![]()
Ако го менуваш партнерот кога ќе се појават тешкотии, бегаш од себеси и бескрајно ќе го повторуваш истиот неуспех
Јеромонах Пантелејмон Шушња, манастир Оаша
Отец Пантелејмон од манастирот Оаша ни нуди еден коренито поинаков поглед на меѓучовечките односи, втемелен врз подвигот и духовната трезвеност. Ова гледиште го надминува современиот сентиментализам и ја претставува љубовта како свесно прифатен духовен труд. Во свет што трага по моментално задоволство, неговиот глас нѐ потсетува дека секоја душевна врска, во својата суштина, е повик кон светост и можност преку другиот да се огледаме во Божјата благодат. Со тоа тој нуди конкретен одговор на потребите на современиот човек.
Содржина:
- Дејството на благодатта во Божјата промисла за човечките односи
- Надминување на безизлезот преку духовно расудување
- Прифаќањето на крстот како темел на радоста
- Исцеление преку Божјото присуство во отсуството на другиот
Дејството на благодатта во Божјата промисла за човечките односи
Светоотечкото предание нѐ учи дека почетните чувства не се врвот на духовното доживување, туку само појдовна точка што ни е дадена според Божјата промисла. Човекот е склон почетниот восхит да го поистоветува со совршенството, но духовната зрелост бара свесен труд за негување на примениот дар. Без чување на умот ризикуваме своите душевни сили да ги потрошиме во бесплодни трагања. Секоја средба е семе на кое му е потребна почвата на жртвата за вистински да донесе плод во нашата душа.

Созревањето на еден однос зависи од сознанието дека почетниот восхит е само дар од Бога, кој треба да го возвратиме преку внатрешен труд. Ако останеме на површината на чувствата, никогаш нема да ја вкусиме длабочината на вистинското заедништво. Потребно е истенчено расудување за благодатната сила да не ја растуриме во минливи задоволства. Отец Пантелејмон го објаснува духовниот начин на кој почетниот дар, преку постојан личен труд и прифаќање на одговорноста кон другиот, станува трајна стварност:
„Ако Бог ти испрати љубов, тоа не значи дека веднаш ти дал и голема, совршена љубов. Таа љубов е само залог од Бога. Ако неразумно ја потрошиш, никогаш нема да стигнеш до вистинската љубов. Во почетокот можеби не изгледа голема, но ако се негува и се вложува труд во неа, таа расте сѐ повеќе. Љубовта не е чувство, туку сила. Треба да продолжиш понатаму“.
Надминување на безизлезот преку духовно расудување
Нашето внатрешно напредување зависи од начинот на кој се справуваме со кризите што неизбежно се појавуваат во секој заеднички живот. Гледани од духовна перспектива, искушенијата не се обични недоразбирања, туку воспитни средства преку кои Бог нѐ принудува да погледнеме во сопствената бездна. Одбивањето да ја прифатиме одговорноста за сопственото преобразување води кон постојано повторување на истиот безизлез, при што промената на партнерот станува само одложување на соочувањето со себеси. Единствено прифаќањето на сопствениот товар може да го отвори патот кон вистинска промена.
Бегањето од одговорноста, во својата суштина, е бегање од Бога, Кој дејствува преку нашиот ближен за да го обликува нашиот карактер. Кога другиот го обвинуваме за сопствената неисполнетост, се лишуваме од единствената можност духовно да напредуваме. Препреките се допуштени за да нѐ изведат од удобноста и да нѐ принудат да ги надминеме своите себични ограничувања. Отецот ја нагласува важноста свесно да го прифатиме овој процес на созревање, како и опасноста од откажувањето пред тешкотиите:
„Зашто безизлезот до кој доаѓаш во еден однос е, пред сѐ, твој, а не на другиот. Бог го допуштил за тебе — за да се надминеш себеси и да напредуваш. Менувајќи ја личноста, бегаш од себеси, бегаш од сопственото созревање. А препреката повторно ќе се појави во друг облик, без оглед на тоа кој ќе биде покрај тебе“.
Вистинитоста на еден однос се мери според нашата способност да се откажеме од себичноста што нѐ изолира од останатиот создаден свет. Жртвата не е загуба, туку начин да му направиме место на другиот во средиштето на своето битие, следејќи го Христовиот пример на целосно себепредавање. Во општество во кое владее индивидуализмот, подвигот во еден однос подразбира отсекување на сопствената волја за да се достигне повозвишено единство. Ова откажување е единствениот пат што дарува постојаност, втемелувајќи го заедништвото врз каменот на доброволната жртва:
„И љубовта е жртва. Го жртвуваш своето јас за да го доближиш до себе битието на другиот. Тоа е откажување од себеси. Жртвата му дава длабочина на секој однос. Таа ја зацврстува љубовта. Лесно е да се вљубиш, но многу е тешко вистински да љубиш“.
Прифаќањето на крстот како темел на радоста
Бегајќи од тешкотиите, современиот човек, всушност, бега од сопственото исцеление и од можноста да живее во полнота. Богословието на Крстот ни покажува дека нема воскресение без страдање. Во областа на чувствата тоа значи прифаќање на страдањето како пат на очистување. Оние што бараат само удобност остануваат на површината на постоењето, живеејќи бледи искуства лишени од духовна содржина. Само преку прифаќањето на крстот во еден однос можеме да стигнеме до радост што не зависи од надворешните околности:
„Бегаш од крстот — бегаш од воскресението, бегаш од радоста, бегаш од вистинската љубов! Без него не може. Без крстот го избираш полесниот и поудобен пат. Бидејќи не умееме да страдаме со радост и да му дадеме смисла на страдањето, ние, всушност, бегаме од животот. А сѐ што добиваме е од втор ред. Сите радости и љубови се разводнети. Сѐ што доживуваме е блуткаво“.
Ранливоста што ја подразбира отворањето на срцето е неопходната цена за да ја достигнеме длабочината на човечкото битие пред Создателот. Кога ќе дозволиме љубовта да нѐ обликува, стануваме чувствителни за болката, но и приемчиви за таинственото дејство на благодатта. Ако нашиот однос е втемелен во Бога, дури и загубата на другиот добива спасоносна смисла. Отецот ја разгледува болката од разделбата преку присуството или отсуството на Бога во срцето на човекот што избрал искрено да љуби.
Исцеление преку Божјото присуство во отсуството на другиот
Кога страдањето се доживува во дух на молитва и прифаќање на Божјата волја, тоа станува сила што нѐ води кон духовна длабочина. Ударите што ги примаме во длабочината на душата не се наменети да нѐ уништат, туку да нѐ отворат кон една повозвишена димензија на постоењето. Ако сме научиле во другиот да го гледаме Божјиот образ, ниту една разделба не може да биде целосна, зашто изворот на љубовта останува во нашето срце. Отец Пантелејмон ја опишува оваа стварност на душата што љубела во Бога:
„Зошто љубовните страдања се меѓу најболните? Затоа што човекот, кога љуби, се отвора и станува подлабок. Тогаш ударите ги прима непосредно во длабочината на своето битие. Но ако во љубовта бил присутен Бог, а другиот сепак си замине, Бог нема да остане должен“.
Ова Божјо надоместување доаѓа кога темелот на нашата приврзаност бил духовен, а не само страстен или посесивен. Бог го исполнува испразнетото место за да ни покаже дека Тој е крајната цел на секој човечки стремеж кон убавината и заедништвото. Оној што љуби правилно никогаш не може засекогаш да остане опустошен, зашто неговата љубов е вкоренета во вечноста. Завршниот дел од ова сведоштво нѐ поставува пред огледалото на сопствениот начин на кој се поврзуваме со ближните:
„Тој доаѓа и ја исполнува празнината, зашто ти не си го љубел само човекот што заминал, туку и Бога во него. По разделбата можеш вистински да бидеш скршен само ако Го немаш Бога. Ако си љубел неправилно, ако другиот те поседувал“.
Превод од англиски: Свештеник Јани Мулев