„Христијанин атеист“ или, верува во Бога, но живее како Тој да не постои

Spread the love

Loading

Отец Христофор Хронис

Изразот „христијанин атеист“ на прв поглед претставува оксиморон, бидејќи соединува два навидум противречни поима. Сепак, би можеле да кажеме дека овој противречен израз опишува една многустрана духовна стварност, која сѐ поизразено го открива растојанието меѓу исповедањето на верата и вистинското егзистенцијално учество во Божјиот живот.¹

Библиското предание повеќепати предупредува на опасноста од „мртвата вера“, односно вера која не е придружена со дела, како што јасно е изложено во Соборното послание на светиот апостол Јаков.² Освен тоа, се среќаваме и со стварноста на лицемерното богопочитување, кога човекот Го почитува Бога со усните, додека неговото срце останува далеку од Него.³

Уште од апостолските времиња Црквата се соочувала со појавата на тие „верници атеисти“ – луѓе што имале само површна, надворешна форма на побожност, но истовремено се откажале од нејзината сила. Отците на Црквата оваа состојба не ја толкувале само како морална слабост, туку како губење на живиот и личен однос со Христос, кој треба повторно да се воспостави преку покајанието, молитвата и светотаинскиот живот.

Во современите општествени и културни околности, во кои преовладуваат секуларизацијата, индивидуализмот, релативизмот, неконтролираното и некритичко инсистирање на правата и практичното „консумирање“ на религијата, појавата на „христијанинот атеист“ станува сѐ пораспространета.

Верата честопати се ограничува на теоретско прифаќање, на обичен културен идентитет или дури на некаков „осигурителен механизам“ против смртта, без да предизвика суштинско егзистенцијално преобразување на човекот. Целенасоченото соочување со оваа внатрешна криза бара од Црквата пастирски пристап што нема да се задоволи само со осудување, туку ќе го поттикне човекот повторно да влезе во подлабок и жив однос со живиот Бог.

Според тоа, изразот „христијанин атеист“ не треба да се толкува само како критика упатена кон оние што покажуваат „нецелосна“ вера, туку и како духовен симптом што бара од Црквата да изврши внатрешна самокритика и одговорно и чувствително да развива пастирски интервенции.

Оваа појава не се однесува исклучиво на „другиот“, туку честопати одразува и делови од нашиот личен живот, особено кога тој се оддалечува од секојдневното доживување на благодатта.

1. Карактеристики на „христијанинот атеист“

Според пастирското искуство, „христијанинот атеист“ покажува одредени карактеристики што сведочат за недоследност меѓу исповедањето на верата и секојдневниот живот. Овде тие се наведени само накратко, бидејќи нивното подробно претставување во голема мера би ги надминало границите на овој краток текст.

Така, „христијанинот атеист“ може:

  1. Да верува во Бога, без да Го познава на лично рамниште.
  2. Да верува во Бога, но да не се моли.
  3. Да верува во Бога, но да не Му се доверува во практичните одлуки на секојдневниот живот.
  4. Да верува во Бога, но да се сомнева во Неговата правда и љубов.
  5. Да верува во Бога, но да изразува сомнежи или да ја отфрла Црквата како институција.
  6. Да верува во Бога, но повеќе да им верува на парите.
  7. Да верува во Бога, но да не може да им простува на своите ближни.
  8. Да верува во Бога, но да живее првенствено за сопствената удобност и материјална благосостојба.
  9. Да верува во Бога, но да го избегнува активниот светотаински живот.
  10. Да верува во Бога, но да се оддалечува од живото учество во животот на црковната заедница.
  11. Да верува во Бога, но да го занемарува Светото писмо.
  12. Да верува во Бога, но христијанските вредности да не ги вградува во своите секојдневни морални и егзистенцијални избори.
  13. Да верува во Бога, но да не може да ги поднесува болката, испитанијата и искушенијата.
  14. Да верува во Бога, но да го отфрла делотворното покајание.
  15. Да верува во Бога, но систематски да го занемарува значењето на општествената правда, љубовта кон ближниот и милосрдието.
  16. Да верува во Бога, но да тежнее кон површна религиозност без коренито преобразување на умот, срцето и „внатрешниот човек“.
  17. Да верува во Бога, но да се ограничува на механичко извршување на религиозните навики.
  18. Да верува во Бога, но духовниот живот да го поистоветува со некакво неодредено морализирање.
  19. Да верува во Бога, но односот со Него да не го смета за живо општење, туку само за идеолошко определување.
  20. На списокот му нема крај…

2. Пастирски пристап

Едноставното наведување на карактеристиките на појавата „христијанин атеист“ нема цел да осудува или стигматизира, туку да ја поттикне и насочи пастирската служба кон зајакнување на автентичниот и искуствен однос на верникот со Бога.

Пастирскиот пристап бара расудување, чувствителност и систематско раководење од страна на пастирот, но и од секој христијанин мирјанин. Тој е должен на луѓето што ја доживуваат оваа духовна противречност да им пристапува на начин кој ќе го поттикнува нивното лично преобразување и активно учество во животот на Црквата.

Пастирската служба кон „христијанинот атеист“ треба да биде длабоко вдахновена од духот на православното Предание и Евангелието, со отворено срце и раце подготвени за прегратка.

Нејзината првенствена цел е со љубов, но и со непоколебливост, „христијанинот атеист“ да се насочува кон живата вера, преку препознавање и прифаќање на неговите духовни слабости и искривувања. Тоа значи дека верникот е повикан да влезе во духовниот подвиг на смирена и раководена самокритика, во живата прегратка на Црквата.

Таму, преку светата Тајна на покајанието и исповедта, се открива Божјиот исцелителен дар, кој ја растерува темнината, го ослободува човекот од внатрешната сувост и ја исполнува душата со светлината и силата на божествената благодат.

Секојдневната молитва треба да стане основен дел од животот на верникот, како средба на душата со живиот Бог. Светите Тајни на Црквата, од Крштението до Светата Причест, треба да станат мостови на таинственото соединување со Христос, кои го преродуваат човекот однатре, за верата да се пројавува не само како теорија, туку како доживеана стварност и извор на црковното единство.

Освен тоа, разговорот и советувањето се составни делови на пастирскиот пристап. Со трпение и љубов пастирот го слуша верникот, стои покрај него во безизлезните состојби и внатрешните судири и, преку духовното советување и пастирското раководење, ги осветлува темните места во душата, за да се родат надежта и духовната зрелост.

На крајот, парохијата, како жива црковна заедница, е повикана со топла прегратка да го поддржи „христијанинот атеист“, поттикнувајќи го активно да учествува во добротворните и општествените дела – таму каде што верата станува дело и Евангелието оживува во лицето на другиот.

Пастирската служба дејствува како семе на свесен и евангелски живот, помагајќи му на верникот секојдневно да донесува одлуки преку кои верата се открива како начин на живеење, а не само како теорија.

Пастирската уметност и наука не се стреми само кон надворешни промени, туку кон преродување на верата како опипливо и доживеано искуство на живиот Бог. Таквата вера целосно го преобразува човекот и го прави светлина на светот и живо сведоштво за Црквата како Тело Христово. Само на тој начин „христијанинот атеист“ може да се преобрази во „слуга Христов и управител на Божјите тајни“.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!