![]()
Монахиња Порфирија, поранешен таксист
Ќе ви ја раскажам приказната за една мила и нежна мајка и, искрено, би посакала сите мајки во светот да бидат како неа.
Десет часот наутро, во населбата Никеја. Ме запре една жена облечена во црно.
— Може ли да седнам напред, чедо мое? Назад ми се врти и ме болат нозете.
Ми го рече тоа толку мило, што со истата нежност во гласот ѝ одговорив:
— Секако дека можете. Седнете полека.
— Ти благодарам, чедо мое! Божјиот благослов да биде со тебе!
Ги видов нејзините отечени раце и нозе, измачени од многу работа, но лицето ѝ беше како на светителка.
— Каде одиме? — ја прашав.
— Чедо мое, ќе ме однесеш ли до Државната болница во Атина? Но, сврти оттука.
— Но, оттука се оди кон Пиреја — ѝ реков.
— Не е важно, чедо мое, заобиколи.
— Сакате да избегнете некого, за да не ве види?
— Да, чедо мое…
Свртев надесно.
— Знаеш, ќерко моја, малку подолу е продавницата на мојот син, а не сакам да ме види. Ми рече да му се јавам кога ќе одам на лекар, за тој да ме однесе. Но, јас не сакам да им пречам и да им станувам товар. Имам добри деца и добри снаи, но тие имаат свои семејства и јас треба да го почитувам тоа.
Зборуваше бавно, но мудро. Имаше околу седумдесет и пет до осумдесет години.

— Раскажете ми за својот живот, за своите деца. Мило ми е да ве слушам како зборувате.
— Што да ти кажам, ќерко моја?
— Што и да посакате.
Така почна да ми ја раскажува својата животна приказна. Ми зборуваше за својот роден крај, историската Димицана; за убавите, но истовремено и тешки детски години што ги поминала во своето прекрасно и славно село. Ми раскажуваше за реката Лусиос и нејзините кристално чисти води, за елите по околните планини, за цвеќињата што жителите на Димицана ги саделе во своите градини, за манастирите, за тајното училиште и барутните мелници; за големите личности што ги родил тој крај, како светиот патријарх Григориј V, владиката Германос од Стар Патрас, универзитетски професори, трговци и многу други.
Секое семејство од Димицана дало барем по еден херој во борбите на нашата татковина против поробувачите.
Ми зборуваше и за својот строг татко.
— Ќе ти раскажам нешто на кое ќе се насмееш, чедо мое, но ние тогаш плачевме… Една вечер бевме собрани сите деца и нашите родители, кои уморни се вратија од нивата. Ние, девојчињата, заедно со мајка ни ја поставувавме трпезата. На мајка ми ѝ падна чинијата со јадење затоа што се сопна. Татко ми многу се разгневи; беше мошне избувлив. Отиде во визбата, донесе вреќа, ја стави мајка ми внатре, ја крена на рамо и тргна кон бездната. Ниту браќата, ниту ние, девојчињата, смеевме да кажеме збор.
Додека одел, го видел еден сосед.
„Каде одиш, чичко Ламбро?“ — го прашал.
„Одам кон бездната.“
„Зошто? Ѓубре ли носиш во вреќата?“
„Не, жена ми ја носам. Ќе ја фрлам во бездната.“
„Зошто, што ти направила?“
„Скрши чинија во која имаше јадење.“
„Ајде, бре, чичко Ламбро! Зарем поради тоа ќе ја фрлиш жена си во бездната? Прости ѝ.“
„Велиш да ѝ простам?“
„Се разбира!“
И така ја вратил дома, па мајка ми се спасила!
Оваа случка ми се виде толку необична што почнав да се смеам.
— Сега се смеам и јас кога зборувам за тоа, како и кога им го раскажувам на своите внуци. Но тогаш солзите не ми престануваа, а од срцето постојано ми се издигаше молитва.
— А вие имавте ли добар сопруг?
— Ах, чедо мое, ја имав истата судбина како мајка ми. Ги гледаш ли овие раце? Вакви се од перењето туѓи алишта и од работата по нивите.
— Со што се занимаваше вашиот сопруг?
— По цел ден седеше во кафеаната. Ми ги земаше парите и ги трошеше таму. Но добриот Бог бргу го зеде кај Себе, па најпосле се успокоив.
— Колку деца имате?
— Имам четири сина, да ми се живи и здрави! Добри деца се. А имам и мошне добри снаи. Синовите ги сакаат, а и тие нив ги обожаваат. Имаат убави, христијански семејства. Само еден син многу ме натажи.
— Добра госпоѓо, што направи вашиот син, па толку ве натажи?
— Ах, девојче мое! Штом се врати од војска, се ожени со едно деветнаесетгодишно девојче. Добро девојче! Добија и ќеркичка. По породувањето, син ми замина на брод — морнар е, тоа му е работата. Но еден негов пријател му испратил писмо дека жена му нашла друг маж. Штом го прочитал писмото, син ми се вратил без да ја извести и ја затекнал со другиот.
Се скарале, тој си го зел куферот и дошол кај мене.
„Добре ми дојде, чедо мое! Зошто, сине, толку брзо се врати и зошто најнапред дојде кај мене? Зошто не отиде кај жена ти и кај детето? Не е правилно тоа што си го направил. Ајде, оди си дома“.
„Не, мајко, се разделив од жена ми“.
„Се раздели? Зошто?“
И ми раскажа што се случило.
„Чедо мое, Христос се жртвуваше за нас и за нашите многубројни гревови и ни прости. А ти не можеш да ѝ простиш една грешка на својата жена? Младо девојче е, паднала во грев — зарем ќе ја обесиме? Ако ти го направеше истото, немаше ли да сакаш таа да ти прости? Ајде, сине, оди кај жена си и кај детето и заборави го она што се случило. И запомни: во животот простувај, за и тебе да ти биде простено. Ајде, сине, со благословот на Бога и на Пресвета Богородица“.
„Не, мајко! Да не ја видов со сопствените очи, ќе ѝ простев. Но сега не можам“.
„Чедо мое, направи го она за кое Бог ќе те просветли“ — му реков.
Останав без зборови. Помина доста време пред да можам да проговорам.
— И што се случи? На крајот се разведоа?
— Да, чедо мое, се разведоа. Но јас не ја оставив така мојата ќерка… Бев и сè уште сум покрај неа. Што и да ѝ затреба, јас сум тука.
— А каде е сега вашиот син?
— Повторно се ожени. Има уште две ќерки, а со првата има три. Повторно зеде добро девојче. Сите мои снаи се мои ќерки и многу ги сакам. Секогаш им велев на синовите да ги сакаат и да ги почитуваат своите жени, за да бидат среќни. Слава Му на Бога, сите се добро. Мажена ли си, ќерко моја?
— Не.
— Не е важно. Нека биде онака како што сака нашиот добар Бог. Љуби Го Бога, ќерко моја.
— Го љубам со сето срце, добра моја!
„Боже мој, Ти благодарам што на мојот пат ми ја испрати оваа света жена“, си реков во себе.
Стигнавме во болницата и таа излезе од таксито. Но пред да заминам, видов дека одвај оди. Без многу размислување го паркирав таксито каде што најдов место, излегов, потрчав до неа, ја фатив за рака и заедно отидовме кај лекарот.
Кога завршивме, ја вратив дома. Не можам да ви опишам колку љубов имаше во благословите што извираа од нејзините усни и од нејзиното срце!
Оттогаш често се сеќавам на ова ретко, нежно и мило создание, чие срце, просветлено од Божествената светлина, несебично ја раздаваше околу себе вистинската Божја љубов!
Од книгата „Патувајќи по ѕидините на градот“, од блаженоупокоената монахиња Порфирија.
Атина, 2010 година.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев