![]()
Романската православна црква ги празнува празниците според новиот календар, т.е. 13 денови пред нас, па така пред секој наш празник имаме можност да видиме како таму се празнуваат сите празници, особено празникот на света Петка, чии што свети мошти се наоѓаат во градот Јаши.
Статистиките велат дека во текот на октомври во Јаши кај света Петка доаѓаат повеќе од 300000 поклоници, а за Литургијата на самиот празник има околу 30000 верници од сиот свет.

Целиот град е украсен со свежо цвеќе, улиците се секогаш беспрекорно чисти, не можете да видите отпушоци на улица, бидејќи и народот има поголема свест за чистота, но и службите редовно си ја работат својата работа.
На преносот во живо може да се види како целата таа толпа од многуилјаден народ заедно и едногласно го кажува символот на верата, како и молитвата Отче наш. Огромен број од верниците се причестуваат, бидејќи така се празнува празникот и затоа се дојдени од „краиштата на вселената“. И во сета таа толпа нема да видите ниту еден човек да пуши цигари, или да џвака мастики, или да си прави бадијалџиски муабети за време на Литургијата.
Во Македонија исто така се празнува празникот на света Петка, речиси во секој град има цркви посветени на оваа светителка, но за време на Литургијата во храмот ќе видите 30-40 луѓе, а во дворот на храмот стотици, како си седат, пушат цигари, пијат, си прават секакви муабети, се кикотат, како да се дојдени на некој религиозен пикник, а не во црква. Ако дојде некој православен христијанин од друга земја, каде што Православието е живо и народот ја знае и живее верата, ќе се чуди од која вера сме ние, и каков празник славиме и на кој начин ги славиме светителите.

Господ да нѐ вразуми, по молитвите на света Петка…
Свештеник Јани Мулев