Возрасни доенчиња

Spread the love

Loading

Многу стручњаци од областа на менталното здравје констатирале дека современото семејство не само што не го поттикнува, туку многу често го спречува вистинското созревање на децата.

Под поимот „созревање“, во терапевтска смисла, се подразбира доаѓањето до оној момент во животот на човекот кога тој ќе биде способен да ја препознае сопствената вистинска волја, да дејствува и да донесува одлуки за својот живот, како и да стекне телесна и психичка самостојност преку оддалечување од родителскиот дом и од влијанието на родителските очекувања и наредби.

Со други зборови, за возрасен треба да се смета оној што симболично се „одбил од мајчиното млеко“ и оттогаш дејствува со емоционална зрелост и самостојна волја. Тој достигнал значителен степен на самоспознание и е способен да ги препознае своите чувства, да ги прифати и да им дозволи да го насочуваат при донесувањето одлуки за сопствениот живот и при справувањето со тешкотиите.

Исто така, може да ги препознае своите вистински желби и потреби, а не оние што ги усвоил од родителите и од своето опкружување. Може да ја препознае различноста на другиот, но и да ги прифати неговите желби и права. Способен е да поставува, но и да ги прифаќа границите што го заштитуваат неговиот личен простор.

Само од таква положба човекот ќе може да воспоставува и да одржува силни емоционални врски со својот брачен партнер, а подоцна и со своите деца.

Не станува збор за лесен процес. Тешкотиите се многубројни, а повеќето од нив, за жал, произлегуваат од односот со најзначајните луѓе во животот – со родителите. Парадоксално е токму тие да бидат забележани како пречка, бидејќи би требало да бидат оние што даваат безусловна љубов.

Возрасното дете останува затвореник и заложник на родителите дури и по склучувањето брак или по започнувањето заеднички живот со партнерот. Родителите постојано настојуваат да се мешаат во секојдневните работи на своето дете и да го имаат главниот збор при донесувањето одлуки.

Во повеќето случаи, во грчката реалност, родителите финансиски им помагаат на своите деца.

Некои од нив – оние што се најсклони кон манипулација – како „ас во ракавот“ задржуваат определен имот и до самиот крај одбиваат да им го отстапат на своите деца, емоционално уценувајќи ги за да ги држат под своја контрола и раководство. Сметаат дека треба да бидат прашани и дека треба да ја одобрат секоја активност и одлука на семејството на своето дете: каде ќе се одржи венчавката, каде ќе биде свадбената веселба, каде младенците ќе отпатуваат на меден месец, раѓањето на внучето, училиштето во кое тоа ќе учи итн.

Дури и изборот на брачниот партнер речиси секогаш се доведува во прашање. Партнерот се доживува како туѓинец – а зошто да не и како непријател – кој секогаш треба да остане надвор од донесувањето одлуки во родителското семејство.

Манипулативните родители кон своето возрасно, венчано или емотивно врзано дете се однесуваат како кон петгодишно дете на кое му се потребни поддршка и насочување и кое е неспособно да се справи со тешкотиите и предизвиците во својот живот.

Тие упорно одбиваат да ги прифатат неговите избори, што остава сериозни последици врз неговата самодоверба и самопочит. Мислите како: „Сепак, тоа е мојот родител, ме сака и ми го зборува ова за мое добро“, не можат да исчезнат од неговиот ум.

Набргу се појавуваат желбата и барањето и брачниот партнер да се потчини на родителските наредби, како и притисокот тој подеднакво да ги сака родителите на другиот. Секое противење од страна на партнерот се пресретнува со оправдувања како: „Па, што сакаш да направам? Како да им речам ‘не’? Тие ни даваат пари/куќа/работа/ни помагаат со внуците/стари се и немоќни/нема да живеат уште многу години“.

Партнерот почнува да изгледа како непријател кој сака да ја уништи таа единствена врска и предизвикува чувства на гнев, разочарување и огорченост. Самиот партнер се чувствува отфрлен и како отпадник. И додека за време на венчавката ги слушнал зборовите на свештеникот: „Заради тоа човекот ќе ги остави својот татко и својата мајка и ќе се прилепи кон својата жена“, тој сфаќа дека неговиот брачен партнер ги затворил ушите во часот на Светата Тајна и дека и понатаму се чувствува одговорен пред своето родителско семејство и останува врзан за него.

Разочарувањето и неисполнувањето на очекувањата на обајцата неизбежно водат кон раздор. Возрасното дете ќе остане зад нив, прашувајќи се што тргнало наопаку и неспособно да ја согледа сопствената одговорност.

За човекот успешно да се ослободи од влијанието на родителското семејство, тој најнапред ќе мора да ги поднесе чувството на вина и емоционалните дилеми што ќе ги предизвикаат неговите избори.

Ќе мора да постави граници во однос на мешањето на своите родители и да ја препознае секоја емоционална уцена. Стравот дека родителите ќе го отфрлат и ќе се оддалечат од него затоа што не ги послушал нивните наредби, треба да се препознае како дел од детството, а не од возрасниот живот.

Овие чекори се тешки и болни и потребно е да се направат со соодветна терапевтска помош.

Автор и редактор на текстот:
Зои Скорда – советник за ментално здравје

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!