил нека бидат со сите нас! Амин.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев