![]()
Отец Василиј Термос
Прашање: Главното прашање што се поставува кога зборуваме за границите е поврзано со одрекувањето од себеси и со отфрлањето на себељубието, нешта што од нас ги бара духовниот живот на Црквата. Како ќе се постигне тоа ако поставуваме граници за себеси? Како ќе се изгубиме себеси, како што пишува во Евангелието, ако се заштитуваме? Впрочем, зар прекршувањето на сопствената волја не го поткаструва егоизмот?
Одговор: Овие прашања помагаат богословски да се разјасни темата.
Одрекувањето од себеси се темели врз Христовите зборови и има за цел отфрлање на себељубието и егоизмот; тоа не значи самоукинување на човекот.
Себељубието е болна љубов кон самиот себе, додека зачувувањето на границите е здрава љубов кон себеси, која човекот не може да ја нема, зашто без неа ќе се распадне и ќе развие психолошки нарушувања.
Да го погледнеме тоа и од друга страна: Бог нè создал и многу нè љуби. Можно ли е тогаш ние да не го љубиме она што Бог го љуби?
Тоа припаѓа на здравата љубов кон себеси. Токму врз неа Бог ја темели заповедта: „Љуби го својот ближен како себеси“, затоа што знае дека човекот се љуби себеси.
Себељубието, пак, е сето она вештачко „надувување“ околу нашето јас, конструкцијата што ја создаваме околу сопствената личност. Создаваме слика за себе која не е реална, а потоа емоционално ја вложуваме и почнуваме да ја сакаме, па дури и да ја обожаваме.

Замислете ја земјата, а околу неа сфера десетпати поголема, која веќе не е нешто реално и опипливо, туку е составена од некаква маглива материја што само додава волумен.
Тоа е себељубието.
Секој човек има помали или поголеми области во кои го „надувал“ своето јас. Токму тоа бара одрекување и целосно уривање, според Христовите зборови. А тоа се постигнува преку смирението и подвигот на Црквата. Затоа подвигот е болен: се искоренуваат љубови кои веќе постојат и кои пуштиле длабоки корени.
Мислам дека оној што не се засакал себеси на здрав начин, не може вистински да го сака ниту другиот. Не може вистински да се жртвува, туку на крајот ќе му ја испрати „сметката“ за својата жртва. А тоа многу често се случува.
Самоодрекувањето и принудувањето на себеси за кои зборува Христос, се разбира, немаат ни трага од пресметка. Човекот не чувствува дека прави жртва, ниту гледа дека нешто принесува; неговиот поглед воопшто не е свртен во таа насока.
Како што вели свети Јован Лествичник:
„Ако ги отвориме очите и ги видиме своите добродетели, веднаш го губиме целото богатство што сме го собрале“.
А сега за следното прашање: отсекувањето на сопствената волја го поткаструва егоизмот, но не ја поткаструва личноста.
Ако почне да ја уништува личноста, тогаш се создава болна состојба. Тогаш принесувањето не е вистинско, или, дури и да е, на крајот ќе ја има онаа „опашка“ за која зборувавме.
Се разбира, ова е богословско поставување на прашањето. Разбирам дека во практиката понекогаш е тешко да се разликува каде се границите. Потребни се многу расудување и просветлување од Бога за да разбереме дали во нас се бунтува егоизмот или, пак, се повредува нашата личност.
Прашање: Но како да не ја помешаме заштитата на нашата личност со егоизмот?
Одговор: Мислам дека би биле утописти ако веруваме дека е можно човек да порасне така што како возрасен воопшто да нема егоизам.
Знаеме дека тоа не се случува. Сите сме подложни на егоизмот, а нашиот труд е колку што можеме да ја намалуваме оваа вештачка конструкција, а на своите деца да им помогнеме да имаат што е можно помалку егоизам, без притоа да паднат во другата крајност — да им се изгуби личноста.
Ќе наведам неколку примери за тоа како можеме да ја препознаеме оваа граница.
Наместо зборот „личност“ би можеле да го употребиме зборот „ипостас“, односно: до кој степен другиот ја засега мојата ипостас, и кога треба да го прифатам она што ми го бара, затоа што така ќе го намалам својот егоизам.
Со други зборови, сакам да го разграничам здравото од болното.
Понекогаш постојат објективни критериуми според кои можеме да го направиме тоа.
На пример, ако сметам дека треба да го хранам своето петгодишно дете во уста, иако тоа може самото да јаде, објективното знаење ми кажува дека не треба да го правам тоа. Ги нарушувам неговите граници и долгорочно го правам неспособно.
Или, ако му ги решавам задачите по математика за на училиште, тоа објективно може да се препознае како погрешно.
Другпат, пак, чувството е субјективно. Нешто во нас, некое внатрешно сетило, нè известува дека нешто не е во ред.
Една девојка, која тогаш имаше дваесет и една година и штотуку прекинала врска што траела три години, ми рече:
„Како да се будам од длабок сон. Чувствував дека не сум јас“.
Таа изградила однос на зависност од другиот. Врската била болна и три години се чувствувала како болна; не живеела како своја, вистинска личност.
Затоа, една љубовна врска што прави другиот да се чувствува отуѓен, како да ја изгубил својата личност, а и луѓето од страна гледаат дека наместо да биде радосен и среќен станал мрачен и нерасположен — тоа е уште еден знак на ова внатрешно сетило.
Се разбира, не секогаш можеме да го чуеме во самиот момент. Понекогаш го разбираме дури подоцна.
„Патеки на љубовта и знаењето“
Издание на „Архондарики“
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев