![]()
Виргил Георгиу
Беше недела, по завршувањето на Божествената Литургија. Седев и ги набљудував селаните како излегуваа од храмот. Мојот татко – свештеник стоеше на скалите и се поздравуваше со секого од нив.
Целото село беше таму, бидејќи во неделите никој не ја пропушташе Божествената Литургија. На богослужбата доаѓаа и стари планинци со снежнобели бради, кои потсетуваа на библиските патријарси, жени, мажи и деца, облечени во празнични носии од лен или од волна, секогаш беспрекорно бели како млеко или како снег.
Белата е народна боја на Петронтава. Секогаш бела, за сите возрасти и за двата пола. Белината на облеката, сепак, не можеше да се спореди со чистотата на погледите на верниците што ја носеа.
Додека излегуваа од Божествената Литургија, верниците изгледаа преобразени, очистени од световните грижи, осветени. И нешто повеќе од осветени – обожени… Знаев зошто. Знаев зошто нивните лица беа толку убави, зошто погледите им беа толку светли, зошто неубавите жени се разубавуваа, зошто челата на суровите дрвосечачи блескаа со светлина, како да носеа ореол, и зошто дечињата наликуваа на ангели.
Излегувајќи од Божествената Литургија, мажите и жените се преобразуваа во богоносци, односно го носеа Бога во себе. Се беа причестиле и низ нивните вени течеше крвта Божја.
Сега беа чеда Божји, обожени. Овие луѓе – необразовани селани, измачени и сиромашни – знаеја што се, па затоа, пред да се причестат, се молеа и велеа:
„Господи, Боже мој, знам дека не сум достоен ниту способен да влезеш под покривот на домот на мојата душа… Но, како што благоволи да се родиш во пештера и во јасли на бесловесни животни… и да влезеш во домот на Симон лепрозниот… така благоволи да влезеш и во домот на мојата смирена, лепрозна и грешна душа“.
Преку Божествената Причест, Бог влегол „под покривот“ на секоја душа, во душите на сите наши соселани. Излегувајќи од црквата, тие сега го носеа Бога во себе и чекореа внимателно, како што чекориме кога носиме нешто скапоцено.
Богоносци, носители на Бога.
Кога некој држи свеќа или запалена ламба, пламенот се одразува на неговото лице и тоа блеска. Кога некој го носи во себе Бога, Светлината на светлините, тогаш се просветлува однатре толку силно, што целото негово тело и плот се преобразуваат и се разубавуваат.
Актерите, додека ги толкуваат своите улоги на театарската сцена, целосно се преобразуваат, облеани од светлината на рефлекторите. Во тој порој од светлина, дури и родителот тешко би го препознал својот син или својата ќерка – толку многу се менуваат.
И јас тешко ги препознавав своите соселани во мигот кога, излегувајќи од храмот, го носеа Бога „под покривот“ на својата душа. Толку убави, светли и прекрасни изгледаа сега.

Никогаш во животот не сум видел поубава кожа и поубаво тело од оние на богоносните луѓе, кои го носеа во себе заслепувачкиот Божји сјај. Нивната плот стануваше обожена, лесна, бестежинска, преобразена од одблесокот на Божествениот Дух.
Така седев и ги набљудував движењата на богоносните селани, како што гледачот набљудува некоја прекрасна глетка. И, како гледачите пред некоја величествена претстава, бев восхитен.
Сите селани, блескајќи како дијаманти, одеа и му се приближуваа на татко ми. Застануваа пред него, неколку чекори поназад, се наведнуваа и се поклонуваа, како што се поклонуваме пред светите икони. Тоа ми изгледаше сосема природно, бидејќи татко ми беше икона.
Потоа селаните, со двете дланки составени во облик на чаша, ја земаа подадената десница на татко ми, како што човек допира свети мошти, и нежно ја бакнуваа. Ја целиваа како што го целиваме светиот леб – нафората – пред да ја ставиме во устата и да ја изедеме.
Секој верник, целивајќи ја неговата десница, велеше:
– Благословете, отче!
А тој одговараше:
– Бог да те благослови, чедо мое.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев