![]()
Постојат многу примери на луѓе кои пораснале со еден или со двајца родители или старатели што страдаат од нарцисоидно растројство на личноста. Називот на ова растројство можеби го откриле во текот на сопствената психотерапија или при обидите да разберат и да се справат со низа однесувања што за нив биле неразбирливи.
Во едно свое видео на оваа тема, д-р Рамани Дурвасула го опишува ваквото искуство како „кражба“. Да пораснеш со родител кој има нарцисоидно растројство на личноста многу наликува на тоа како нешто да ти било украдено — пред сè, твоето детство.
Детството е можеби најважниот развоен период за обликувањето на личноста, бидејќи во себе опфаќа поими како што се невиноста, намалените обврски, уживањето во грижата преку која се задоволуваат потребите, првите темели на социјализацијата, како и развивањето на најраните и најстабилните емоционални врски, особено со родителите или старателите.
Основен дел од детството е и почетокот на посамостојното истражување на светот, одвоено од родителите, но секогаш со нивната заштита во близина, кога таа ќе биде потребна. Тоа е една од првите и најсодржајни лекции за еден огромен поим, за кој можат да се напишат милиони анализи и да се водат безброј разговори — поимот љубов.
Имено, родителите ги донесуваат своите деца на свет за тие да бидат слободни, а не приврзани и зависни од нив; да не бидат нивни продолженија, туку самостојни и целосно изградени личности, кои ќе живеат среќно онака како што самите ќе изберат.
Ова е едно од првите начела што грубо се нарушува во случајот со родителите кои имаат нарцисоидно растројство на личноста. Од детето се бара да го запознава светот преку посебни очила што му ги ставиле тие, за да го гледа само она што тие сакаат да го види. А многу подоцна, од него се очекува да стане она што тие самите сакале да бидат, но никогаш не успеале или не се осмелиле да станат.

Ако ви се познати холивудските приказни, растењето со родител кој има нарцисоидно растројство на личноста многу потсетува на приказната на Бритни Спирс. Таа речиси со децении немаше право самостојно да одлучува за себеси во ниту една област од животот, бидејќи други луѓе — меѓу кои и нејзиниот татко — одлучуваа како ќе живее. Отприлика вака изгледа животот со родител кој го има ова растројство.
Тој очекува и бара од тебе да се движиш во круг, во граници што самиот целосно ги поставил. Ако се осмелиш да ги доведеш во прашање тие граници, обично следуваат огромни последици.
Некои од нив се: емоционално оддалечување и лишување од секој облик на поддршка; наметнување чувство на вина, бидејќи префрлањето на одговорноста е честа појава; отсуство од твоето секојдневие или од значајните мигови во твојот живот; како и изразување гнев или нагли промени на расположението, кои, се разбира, се насочени кон другите.
Уште едно мошне често однесување е омаловажувањето и обезвреднувањето на другите луѓе, за тие самите да се чувствуваат надмоќно. Последица од ова е намалувањето на самодовербата и самопочитта кај луѓето што го трпат таквото однесување, особено ако се деца (Duffy et al., 2017).
Кога лично сме го доживеале ова, кога гледаме како го доживува некој наш близок или кога сочувствуваме со искуствата на луѓето со кои работиме во терапијата, чувството што најчесто излегува на површина е гневот. Сепак, треба да помниме дека станува збор за растројство.
Како и сите други растројства, и ова бара соодветна психијатриска и психолошка поддршка. Сепак, луѓето од оваа категорија во најголем број случаи одбиваат да прифатат каков било вид терапија, бидејќи честопати се чувствуваат надмоќни и во однос на стручните лица за ментално здравје.
Според еден пристап, постојат три обрасци преку кои децата на родители со некакво психичко растројство се обидуваат да се справат со дисфункционалните состојби на кои се изложени.
Првиот е поистоветувањето, кое главно вклучува имитирање на однесувањето, ставовите и вредносните системи. Во случајот со родителите кои имаат нарцисоидно растројство на личноста, за да преживее, детето може да го доживува поистоветувањето со ставовите и со вредносниот систем на родителите како неопходно решение.
Поистоветувањето претставува одговор на начинот на кој родителот го гледа своето дете — како одраз на самиот себе. Тоа е „билетот“ врз основа на кој родителот ќе одлучи дали ќе му даде поддршка и ќе одржува контакт со своето дете или не. На тој начин, за да преживее во таквата средина, детето може да порасне во возрасен човек што се наоѓа во истата состојба.
Вториот образец е приспособувањето. Во оваа фаза можеме да го сретнеме детето, а подоцна и возрасниот човек, како се приспособува и дејствува во согласност со таквата состојба.
Ова честопати се нарекува „сонарцизам“. Во овој случај детето настојува да му помага на родителот кога тој се чувствува загрозен од некого или од нешто, додека ги изразува своите ставови или ги спроведува своите постапки. Со други зборови, детето станува поддржувач или бранител на родителот секогаш кога му е потребно.
Третата можност е бунтот. При ваквиот начин на справување се води борба против сето она во што верува родителот, а кое може да ги загрози личноста и здравјето на детето ако тоа се осмели да го доведе во прашање.
Иако врз детето се врши огромен притисок за да преживее во средина во која е прифатено само ако постапува на однапред определен начин, тоа избира самото да се определи и да биде слободно, донесувајќи сопствени одлуки и создавајќи сопствени планови (Rappoport, 2005).
Станува сосема јасно дека во една ваква состојба, самото неприфаќање на овој задушувачки обрач претставува револуционерен чин, исполнет со последици и тешкотии. Сепак, тие водат кон изградување целосна и здрава личност, способна да создава здрави врски проникнати со прифаќање на различноста, а не со потчинување на авторитарни ставови и гледишта.
Ако човекот мора да помине низ толку голема борба за самиот да се определи, тогаш уште поголема изгледа борбата да ѝ се приближи на љубовта во секој аспект од своите меѓучовечки односи.
Тоа е како да ја учиш граматиката — од апсолутна нула, од првите одделенија во основното училиште. Ги допираш и ги изучуваш буквите, а вежбаш преку односите со луѓето. Дури и ако на почетокот го правиш тоа малку несмасно, барем дефиницијата ќе биде твоја.
А таа слобода ќе биде една од најголемите победи во твојот живот.
Користена литература
Duffy, J. L., & Jacquin, K. M. (2017). The Psychological and Legal Risks for Children of Narcissistic Parents. Fielding Graduate Institute.
Rappoport, A. (2005). Co-narcissism: How We Accommodate to Narcissistic Parents. The Therapist, 1, 1–8.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев