![]()
Архимандрит Варнава Јангу
Прашање: Како да се справиме со состојбите на вознемиреност и страв поради неволјите што можат да се појават во нашиот живот? Како да се исцелиме од стравот: „Што ако?“
Отец Варнава: Старица Гаврилија, денес прославена како светителка, велеше: „Најнеразумно е да размислуваме со: ‘Што ако?’“ Затоа на Божествената Литургија велиме: „Самите себе, еден со друг и сиот наш живот на Христа Бога да го предадеме“. Самата Божествена Литургија нѐ учи токму на тоа: да ѝ се предадеме на Божјата волја. Верувам дека целата суштина на духовниот живот се состои во ова предавање себеси на Бога.
Не треба да им придаваме никакво значење на помислите. Многу е важно да не прифаќаме ниту една помисла. Штом ќе се појави некоја помисла, веднаш ја исфрлам од умот, без да разговарам со неа, колку и да изгледа добра. На тој начин поставувам граница пред стрелите на ѓаволот.
Прашање: Дали и претераната загриженост за обврските што ги имаме е демонско искушение?
Отец Варнава: Секако дека таа доаѓа од помислите. Сѐ што предизвикува немир во нашето срце не е од Бога. Свети Софрониј вели: „Не разговарам со ниту една помисла — ниту со грижите, ниту со стравовите, ниту со сомнежите“. Мора да донесеме одлука да не разговараме со своите помисли. Го правиме она за што Господ ќе нѐ просветли, се прекрстуваме и продолжуваме понатаму.

Прашање: Зошто чувствуваме дека никогаш немаме доволно време?
Отец Варнава: Времето не ни припаѓа нам. Светот не зависи од нас; тој ќе продолжи да постои и по нашата смрт. Суштинското, повторувам, е да ѝ се препуштиме на волјата Господова.
Познавав еден монах на Света Гора, кој велеше: „Ја кажувам молитвата и не мислам на ништо“. Кога имаме многу помисли и грижи, зад тоа честопати се крие голема несигурност и лажниот впечаток дека ние самите можеме да ги разрешиме работите. Но сѐ Му припаѓа на Господа. Ќе го направам она што е во моја моќ, без мака и без тага, без да се истоштувам со грижи, а потоа ќе продолжам понатаму.
Потребна е многу молитва, но не изнудена и присилна, туку слободна и мирна. Молитвата не се мери според времетраењето, туку според нејзиниот квалитет. Не ја мериме молитвата според тоа колку долго трае. И во манастирите и во семејствата има многу тешкотии, но зар можеме да напредуваме без тешкотии? Ако сѐ беше добро и ако секогаш бевме спокојни, тогаш навистина ќе бевме за жалење.
Секогаш треба да ја имаме на ум изреката на еден стар монах: „Денес немавме никакви искушенија — значи, Бог нѐ оставил!“
Да не се плашиме од искушенијата. Да се плашиме од самиот страв. Стравот од искушението има поголема власт над нас отколку самото искушение!
Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев