![]()
Преображението на нашиот Христос, според временскиот тек на настаните, се случило приближно четириесет дена пред Неговото Распнување. Значи, не се случило на 6/19 август.
Тогаш, зошто нашата Црква го празнува Преображението на Спасителот Христос на 6/19 август?
Црквата го пренела празнувањето на Преображението на 6 август, додека во првите години тоа се празнувало пред Пасха, затоа што света Елена на Гората на Преображението, на местото каде што точно се случило Преображението, изградила величествен свет храм посветен на Христовото Преображение. Осветувањето на тој храм било извршено на 6/19 август. Така, постепено се востановило на 6/19 август да се празнува осветувањето на храмот на Преображението на гората Тавор. Оттогаш овој празник останал да се празнува на 6/19 август, сè до денес.
Знаете ли дека Христос никогаш не се преобразил?

Да, Христос никогаш не се преобразил; учениците се преобразиле и ним им било дадено да ја видат Неговата слава, колку што можеле да ја поднесат.
Христос, како Бог, светел и тогаш кога се родил во Витлеемската пештера. И кога одел по патиштата, повторно светел. Немало ниту еден миг во кој Неговата слава, како Бог, Го напуштила. Тој секогаш светел.
Луѓето од она време, како и ние денес, поради гревовноста на сите нас, не сме способни да ја видиме таа светлина и Слава што Го опкружува Исус како Бог.
Но оние што ќе ги очистат својата душа и своето тело од гревот, тие можат да ја видат Неговата Слава — Несоздадената Светлина што Го опкружува и што зрачи од Божеството на Исус Христос.
Затоа, ние сме должни да се преобразиме: од волци да станеме овци; од црни гаврани — бели гулаби; од грешници — светии.
Токму затоа Црквата секоја година го празнува настанот на Преображението. Таа сака да нè потсети дека, ако сакаме да ја видиме Христовата Слава, треба да го промениме начинот на живот и својот карактер, како што се промениле и Неговите ученици.
Да ни даде нашиот Господ на сите нас многу години — време за покајание — за да го достигнеме и нашето сопствено преображение.
Амин.
Старец Нектариј Мулациотис
6 август 2026
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев