Прифаќањето не значи задолжително и сакање

Spread the love

Loading

Еден старец-велик столпник го прашале: „Како да прифатам човек што не ми се допаѓа?!“

Старецот се замислил и рекол:

„Ова е едно од најтешките прашања. Да го прифатиме оној што не ни се допаѓа, што нè раздразнува, што не постапува онака како што ние сметаме дека е правилно — тоа е, можеби, врвот на духовната зрелост“. А постојат неколку согледувања што можат да ни помогнат во тоа.

1. Не си должен да го сакаш. Должен си да го видиш

Ние го мешаме прифаќањето со наклонетоста. „Да прифатиш“ не значи „да чувствуваш топли чувства“. Тоа значи — да престанеш да оценуваш.

Кога некој човек не ни се допаѓа, ние не го гледаме него, туку сопствените очекувања што тој не ги исполнил. Не ја гледаме личноста, туку функцијата што не функционира правилно. Но зад таа функција стои жив човек, со своја историја, болка и логика што нам едноставно не ни е достапна.

Прифаќањето започнува тогаш кога ќе престанеш да бараш од него да биде онаков каков што тебе ти одговара.

2. Твојата процена не е вистината, туку твојот филтер

Тоа што некој човек не ти се допаѓа не зборува за него, туку за тебе: за твоите навики, за твојата претстава за светот и за твојата чувствителност.

На некој друг тој човек може да му изгледа прекрасен. И тоа не значи дека некој греши. Тоа значи дека секој гледа од различна перспектива.

Ако успееш да ја одделиш својата процена од самиот човек, ќе увидиш дека тој не е исто што и твојата раздразнетост. Тој едноставно постои. А твојата раздразнетост е твоја состојба и таа не мора да го определува твојот однос кон него.

3. Тој не е виновен затоа што не е како тебе

Честопати им се лутиме на луѓето затоа што не одговараат на нашите мерила. Тие се премногу гласни, премногу тивки, премногу бавни или премногу брзи. Но тие не избрале какви ќе бидат. Тие едноставно се такви. А нашата забелешка кон нив е, всушност, забелешка кон стварноста затоа што не им се потчинува на нашите очекувања.

Но стварноста не е должна да им се потчинува.

4. Да прифатиш значи да ја разбереш неговата логика

Не можеш да ја разбереш туѓата постапка сè додека ја набљудуваш од сопствениот систем на вредности. Но ако се обидеш да се ставиш на неговото место и ако се запрашаш: „Зошто постапува вака? Што е тоа во неговата претстава за светот што го наведува да смета дека ова е правилно?“ — ќе увидиш дека дури и најчудните или најнепријатните постапки имаат своја логика.

Човекот не прави зло само заради злото. Тој го прави она што во неговиот свет му изгледа разумно. Ако барем за миг погледнеш во тој свет, твојата раздразнетост ќе ослабне. Не затоа што си се согласил со него, туку затоа што си го разбрал.

5. Да прифатиш не значи да оправдаш

Прифаќањето не значи: „Тој е прекрасен“. Тоа значи: „Тој постои, а јас престанувам да се борам со него“. Можеш да не се согласуваш, можеш да не одобруваш, па дури можеш и да го избегнуваш општењето со него. Но во себе можеш да престанеш да го осудуваш.

Осудувањето е обид да ја промениме стварноста со силата на мислата. Но стварноста не се менува само затоа што ние се гневиме. Таа едноставно постои. А кога ќе престанеш да ја трошиш својата енергија на осудување, во тебе ќе се отвори простор за нешто друго.

6. Погледни го со Божјите очи

Бог не ги дели луѓето на „пријатни“ и „непријатни“. Тој го гледа секого. И во Неговите очи тој човек што те раздразнува не е функција, грешка или проблем. Тој е оној кого Бог го љуби — без услови и без оценки.

Ако се обидеш да го погледнеш на истиот начин, макар и само за миг, ќе увидиш дека зад неговите непријатни особини се наоѓа човек. Човек кој, исто како тебе, бара, страда, греши и се надева. И во тоа вие сте еднакви.

7. Практично: оддели го човекот од својата раздразнетост

Кога некој предизвикува силна одбивност кај тебе:

  1. Кажи си: „Чувствувам раздразнетост. Но ова чувство не е тој. Тоа е мое чувство“.
  2. Запрашај се: „Што точно ме погодува? Зошто тоа ми е толку важно?“
  3. Обиди се да ја согледаш неговата животна приказна: што можело да го направи таков? Каква е неговата логика?
  4. Кажи му во себе: „Не си должен да ми се допаѓаш. Но јас престанувам да те осудувам“.
  5. Ако е можно, направи нешто добро за него — нешто едноставно и без никакви очекувања. Тоа го прекинува кругот на непријателството.

Заклучок

Да го прифатиш оној што не ти се допаѓа не значи да го засакаш. Тоа значи да престанеш да го претвораш во непријател. Да престанеш да бараш од него да се промени. Да престанеш да го мериш според сопствената мерка.

Тоа значи да му дозволиш да биде поинаков. И да си дозволиш себеси да не страдаш поради тоа.

Зашто вистинската слобода не се состои во тоа да ги промениме другите, туку да престанеме да имаме потреба тие да се променат.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!