![]()
Преподобниот отец наш Нифон Продромит се родил во 1799 година во областа Васлуј, во Молдавија, денешна Романија, од сиромашни, но длабоко побожни родители. Уште од младоста во неговото срце се разгорела љубовта кон Бога и желбата за монашки живот.
Кога слушнал за прочуениот духовник и исихаст, архимандритот Иринарх Росети, во 1826 година дошол во манастирот Хораица и се присоединил кон неговото братство. Таму примил монаштво и го добил името Натанаил. Под раководството на својот старец ги изучувал послушанието, смирението и непрестајната молитва. Архимандритот Иринарх подоцна станал познат и како ктитор на манастирот „Преображение Господово“ на гората Тавор.
Во 1840 година монахот Натанаил заминал за Света Гора заедно со еден монах по име Нектариј, подоцна втор ктитор на Продром. Најнапред се подвизувале во манастирот Кутлумуш, а потоа купиле ќелија во скитот „Света Ана“. Таму Натанаил примил голема схима и го добил името Нифон.
Гласот за неговото расудување и строг подвижнички живот привлекол и други монаси. Кога околу него се собрале повеќе ученици, отец Нифон со помош на својот собрат Нектариј купил поголема ќелија во местото Кираза, на земјиште што му припаѓало на манастирот Велика Лавра. Но во неговото срце веќе созревала поголема замисла: основање општежителен романски скит во Градината на Пресвета Богородица.

Околу 1850 година отците Нифон и Нектариј заминале во Молдавија за да побараат црковна и материјална помош. Таму биле ракоположени за свештенослужители и ја изложиле својата намера пред митрополитот Софрониј Миклеску и молдавскиот владетел Григориј Гика. Со нивна помош биле собрани 3.500 златници, а Велика Лавра го признала старото место Вигла-Јаникополи како романски скит.
Во 1852 година биле положени темелите на соборниот храм на скитот Продром, посветен на Богојавлението — Крштението Господово. По многу трудови, патувања, грижи и искушенија, храмот бил довршен и живописан. Во 1860 година го осветил архијерејот Исаија Викол, во присуство на свештенство и околу двесте поклоници од Романија. Тогаш преподобниот Нифон бил поставен за прв игумен на скитот.
Како игумен, преподобниот не се грижел само за градбите, туку пред сѐ за духовниот живот. Во скитот вовел секојдневна Божествена Литургија и богослужбен поредок според типикот на големите светогорски манастири. Послушанијата, трпезата и сето што било потребно за живот биле заеднички. Исповедта на браќата се извршувала редовно, а монасите често пристапувале кон Светата Причест.
Братството нараснало на речиси сто монаси и послушници. За болните преподобниот изградил болница и одредил браќа што ќе се грижат за нив. За младите монаси со дарба за пеење основал школа за псалтикија, која станала прочуена низ цела Света Гора. Нејзин главен учител бил схимонахот Нектариј Крецу, подоцна наречен „Славејот на Света Гора“.
Самиот преподобен Нифон бил строг најнапред кон себе. Многу постел, бдеел и непрестајно се молел. И во длабока старост стоел на певница за време на сеноќните бденија. Не дозволувал немарност во храмот, туку барал свештениците, ѓаконите, чтеците и псалтите да Му служат на Бога со внимание и благоговение. Не сакал долги гозби и почести: по завршувањето на Литургијата брзо се враќал во својот скит и кон монашкото правило.
Поради чистотата на животот Господ го удостоил со дар на прозорливост и исцелување. Романското предание сведочи дека по неговите молитви била исцелена ќерката на болјарот Николае Росети-Розновану, која страдала од тешка болест. Неговата слава, пак, не била човечка слава, туку плод на скриени молитви, пост и смирение.
Но Господ допуштил преподобниот да помине и низ тешки искушенија. Во 1870 година неколку разбунтувани монаси го принудиле да се повлече од игуменската должност. Тој поднел прогонство, навреди и неблагодарност без да ја загуби љубовта кон братството.
По враќањето во Романија го основал скитот Букиум кај Јаши како метох на Продром. По неколку години повторно дошол на Света Гора, но не побарал да му биде вратена поранешната власт. Се повлекол со неколку ученици во една пештера во пустината Вигла, недалеку од скитот што го изградил. До пештерата имал мал параклис посветен на Рождеството Христово, каде што секојдневно го извршувал своето молитвено правило, а на празниците служел Божествена Литургија.
Таму ги поминал последните години во молитва, пост и безмолвие. Според поновите романски црковни истражувања, однапред го познал денот на своето заминување од овој свет. Се упокоил во Господ на 5 декември 1899 година, опкружен само со тројца верни ученици. Бил погребан покрај својата пештера.
Во летото 1987 година неговиот гроб го отворил подоцнежниот игумен на Продром, преподобен Петрониј Танасе. Моштите на старецот биле најдени со убава килибарна боја, што браќата го примиле како знак на Божјата благодат.
Светиот Синод на Вселенската Патријаршија го вброил преподобниот Нифон во диптихот на светителите на заседанието од 16 до 18 октомври 2025 година. Неговиот спомен е определен да се празнува на 13 јули.
По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев