![]()
Архимандрит Павлос Пападопулос
Не правете го својот духовник законодавец на вашиот брак.
Улогата на духовникот не е да ги определува правата и обврските на сопружниците. Кога на брачната двојка ѝ е потребен некаков „судија“, тогаш веќе нема сопружништво, туку сè уште постојат само маж и жена.
Кога бракот ќе стане прашање на права и обврски, тогаш тој ја изгубил сета своја смисла. Ако одам кај духовникот за да ми даде право или да ги распредели брачните „должности“, тоа значи дека нема вистинска брачна заедница, односно дека меѓу сопружниците нема простување, меѓусебно прифаќање и љубов.
Секако, одговорност носи и духовникот доколку ја прифаќа таквата улога или, пак, ја поттикнува.
Проблемот не се решава со „духовник-судија“. Тој се решава кога сопружниците ќе го видат бракот како пат кон обожението. Кога тие гледаат на бракот како на пат кон самооправдување, духовникот не може да им понуди ништо суштинско.

Ако духовникот се впушти во таквата постапка, тогаш еднаш ќе му даде право на едниот, а другпат на другиот. Духовникот не е судија кај кого сопружниците ќе одат за да донесе пресуда кој е во право, а кој греши. Кај духовникот одиме за да ги откриеме својот егоизам и раните што произлегуваат од него, и за да се исцелиме.
Не обидувајте се својот духовник да го направите соучесник во ваквата состојба. Неговата улога е да советува, а не да донесува закони и да ја сведува брачната врска на список од добри и лоши постапки.
Улогата на духовникот е да ве приведе кон Христос, а не да ви даде право. Да не ја понижуваме улогата на духовниот отец. Не е негова работа да ги распределува домашните обврски, да одредува колку пари има право да троши секој од сопружниците или до колку часот мажот или жената смеат навечер да излегуваат со своите пријатели.
За сето тоа сопружниците треба сами да разговараат и сами да одлучат. Ако не можат да разговараат дури ни за таквите работи, тогаш… што може да каже духовникот? На крајот на краиштата, ако им е потребен духовник за да најдат решение за овие прашања, тоа значи дека меѓу нив не постојат ни најосновната зрелост и заемното разбирање.
За да донесе плод, советот на духовникот треба да падне на плодна почва, односно да наиде на смирение. Ако пред себе има луѓе кои не сакаат да се смират, туку бараат „волшебно решение“ без притоа да биде ранет нивниот егоизам, тогаш духовникот ќе биде само нем украс во еден театар на апсурдот.
П.С. Проблеми и несогласувања сигурно постојат во секоја врска. Ниту една врска не е „совршена“. Но несогласувањата не се лекуваат со закони и должности, туку со смирение и љубов.
Добар подвиг!
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев