![]()
Архимандрит Павлос Пападопулос
Некој ќе прочита душеполезна книга или објава на интернет, па душата ќе му се наслади. Донесува одлука да дојде во Црквата за да Го запознае Христос. И навистина доаѓа — својата одлука ја претвора во дело. Доаѓа да Го види Христос, да научи за Него. Но тоа не е доволно.
Повеќето доаѓаат во Црквата затоа што се восхитени од Христос и сакаат да Го запознаат — во најдобар случај, бидејќи луѓето речиси секогаш доаѓаат во Црквата за да ги решат своите проблеми. Но малкумина се подготвени да се сораспнат со Него.
И токму тоа е нашиот проблем. Црквата не ни Го нуди Христос само како нешто надворешно. Таа е Христос. Затоа, кога си во Црквата, повикан си да бидеш Христос. Да го доживуваш Неговото присуство не како нешто туѓо и различно од тебе. Повикан си и ти, како Него, да ги носиш врз себе белезите на Крстот.
Проблемот, значи, е во тоа што мислиме дека Црквата само нè запознава со Христос. Не. Црквата нè прави Христос. Прашањето е дали ние имаме храброст и смирение, самоодрекување и љубов, за и самите да станеме Христос по благодат.

Црквата, значи, не нè ослободува од нашиот крст, ниту ни ветува благосостојба и земна среќа. Напротив, нè повикува да се сораспнеме со Христос, за да станеме Христос.
Ако во Црквата бараме излез од нашите психолошки тешкотии, рамнотежа во нашата емоционална неурамнотеженост, решение за љубовните проблеми или подобрување на финансиската состојба — тогаш погрешно доаѓаме во Црквата.
Не затоа што Црквата не може да ни помогне и во овие области од животот, туку затоа што, кога од Црквата го бараме само тоа, со своето размислување и пристап ја обезвреднуваме нејзината цел. Всушност, го омаловажуваме она што ни го нуди Христос.
Црквата зборува за спасението, а ние зборуваме како да ги уништиме друговерците! Црквата зборува за вечноста, а ние зборуваме за лекот против ракот што „центрите на моќ“ го кријат од светот! Црквата зборува за смртта како за живот, а ние зборуваме за животот како за смрт!
Во Црквата можеме да најдеме мир и можеби да добиеме помош за многу прашања во нашиот живот. Но Црквата не постои само за тоа — поточно, воопшто не постои за тоа.
Исповедта, на пример, не е за да лелекаме затоа што нè оставило момчето или девојката. На Божествената Литургија не треба да одам само за да се причестам, а ако не се причестувам — воопшто да не одам. Постот не е формална обврска.
Затоа, целта не е само да Го запознаеме Христос, туку да се сораспнеме со Него. Да живееме како Него. Зашто, во спротивно, нашиот труд нема никаква смисла.
Нема смисла да Го познавам Христос ако не Го подражавам.
Добро, сум научил за Христос и знам сè за Него. И што од тоа? Целта е и јас — по благодат — да станам Христос. Тоа е спасението.
Црквата, значи, ни ја дава можноста не само да Го запознаеме Христос, туку да станеме Христос. Затоа Го јадеме и Го пиеме. Затоа и се нарекуваме христијани: не затоа што знаеме за Христос, туку затоа што се трудиме да живееме како Христос.
Ѓаволот знае сè за Христос, но од тоа нема никаква полза. Црквата не ни зборува за Христос само како за некакво академско знаење, туку нè повикува да живееме како Христос — со смирение, незлобивост, кротост, расудување, простување, снисходливост и љубов.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев