![]()
Отец Василиј Термос
Прашање: Сакав да кажам дека во Псалмите, барем колку што се сеќавам, не се зборува за љубов кон сите. Христос ни зборуваше за љубовта. Дали се доволни простувањето или сочувствувањето, или човек треба да го засака својот непријател како самиот себе?
*
о. Василиј: Би предложил да излеземе од логиката на прашањето: „Што е доволно?“
Зашто таквата логика носи опасности и стапици. Една од стапиците е човек во еден момент да си каже: „А, добро, тогаш ќе останам до тука“.
А оние што го кажувале тоа, гледаме во Евангелијата дека Христос ги укорувал.
Всушност, единствените кон кои Христос бил строг биле оние што велеле: „Доволно е. Еве, Ти го принесов ова, сега треба да ме спасиш“. Тоа биле фарисеите.

Такво нешто има и кај некои од нас денес.
Треба да излеземе од таа логика.
Не треба да нè занимава што е доволно. Нашата грижа треба да биде: што повеќе можам да направам?
И тоа не го правиме од обврска, туку од љубов и доверба кон Месијата, кон Христос.
Колку повеќе можам да заличам на Него?
Бидејќи целта е да станеме слични на Него, да ги стекнуваме Неговите својства — колку што ни е возможно.
Секој според својата мера, докаде што може да стигне.
„Криза на срцето“ — Издание на „Армос“
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев