Злобна мајка

Spread the love

Loading

Монахиња Порфирија

(која пред да се замонаши работела како таксист, и сите добри и лоши искуства од тој период ги запишала и објавила како книга, за поука на сите нас.)

За првпат во животот почувствував толку голем гнев кон некого. Денес, за првпат, ја доживеав човечката злоба во сета нејзина големина — од една патничка во таксито.

Ќе ви го раскажам целиот разговор, збор по збор.

И многу би сакала вие да ми кажете што ќе почувствувате: тага, одвратност, гнев или сето тоа заедно?

Во таксито влезе една убаво облечена госпоѓа.

— Добро утро! До аеродромот, ве молам — ми рече љубезно.

— Добро утро! По кој пат сакате да возам: по Атики Одос или по крајбрежниот пат? — прашав, за да избегнам подоцнежни недоразбирања и објаснувања.

— Одете по оној по кој побрзо ќе стигнеме.

Сметав дека е подобро да одиме по Атики Одос. Но, бидејќи не можам да возам молчејќи, започнав разговор.

— Претпоставувам дека сте мажена.

— Да, но сопругот ми почина.

— Жал ми е! Имате ли деца?

— Не, немам.

— Така избравте или не можевте да имате?

— Не сакам да зборувам за тоа — одеднаш остро ми одговори.

Тогаш почнав да го вклучувам „компјутерот“ во својата глава, размислувајќи како да ја смирам и да ја поттикнам да проговори. По малку време ја прашав:

— Пушите ли?

— Пушам.

— Дојдете напред за да пушите, бидејќи назад не дозволувам.

Застанав. Госпоѓата седна напред и запали цигара.

— Тешка работа си избрала — ми рече смирено. — Не се плашиш ли?

— Не, мила моја, не се плашам. Ја имам Божјата заштита.

— Веруваш ли во Бога?

— Не само што верувам, туку со сето свое срце Го љубам мојот Исус. А ти не веруваш ли?

— Не, во ништо не верувам!

— Зошто, срце мое, не веруваш? — ја прашав мошне благо и нежно.

За среќа, ја почувствува нежноста со која ѝ се обратив и почна да ја отвора својата душа. Се разбира, не очекував дека ќе го чујам она што го чув. Ми се чинеше дека покрај мене седи самиот ѓавол.

— Ако постоеше Бог, ќерката што ја имав ќе се омажеше за оној што јас ѝ го избрав, а не за оној што самата го избра. Но, си ја удри главата и сега најпосле се смири!

— Сакате да кажете дека се разведе?

— Не, умре — ми одговори студено.

Почнав да се заледувам, но продолжив да разговарам со истиот благ тон, иако воопшто не го чувствував тоа. Изгледа дека сум многу добра актерка, бидејќи таа не покажа дека ја забележала мојата престореност.

— Има ли деца вашата ќерка? — ја прашав.

— Ми кажаа дека родила две девојчиња и дека на едното дури му го дала моето име, мислејќи дека така ќе ме скрши. Но, не успеа!

— Не ги познавате своите внуки?

— Не, не ги познавам.

— Мила моја, зарем не бевте покрај неа кога се породуваше?

— Се разбира дека не! Зошто би била? Таа сама си го избра патот и го зеде оној што го сакаше. Кога ми соопшти дека ќе се омажи за човекот што го љуби, ја избркав од дома! Ниту отидов на нејзината свадба, ниту ѝ дозволив како невеста да излезе од мојот дом! Не отидов ниту кога се породуваше, ниту кога се разболе од рак!

Ме полазија морници додека ја слушав како изговара толку ужасни зборови. А таа продолжи:

— Моите сосетки ме молеа да одам да ја видам. Нејзиниот маж имаше дрскост да дојде и да ми каже дека таа го родила нивното прво дете. Грубо го избркав. Ми ја соопшти веста стоејќи пред вратата, а јас му ја треснав право в лице. Ѕвер!

Дојде повторно и кога им се роди второто дете. Да, бесрамникот! Не му беше доволна првата навреда! Третиот пат се појави за да ми каже дека таа има рак и дека ме бара. Мислеше дека ќе ме скрши и дека ќе ѝ простам!

Одел низ соседството и плачел. Ги молел соседите да ме убедат да појдам да ја видам и да ѝ простам. Сите се луди! Не знаат која сум јас! Не го зеде ли оној што го сакаше? Така и ѝ треба!

— Човекот кого го засакала и со кого се омажила бил сиромашен?

— Не, напротив, има многу добра работа.

— Тогаш зошто не ѝ простивте?

— Затоа што не ме послуша. Зарем затоа ја одгледав — да прави што ќе ѝ текне? Е, не! Не може така! Јас такви нешта не поднесувам!

По два месеца, ѕверот повторно дојде за да ми каже дека таа починала.

— Верувам дека отидовте на погребот!

— Не, не отидов ниту на погребот!

— А подоцна, барем некогаш, отидовте ли сами на нејзиниот гроб за да ѝ го запалите кандилцето?

— Зошто би одела?

— Зарем сè уште ѝ се лутите?

— До смртта!

— Не се плашите ли од Бога поради сето ова што ми го кажувате?

— Не се плашам ниту од Бог, ниту од што било друго!

Нејзините зборови беа толку сурови што ми доаѓаше да ѝ удрам шлаканица. Да имав право да ја исфрлам од таксито, ќе ја оставев среде Атики Одос. Но, гледате, законот не ми го дава тоа право.

Почувствував толку голема болка за тоа девојче, кое се упокоило со толкава горчина во душата, а истовремено и толкава одвратност кон оваа жена, на која Бог ѝ дозволил да стане мајка! Повеќе не можев да ја слушам. Притиснав на гасот; брзиномерот стигна до 170 километри на час и возев како безумна. Сакав што побрзо да стигнам и да се ослободам од неа. Чувствував дека го загадува воздухот околу мене. Се задушував и не можев да дишам. Го отворив прозорецот за да влезе свеж воздух. Срцето ми чукаше како лудо; мислев дека ќе умрам.

Го вклучив радиото и го засилив звукот — повеќе сакав да слушам песни. Не можев веќе да ја слушам, иако нејзините зборови силно одекнуваа во моите уши. Не можев да поднесам тој ѕвер да седи покрај мене. Не можев, не можев!

Најпосле стигнавме на аеродромот и таа излезе.

Болката за тоа напатено девојче ме задушуваше. Ја наведнав главата врз воланот и горко заплакав. Тој ден не можев да продолжам со работа. Се вратив дома со огорчена душа.

Ниту следниот ден не можев да работам. Станав наутро, влегов во таксито и отидов во една црква. Запалив свеќа за душичката на таа девојка и ѝ се помолив на Пресвета Богородица да се смилува над неа, да ја има близу до Себе и да ѝ ја дарува љубовта што ѝ била ускратена од нејзината мајка.

Од мајката која своето срце го претворила во џунгла, во која се вгнездиле сите змии на злото, и која не оставила ниту една пукнатинка низ која би можела да ја осветли Божјата светлина и да ја разубави Неговата љубов!

Од книгата „Патувајќи по ѕидините на градот“, од монахињата Порфирија.

Атина, 2010 година.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!