![]()
Темата за интимните односи во христијанскиот семеен живот е мошне чувствителна. За неа честопати или се молчи, или се зборува со крајности и извртувања: од една страна е распуштеното и обесветено гледиште, својствено за современиот свет, а од друга — погрешното, речиси манихејско сфаќање, според кое сексуалноста сама по себе се поистоветува со гревот. Меѓу овие две крајности, Црквата ја чува и ја пренесува богооткриената вистина за тајната на соединувањето меѓу мажот и жената, која, преку Божјата благодат, станува можност за осветување и средство за спасение.
Уште на првите страници од Светото Писмо, Бог го благословува соединувањето меѓу мажот и жената: „Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи кон жената своја; и обајцата ќе бидат едно тело“ (1.Мој. 2,24). Ова соединување, благословено од Бога, не се сведува само на телесна заедница, туку станува израз на љубовта, себедарувањето и заемната одговорност.
Светиот апостол Павле нагласува дека односот меѓу сопружниците треба да биде одраз на љубовта меѓу Христос и Црквата: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што Христос ја возљуби Црквата и се предаде Себеси за неа“ (Ефес. 5,25). Според тоа, интимниот чин не е само телесен, туку има и духовна димензија: тој е знак на единството, саможртвеноста и заедничарењето во љубовта.
Светоотечкото предание не гледа на сексуалноста како на нешто нечисто, туку како на дар создаден од Бога. Свети Јован Златоуст вели дека „бракот е образ на Црквата“ и дека телесното соединување на сопружниците, кога се живее со воздржание и почит, е чисто и благословено. Тој нагласува дека целта на брачната заедница не е само раѓањето деца, туку и негувањето на љубовта и заемната поддршка: „Бракот не е востановен само за раѓање деца, туку и за сопружниците да живеат во љубов и да се утешуваат еден со друг“ (Омилии на Посланието до Ефесјаните, Омилија 20). Тој исто така вели: „Бракот е образ на Црквата, а љубовта на сопружниците е икона на Христовата љубов кон неа“ (Омилија на Ефесјаните 5).
Свети Василиј Велики укажува дека гревот не се наоѓа во самиот интимен однос, туку во неговото неразумно практикување, надвор од поредокот на Црквата или без мера, кога дарот се претвора во страст. „Не соединувањето е виновно, туку злоупотребата и неумереноста“ (Канон 18).
Низ историјата постоеле мислења, дури и во христијанските средини, според кои сексуалноста се сметала за апсолутно зло. Оваа „демонизација“ довела до погрешното сфаќање дека секој облик на интимни односи е грев, дури и во бракот. Всушност, ваквото гледиште потекнува од влијанија што му се туѓи на духот на Црквата, како што се гностицизмот и манихејството, кои телото и материјата ги сметале за зли по својата суштина.

Од друга страна, во денешниот свет се забележува спротивната крајност: обесмислувањето и прекумерната сексуализација на животот, при што телесниот однос се сведува на задоволство и потрошувачка. И двете крајности водат кон деградација на човекот: „демонизацијата“ создава фрустрација и неоправдано чувство на вина, додека банализирањето води кон ропство на страстите. Свети Јован Златоуст јасно вели: „Не е виновно телото, туку нашата зла волја. Телото е орудие: ако душата го употребува добро, тоа е пријател; ако го употребува лошо, станува непријател“ (Омилии на Посланието до Римјаните, Омилија 12).
Според православното гледиште, интимниот живот на сопружниците треба да биде вклучен во подвижничкиот и евхаристискиот начин на живеење. Тој ниту се апсолутизира, ниту се негира, туку се става во служба на љубовта и спасението. Сопружниците се повикани на расудување, умереност и препознавање на соодветното време, почитувајќи ги периодите на воздржание определени од Црквата — постите, деновите на строг пост и подготовката за Света Причест. На тој начин интимните односи стануваат место на благослов и осветување, кога се живеат во љубов, верност и отвореност кон животот.
Според тоа, сексуалноста не е ниту демон ниту идол, туку Божји дар. Нејзината „демонизација“, исто како и нејзиното идолизирање, претставува извртување. Вистината се наоѓа во тајната на сопружничката љубов, која станува икона на единството меѓу Христос и Црквата. Христијанинот е повикан да го живее својот интимен живот не со страв и срам, ниту со негрижа и распуштеност, туку со одговорност, почит и молитва — како пат кон заедничарење и спасение.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев