![]()
Еве ги десетте основни правила на христијанскиот живот, формулирани од Јура Душевед (Јуриј Акимов, уличен поет и философ, кој своите творби ги раскажува на улица, пред минувачите) од улицата Трехсвјатска во Твер. Наречен е „душевед“, т.е. познавач на душата, поради неговата длабочина на мислите.
1. Живеј во однос на „братство со Бога“, а не „началник — извршител“
Откажи се од моделот: „Јас ги исполнувам правилата за Бог да ме награди“. Христос не дојде да ни даде нов закон, туку да нѐ направи Свои браќа и чеда Божји. Односот со Него се гради врз доверба и љубов, а не врз страв од казна или пазарење.
2. Одвој го своето вистинско „јас“ од емоциите и душевните состојби
Ти не си твојот гнев, ниту твоето униние, твојата радост или твојата гордост. Сето тоа се бранови што доаѓаат и си одат. Научи да ги набљудуваш отстрана. Тоа ослободува и од самобичување и од самообожување во верата.
3. Барај Го Бога не во религиозните доживувања, туку во секојдневието
Не трчај по „духовни“ состојби — топлина, солзи или восхит. Тие се непостојани и можат да бидат само последица на физиолошки процеси. Вистинската вера се пројавува во кратките молитвени обраќања во текот на денот: „Господи, еве, одам“, „Господи, еве, ручам“ — со кои секој миг од животот се поврзува со Бога.
4. Престани да ги оценуваш луѓето според поделбата „праведник — грешник“
Бог не ги разликува луѓето според нивните заслуги — како што се нагласува во Евангелието, сонцето свети и над злите и над добрите. Ако твојата праведност се темели врз презир кон „грешниците“, тогаш таа е лажна. Вистинската духовност е во способноста во секој човек да гледаш брат, дури и кога тој не постапува онака како што ти мислиш дека треба.
5. Откажи се од идејата за „напредување“ во духовниот живот

Не гради вертикална скала на совршенството. Чекор напред не значи „да станеш подобар“, туку да го промениш односот со Бога, така што тој ќе стане подлабок и поискрeн. Смирението не се состои во тоа да се сметаш себеси за полош од сите, туку да ги прифатиш сопствените ограничувања како реалност.
6. Простувај преку разбирање, а не преку снисходење
Немој великодушно да „замижуваш“ пред гревот на другиот. Потруди се да ги разбереш неговите побуди — во неговата слика за светот тој можеби сметал дека е во право. Ако го разбереш, нема да остане ништо што треба да му го простиш, бидејќи осудувањето ќе исчезне само од себе. Така живеел Исус.
7. Не прави од молитвата и покајанието цел сами по себе
Молитвата не е работа ниту заслуга. Покајанието не е бесконечно набројување на гревовите. Тие се потребни само за едно: да ги отфрлиш маските што ги носиш во различните животни улоги и да застанеш пред Бога онаков каков што навистина си — без некоја посебна причина и без никаква молба.
8. Ослободи Го Бога од улогата на „инспектор на моралот“
Бог не води евиденција за твоите гревови за потоа да те казни. Гревот не е само прекршување на некоја забрана, туку затворање пред Бога и пред другиот човек. Престани да се плашиш од Бога како од казнител и почни да Му веруваш како на Оној Кој те гледа онаков каков што навистина си.
9. Прифаќај ги другите такви какви што се, без обиди да ги „поправаш“
Христијанството не е проект за усовршување на човештвото. Ближниот не може насилно да се „преобликува во православен“. Твојата задача е да бидеш покрај него, а не да го менуваш. Различните облици на вера и побожност имаат право на постоење.
10. Оди низ животот со радост, а не со чувство на вина
Главниот дар Божји е животот, а не страдањето. Ако денот ти поминал без радост, тогаш не си ја остварил замислата Божја. Научи да благодариш за ситниците, да планираш нешта што ти причинуваат радост и да се грижиш за своето тело. Среќата е религиозна заповед, а не грев.
Христијанството не е систем од забрани, ниту пат на самоусовршување. Тоа е излегување од осаменоста на сопственото „јас“ и поаѓање во пресрет на Бога, Кој те гледа отаде сите твои дела, чувства и мисли.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев