![]()
(Беседа пред монасите)
Архимандрит Георгиј Капсанис
Сите христијани кои Го љубат Бога носат во себе еден копнеж: и тие сакаат да се преобразат.
Не сакаме нашиот живот да остане телесен; не сакаме да остане долу, приврзан за земното, за суетното, за страстите и за гревовите.
Можеби сме грешни и обземени од страсти, но во длабочината на душата копнееме по нешто друго. Копнееме да се преобразиме, да престанеме да бидеме страстни луѓе и да станеме духовни; да го победиме стариот човек, да го победиме егоизмот, и темнината што постои во нас да биде победена од Светлината Христова; од темни какви што сме, и ние да заблескаме во Христовата Светлина, уште во овој сегашен живот.
Но самиот настан на Преображението, односно начинот на кој се случило Преображението, ни покажува и како можеме и ние да ја вкусиме таа Светлина, и самите да заблескаме во неа, та и нашиот живот да стане светол живот.
Да обрнеме внимание, браќа мои, на три нешта.
Првото е дека Преображението на Господ, според химнографијата на нашата Црква, се случило „на висока гора“. Не се случило во некоја рамнина, долу, туку на височина.
Отците на нашата Црква толкуваат дека тоа значи оти човекот, за да ја вкуси Христовата Светлина, треба да се искачи на повисока духовна состојба; треба да ги победи своите страсти и да ги исполнува Божјите заповеди.

Потребно е искачување за да Го видиш Бога.
Не можеш да останеш долу, приврзан за земното, за насладите, за уживањата, за суетата и за удобниот живот, и таму да Го видиш Бога. Треба да се издигнеш над сето тоа.
А како ќе се издигнеш над него?
Ако се бориш да ги победиш своите страсти, стариот човек, телесното мудрување, егоизмот, гордоста, суетната слава, алчноста, лакомоста, ненаситноста и неправдата.
Кога ќе се бориш и ќе го надминеш сето тоа, исполнувајќи ги Божјите заповеди, токму тоа е искачувањето кон Таворската Гора. Тоа, според отците, е делото, подвигот.
Второто што го направиле светите апостоли, за да ја вкусат оваа Светлина, како што видовме денес, е тоа што покажале послушание.
Тие не се искачиле по своја волја. Не Му рекле тие на Господ: „Да одиме на Таворската Гора“. Господ им рекол: „Дојдете со Мене, да одиме на Таворската Гора“, а тие рекле: „Нека е благословено“, и тргнале со Господ. Покажале послушание.
Значи, вториот предуслов за човекот да може да ја вкуси Божјата Светлина и самиот да заблеска во неа е да живее во послушание кон Божјите заповеди, кон Црквата и кон својот духовен отец.
Човекот, надвор од послушанието кон Христовата Црква и кон својот духовен отец, не може да ја види Светлината на славата Господова, ниту да ја вкуси таа Светлина и да ѝ се зарадува.
Затоа, второто нешто на кое треба да обрнеме внимание како православни христијани е дека послушанието е неопходно за да може нашиот живот да се преобрази.
Но послушание не покажале само светите апостоли. Послушание покажал и нашиот Владика Христос.
Тој Му бил послушен на Бога Отецот, зашто Богочовекот Господ секогаш ја исполнувал волјата на Својот Отец.
И ако Господ ја примил оваа слава на Преображението и ја пројавил како Бог, и ако Неговата човечка природа била прославена на таков начин, тоа било поврзано и со Неговото совршено послушание, кое со крајно смирение го покажувал кон волјата на Небесниот Отец.
И третото нешто што ни остава силен впечаток е дека светите апостоли можеле да ја вкусат оваа Светлина затоа што биле во заедница со Христос, а преку Христос и со Бога Отецот и со Црквата.
Тие не биле изолирани поединци. Не биле луѓе кои се обидувале да бидат побожни затворени во самите себе, одвоени од Христос и од Црквата.
Тие биле членови на Црквата.
И токму затоа што биле членови на Црквата и на Господовото братство, можеле да ја видат Христовата Светлина.
(Од книгата: Архимандрит Георгиј, „Беседи за неподвижните Господови и Богородични празници“, издание на Свештениот манастир „Преподобен Григориј“, Света Гора, 2015, стр. 118.)
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев