![]()
Свештеник Сергеј Лебедев
Во пресрет на почетокот на новата учебна година, да размислиме за една очигледна тенденција — намалувањето на бројот на млади луѓе кои се запишуваат во богословиите со намера во иднина да станат свештеници.
На некои места во духовните училишта веќе има повеќе професори отколку новозапишани студенти. А притоа, не сите што ќе го започнат школувањето ќе стигнат до крајот. И не сите што ќе дипломираат потоа стануваат свештеници.
Уште повеќе, на постсоветскиот простор веќе има многу случаи кога богословиите, за да не бидат затворени поради недостиг од кандидати, се преобразуваат во своевидни центри за образование.
На пример, во 2024 година Синодот на Руската Православна Црква донесе одлука Владимирската, Костромската и Рјазанската духовна семинарија да бидат преобразени во центри за подготовка на црковни кадри, а нивните студенти да бидат префрлени во други богословии.
Но, во што е проблемот?
Ако ги споредиме 1990-тите, 2000-тите и 2020-тите години, ќе видиме дека не се променил само бројот на оние што сакаат да се запишат во богословија. Се променил и самиот општествен лик на свештеникот — а заедно со него и мотивацијата на младите луѓе.
1990-тите: „Свештеникот како човек што повторно добил можност да живее нормално“
По распадот на СССР ситуацијата беше речиси единствена.
За еден млад човек свештенството можеше да значи:
- можност отворено да живее христијански живот;
- обновување на она што претходно било забранувано или потиснувано;
- припадност кон нешто вистинско и автентично;
- романтика на духовната преродба;
- можност да стане дел од еден историски процес.
Постоеше и уште еден многу силен фактор — огромниот недостиг од свештенички кадар.
Свештеници имаше малку. Храмовите се отвораа еден по друг, а луѓе способни да служат во нив имаше катастрофално малку.
Затоа младиот човек пред себе гледаше нешто многу јасно: „Црквата се возобновува — и јас можам да учествувам во тоа“.
Тоа е многу силна мотивација.
Притоа, многумина од тогашните богослови беа деца или внуци на луѓе воспитани во советската култура. За нив црковниот живот беше своевидно откривање на еден дотогаш забранет свет.
2000-тите: „Свештеникот како почитувана професија“
Тука започнува една многу значајна промена.
Црквата веќе престанува да биде нешто егзотично.
Таа станува дел од општествениот живот.
Се отвораат богословии, манастири, неделни училишта, телевизиски канали, издавачки куќи.
Се појавува голем број нови парохии.
И свештеникот постепено, од „човек од некој друг свет“, се претвора во вообичаена општествена фигура.
Се појавува и една јасна перспектива: богословија — парохија — приходи.
Односно, црковниот систем станува институција во која човек може да изгради и сосема обезбеден живот.
2020-тите: „А зошто јас би станал свештеник?“
Токму тука настанува пресвртот.
Современиот млад човек веќе не ја доживува Црквата како нешто забрането или романтично.
Таа постои во текот на целиот негов живот.
И тој многу добро ја гледа не само убавата страна на свештенството.
Тој гледа:
- целосна зависност од владиката;
- постојани финансиски проблеми во парохиите;
- конфликти околу имотот;
- политизација;
- јавни скандали;
- епархиска бирократија;
- конфликти во самата црковна средина.

И тогаш се појавува едно сосема рационално прашање:
„Зошто ми е потребно сето ова?“
А ова прашање може да го постави и човек кој воопшто не ја изгубил верата.
Се променил и самиот млад човек.
Современиот млад човек е навикнат самиот да избира:
- професија;
- место на живеење;
- работодавец;
- начин на живот;
- модел на семејство;
- степен на образование.
Тој сака да знае: што точно избирам и каков ќе биде мојот живот по 10 или 20 години?
А свештенството многу тешко одговара на ваквото очекување.
Затоа што многу нешта не зависат од самиот свештеник:
- каде ќе биде испратен на парохија — одлучува владиката;
- колкави приходи ќе има — неретко и тоа не зависи толку од парохијата, колку од владиката;
- колку ќе биде слободен во своите јавни изјави — зависи од црковната управа.
Притоа:
- одлуките на владиката не се предмет на расправа, туку се извршуваат без приговор;
- владиката може, без образложение, да го лиши свештеникот од парохија, да му забрани да свештенодејствува и слично.
А за една генерација навикната на лична слобода и отвореност, ова е сериозен недостаток.
А сега, ми се чини, доаѓаме до најнепријатниот дел.
Постои уште еден фактор.
Во 1990-тите свештеникот беше пример за тоа каков човек може да стане некој.
Денес младиот човек многу почесто го гледа свештеникот како човек кој:
- постојано нешто му должи на претпоставениот;
- постојано поднесува извештаи;
- постојано собира пари за одржување на парохијата и за епархиски активности;
- постојано решава административни и стопански прашања.
Односно, ликот на „духовниот отец“ му го отстапи местото на ликот на „ефикасниот менаџер“, „администраторот-управител“, кој притоа треба да има и „деловни способности“…
А тоа се два сосема различни лика.
Затоа, ми се чини дека кризата на богословиите не е само криза на верата.
Во 1990-тите младиот човек го привлекуваше самата можност да Му служи на Бога.
Во 2000-тите го привлекуваше црковниот систем, кој брзо се развиваше и во кој беше можно да се изгради и своевидна кариера.
Денес тој веќе го проценува квалитетот на животот во рамките на тој систем — и не секогаш го смета свештенството за привлечен избор.
Оттука и намалувањето на бројот на кандидати.
А сето тоа може да се случува истовремено со зачувување на религиозноста и верата.
И токму ова, ми се чини, е многу важен момент.
Зашто, ако продолжиме проблемот да го објаснуваме исклучиво со зборовите: „Сето тоа е погубното влијание на Западот — младите станаа безбожници“, се плашам дека можеме да ја промашиме вистинската причина.
Можно е проблемот да звучи многу поболно.
Младиот човек вели:
„Јас верувам во Христа. Сакам да Му служам. Но не сакам да станам таков пастир каков што го гледам современиот свештеник.“
А тоа веќе, ми се чини, не е прашање до младите.
Тоа е прашање до нас.
До самата Црква.