Житие на преп. Нектариј Продромит – Протопсалт

Spread the love

Loading

Преподобниот отец наш Нектариј Продромит се родил во 1804 година во градот Хуши, во побожното семејство на Василие Крецу и Јоица. На Крштението го добил името Николае. Имал шест сестри, од кои три подоцна примиле монаштво во манастирот Варатек, и постар брат по име Атанасиј, кој бил монах и црковен шивач во големиот манастир Њамц.

Откако родителите се упокоиле, Николае останал под грижата на својот брат. Атанасиј го испратил на училиште кај архиерејот Григориј при манастирот Голија во Јаши. Таму Николае го изучувал црковното пеење и уште како млад се истакнал меѓу другите ученици со својот прекрасен глас, музичка дарба и леснотија во усвојувањето на псалтикијата.

Потоа заминал во манастирот Њамц, каде што примил монаштво со името Нектариј. Во братството бил поставен за канонарх и псалт. Кога игуменот, гледајќи го неговиот благочестив живот, посакал да го ракоположи за ѓакон, Нектариј избегал во шумата, сметајќи се себеси недостоен за толку возвишен чин. Овој настан јасно го открива неговото длабоко смирение: тој не ги барал ни свештеничкиот чин, ни човечката слава, туку тишината и молитвата.

Заедно со братот Атанасиј извесно време престојувал и во други романски монашки средишта, меѓу кои Чолану, Калдарушани и скитот Кочок. Во овие места се сретнал со искусни учители на византиското црковно пеење и ја усовршил својата музичка дарба. Во 1842 година двајцата браќа заминале на Света Гора и се населиле во една колиба на скитот „Света Ана“. Во тоа време таму се подвизувале повеќе романски монаси, меѓу кои схимонахот Исаија и преподобниот Нифон, идниот ктитор на Продром.

Нектариј и Атанасиј живееле сиромашно и безмолвно. За да го заработат неопходното за живот, изработувале мали дрвени крстови. Но дарот на Нектариј не можел да остане сокриен. Кога светогорските отци го слушнале неговото пеење, почнале да го повикуваат на големите празници и манастирски бденија. Наскоро неговото име станало познато низ цела Света Гора.

Неговиот глас бил сладок, силен и истраен, исполнувајќи го целиот храм. Сепак, додека пеел, тој стоел неподвижно, без театрални движења и без да бара внимание. Неговиот ум бил насочен кон Бога, а пеењето било продолжение на молитвата. Поради неговиот извонреден дар го нарекувале „Нектариј Влавот“, „новиот Кукузел“, „протопсалт над протопсалтите“ и „Славејот на Света Гора“.

Светогорското предание раскажува дека еднаш во манастирот Ивирон, поради завист кон неговото пеење, му бил даден отров. Кога почувствувал дека му се слошува, притрчал кон кандилото пред чудотворната икона на Пресвета Богородица Портаитиса, се напил од елејот и повратил, избавувајќи се од смртта. Изворите го пренесуваат овој настан како сведоштво за особената закрила што Пресвета Богородица ја имала над него.

Се раскажува и дека можел да запише некоја сложена мелодија додека првпат ја слушал, а веднаш потоа верно да ја отпее. Но неговата големина не се состоела само во музичкото знаење. Тој не пеел за да се покаже пред луѓето, туку за да ги воздигне нивните срца кон Господ. Затоа современиците во него гледале не само голем уметник, туку псалт-исихаст.

Во 1854 година Нектариј и неговиот брат ја оставиле својата колиба во скитот „Света Ана“ и стапиле во новото братство на романскиот скит Продром. Таму Нектариј му бил послушен на преподобниот Нифон и ја раководел школата за црковно пеење. Преку неговите ученици продромитското псалтско предание се пренесувало и во следните поколенија. Меѓу духовните наследници на оваа школа бил и преподобниот Дионисиј од Колчу, кој ја изучил псалтикијата од монахот Јаков Дечу, ученик на Нектариј.

И покрај славата, преподобниот останал љубител на безмолвието. Славата не ја пуштил во своето срце. Колку повеќе луѓето го фалеле, толку повеќе тој се смирувал и ја барал осамената молитва. Во староста се повлекол во ќелија во пустината Вигла, каде што се подготвувал за средбата со Господ.

Се упокоил во ноќта меѓу 17 и 18 ноември 1899 година. Светиот Синод на Вселенската Патријаршија го вброи во диптихот на светителите на заседанието од 16 до 18 октомври 2025 година. Неговиот спомен се празнува на 18 ноември. Така преподобниот Нифон Му послужил на Господ преку ктиторството, духовното раководење и пустинското безмолвие, а преподобниот Нектариј преку смирената молитва и боговдахновеното црковно пеење. Два различни дара, но еден ист пат: целосно предавање на Христос.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!