Човекот зад мантијата

Spread the love

Loading

Свештеникот е можеби единствениот човек кого, иако сите го нарекуваат „отец“, ретко му дозволуваат да биде само човек.

Во парохијата се случува нешто чудно: свештеникот не е осудуван само за она што го прави, туку и за она што другите си замислуваат дека сакал да го каже.

Ако зборува многу, го сметаат за световен; ако зборува малку — за горделив. Ако се смее, велат дека е „премногу опуштен“.

Ако е сериозен — „суров е и недостапен“.

Понекогаш човек се прашува дали свештеникот навистина богослужи или, без да сака, учествува во постојана театарска претстава, во која сите водат белешки за неговата улога.

Најкомичното, а воедно и најтажното е тоа што парохијата честопати не го сака вистинскиот човек, туку некоја негова замислена верзија.

Таа сака свештеник кој секогаш е спокоен, секогаш просветлен, секогаш достапен — без замор, без нервоза, без човечки граници. Нешто помеѓу светител, психолог, административен службеник и чудотворец.

Но свештеникот, колку и да носи епитрахил, останува човек.

Ќе се измори.

Ќе заборави.

Ќе каже некој остар збор.

Ќе направи погрешна процена. Ќе има тежок ден за кој никој не знае.

И тогаш започнува големата парохиска тајна: обичната човечка слабост се претвора во тема за општо собрание.

Еднаш, еден старец кажал нешто многу мудро:

„Ѓаволот не мора секогаш да го изгони свештеникот од Црквата. Доволно му е да направи парохијата постојано да се занимава со него“.

Зашто, кога сè се врти околу карактерот, постапките и слабостите на свештеникот, тогаш полека се губи средиштето. А средиштето не е свештеникот. Средиштето е Христос.

Добриот свештеник не е безгрешен. Тој е оној кој, и покрај своите грешки, продолжува да стои пред Светата Трпеза и да вели: „Твои од Твоите“.

А зрелиот верник не е оној што не ги гледа грешките на свештеникот, туку оној што не им дозволува на тие грешки да му ги одземат верата, мирот и смирението.

Затоа, пред да го осудиме свештеникот, можеби вреди за миг да застанеме и да се запрашаме:

Кога Бог јавно би ги открил нашите слабости, со истата подробност со која ние ги забележуваме слабостите на свештеникот, дали би можеле да издржиме макар една минута пред другите?

Старец Евлогиј Цалапатанис,
старец на ќелијата „Голема Богородица“ на Света Гора.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!